За актуелните состојби во Црна Гора пренесуваме мислење на Срѓа Павловиќ, предавач на Катедрата за историја и класици на Универзитетот на Алберта во Едмонтон, Канада, кој ја одбра „Нова Македонија“ како референтен македонски медиум за изнесување на своето експертско мислење
Срѓа Павловиќ
Кризата во Црна Гора има три причини: желбата на државата да воспостави контрола над финансиските средства што сега ги приходува Српската православна црква (СПЦ), односот на таа црква кон прашањето на црногорската државност, односно судирот на српскиот и црногорскиот национализам и подготовките за претстојните избори. Сечилото на критиката на оние што, под водство на свештениците на СПЦ мирно протестираат на улиците на црногорските и некои српски градови, е насочено против усвоениот Закон за слобода на вероисповед. Истовремено, тоа е протест против владејачката елита, која од 1997 година го прегрна црногорскиот национализам и ја промовира Црна Гора како наследничка на средновековните протодржавни формации.
Така видената држава е формализирана со референдумот од 2006 година. Како дел на државотворниот проект е обновена и Црногорската православна црква (ЦПЦ).
Пред да биде Кралството Црна Гора анектирано од страна на Србија (1918), со одлуките на таканареченото Подгоричко собрание, ЦПЦ беше независна и автокефална. Во каталогот на православните цркви, Синтагма, од 1851 година, ЦПЦ се наведува како автокефална. Нешто подоцна, со истиот статус се појавува и во каталогот што, по одобрение на Цариградската патријаршија, е објавен во Атина во 1855 година. Статусот на ЦПЦ беше регулиран и со Уставот на Кнежеството Црна Гора (1905). Членот 40 на Уставот констатира дека државна вера во Црна Гора е источноправославната и дека Црногорската црква е автокефална.
Пред анексијата, имотноправните односи меѓу црквата и државата беа регулирани така што државата беше сопственик, а црквата имаше право на користење на објектите и имотот. Како што тоа беше случај со неговите претходници на црногорскиот трон, до воведувањето реформи 1868 година, во име на државата Црна Гора, со православните верски објекти и имотот располагаше кнезот Никола Први Петровиќ.
По анексијата, владејачката елита во Србија и СПЦ го рационализираа преземањето на црковните објекти и имоти така што се повикуваа на револуционерниот карактер на т.н. Подгоричко собрание и на состанокот на православните старешини од Кралството на СХС. Познат како Собор на сите српски православни архијереи, овој состанок е одржан на 13/26 мај 1919 година, пет месеци по анексијата на Црна Гора. Соборот донесе одлука за единство на сите српски православни црковни области и тоа беше основа за подоцнежниот декрет на регентот Александар Караѓорѓевиќ за обединување на сите православни црковни области во Кралството на СХС.
Дека економскиот а не канонскиот мотив бил придвижувачка сила на овој акт за обединување на црквите потврдува писмото на вселенскиот патријарх Мелентиј Четврти и Светиот синод на Вселенската патријаршија, обнародено на 24 февруари 1922 година. Со ова писмо се признава издигнувањето на СПЦ на Кралството на СХС на ниво на патријаршија, со констатација дека овој чин е „повеќе во согласност со црковната економија (со опортуноста), отколку со прецизноста на канонскиот ред“. Владата на Кралството на СХС за овој чин ѝ исплати на Цариградската патријаршија 1,5 милион златни франци.
Иако иницијаторите на протестите во Црна Гора на сето ова му даваат нагласен верски и национален тон („…не ги даваме светилиштата“… „едно семејство“…), државната сопственост над црковните објекти не е преседан. Таа е позната и во други држави, како што се Хрватска и Италија на пример. Прашањето е до која мерка е оправдан стравот од „грабнување на светилиштата“.
Поважни прашања се оние за причините зошто овој закон е усвоен сега и зошто тоа се направи на овој начин.
Предизборното јакнење на позицијата на владејачката коалиција меѓу резигнираните суверенистички гласачи и хомогенизацијата на опозициското гласачко тело на Демократскиот фронт (ДФ) беа силен мотив за усвојување на овој закон сега, односно за нагласено агресивната реакција на ДФ во Собранието на Црна Гора. Во овој судир двата политички соперници изгубија значаен политички капитал.
Брзоплетото усвојување на законот по апсењето на опозицискиот пратенички клуб на ДФ не е најсветол пример на демократска практика, па владејачката коалиција носи одреден степен на одговорност за настанатата криза. Од друга страна, со предизвикување инцидент во собраниската сала и со заканите за кинење раце на оние што гласаат за спомнатиот закон, ДФ се самодекларира како радикална политичка структура што своето дејствување го координира со политичките актери од соседната држава. За волја на вистината, ваквиот радикализам е и последица на силниот политички и судски притисок на кој е изложен ДФ веќе неколку години.
Мирните протестни прошетки на илјадници верници и дистанцирањето од политичките партии се јасна порака дека СПЦ е структура што, де факто, е најсериозна конкуренција на владејачката коалиција во Црна Гора. Очигледно е дека бројките се на страната на СПЦ, како и тоа дека способноста на црквата да извади на улица голем број верници лесно може да се употреби во некој иден изборен натпревар. Исто така е јасно дека митрополитот Амфилохиј нема да допушти, освен него, во Црна Гора да постои друг лидер на црногорските Срби. Пораката за политичката сила на СПЦ истовремено е упатена и до властите во Белград.
СПЦ ќе ја искористи оваа потврда на својата политичка сила како аргумент во претстојните преговори околу темелната спогодба меѓу СПЦ и државата Црна Гора. По успешната демонстрација на моќ на СПЦ и по покажаната подготвеност на државата да се воздржи од позначајна употреба на сила при контролата на демонстрантите, двете страни изгледаат подготвено да ги започнат преговорите за поделбата на приходите од имотот со кој сега стопанисува црквата, но и околу формите и дострелот на политичкото влијание на црквата во Црна Гора. Верските старешини на СПЦ во Црна Гора рекоа дека нивната цел е значајна корекција на усвоениот закон, а не смена на власта. Би било изненадување ако Владата на Црна Гора го одбие овој повик на преговори.
Досега најсилната опозициска структура, Демократскиот фронт, е најголемиот губитник во оваа политичка игра. Иницирајќи ги и водејќи ги протестните прошетки, СПЦ во Црна Гора (сеедно дали случајно или како дел од координиран план) му ја одзеде можноста на ДФ политички да го артикулира незадоволството на верниците и уште повеќе го изолира овој политички сојуз. Со тоа на ДФ му е нанесена сериозна штета, која владејачката коалиција ќе ја искористи во предизборната кампања. ДФ беше принуден да се врати на своето поранешно барање за смена на власта преку тешкоостварливиот модел на техничка влада.
Се стекнува впечаток дека ситуацијата се смирува и дека постепено се пополнува мозаикот на новите политички актери и односи на силите во Црна Гора, во кој има сѐ помалку простор за ДФ, а ѐ повеќе за великодостојниците на СПЦ во Црна Гора. Преговорите што би резултирале со потпишување на темелната спогодба меѓу државата Црна Гора и СПЦ би можеле да водат кон уште поголема маргинализација на политичките актери што до моментот на отворањето на кризата околу Законот за слобода на вероисповедта во собраниските клупи ги дефинираа желбите и надежите на српското избирачко тело во Црна Гора.
(авторот е предавач на Катедрата за историја
и класици на Универзитетот на Алберта
во Едмонтон, Канада)