Во категоријата најдобар документарец, за најголем фаворит, а наедно и конкурент на „Медена земја“ го сметаат „Американска фабрика“, првиот филм на продукциската компанија на Барак и Мишел Обама. Во категоријата за најдобар странски филм, пак, филмот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е еден од двата големи хита на дистрибутерот „Нион“ на годинашните „оскари“. Вториот е јужнокорејскиот „Паразит“, кој, меѓу шесте номинации, ќе биде најголем конкурент на „Медена земја“ за „оскарот“ за најдобар странски филм
Американската филмска академија ги објави номинациите за престижната награда „оскар“, чие 92. свечено доделување ќе се случи на 9 февруари. Годинешните доделувања ќе се одржат во театарот „Долби“ во Лос Анџелес и нема да имаат домаќин. „Оскарот“ се доделува во 24 категории. Како што јавноста веќе знае, македонскиот документарец „Медена земја“ влезе во официјална конкуренција за наградата во две категории. Со кои филмови ќе се натпреваруваат нашите филмаџии Тамара Котевска и Љубо Стефанов и каква е конкуренцијата?
Имено, во категоријата најдобар документарец, покрај „Медена земја“, избрани се уште четири филма: „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“ и „За Сама“. Многумина го сметаат документарецот „Американска фабрика“ за фаворит, бидејќи е првиот филм на продукциската компанија на Барак и Мишел Обама.
– Мило ми е за номинацијата на „Американска фабрика“ за најдобар документарен филм. Тоа е вид приказна што не ја гледаме доволно често и токму тоа е она што Мишел и јас се надеваме дека ќе го постигнеме со нашата продукција. Честитки до неверојатните филмаџии и целиот тим! – напиша Барак Обама на Твитер.
Приказната на „Американска фабрика“ на режисерите Џулија Рајхерт и Стивен Богнар влегува во напуштената фабрика на „Генерал моторс“, која беше претворена во фабрика за стакло од еден кинески милијардер, доведувајќи мешавина од надеж и култура во градот Охајо. Поранешниот американски претседател на Твитер напиша дека „добра приказна ви дава шанса подобро да разберете нечиј друг живот. Може да ви помогне да пронајдете заедничка основа“. Од објавувањето, филмот доби голем број признанија, меѓу кои и најдобар документарен филм на наградите „готам“ и награда на асоцијацијата на филмските критичари на Лос Анџелес, како и номинации за наградите „бафта“ и „идепендент спирит авард“.
Во категоријата за најдобар странски филм, пак, во изборот влегоа и „Корпус кристи“ на Јан Комаса (Полска), „Клетници“ на Лаџ Ли (Франција), „Болка и слава“ на Педро Алмодовар (Шпанија) и „Паразит“ на Бонг Јон Хо (Јужна Кореја).
– Ако Академијата го смета „Медена земја“ за еден од петте најдобри документарци и петте најдобри странски филмови, нели би можел да влезе и во трката за најдобар филм – прашува угледниот сајт „Индиваер“.
Филмот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е еден од двата големи хита на дистрибутерот „Нион“ на годинашните „оскари“. Вториот е јужнокорејскиот „Паразит“, кој, меѓу шесте номинации, ќе биде најголем конкурент на „Медена земја“ за „оскарот“ за најдобар странски филм.
„Паразит“ е шести филм што во иста година доби номинација за најдобар странски филм и за најдобар филм. Претходните пет, вклучувајќи го и „Рома“ лани, победија само во првата категорија. Бонг Јон Хо е првиот Јужнокореец номиниран за најдобар режисер. Откако „Паразит“ му ја донесе „златната палма“ на Бонг Џун-хо на ланскиот Кански филмски фестивал, возбудата на филмските критичари за ова јужнокорејско кинематографско остварување и безбројните позитивни критики го направија еден од најбараните и најочекувани филмови последниве неколку децении. Ова е втор азиски филм едноподруго што се закитува со „златна палма“ во Кан, по одличниот јапонски „Крадци“ на Хирокатсу Хоре-еда во 2018 година. Македонската филмска публика имаше можност да го погледне „Паразит“, во рамките на филмскиот фестивал „Синедејс“ и да се воодушеви од ремек-делото што го остави светот без зборови. Режисерот Бонг Џун-хо ни е познат по успешните остварувања „Окџа“, „Сеќавања за едно убиство“, „Мајка“, „Домаќинот“ и „Сноупирсерс“, а со „Паразит“ тој само докажува дека е уметник што целосно ужива во својата работа. Експериментирањето, пак, со различните филмски жанрови и тематики е нешто што само го истакнува неговиот талент, како и средство што ѝ помага на неговата маестралност да избие на површина
– Додека го снимав филмот, се обидував да прикажам еден сентимент што е типичен за корејската култура и мислев дека филмот ќе биде целосно корејски, гледано од странска перспектива. Но откако почна да се проектира филмот, сфатив дека реакциите на сите различни публики, всушност, беа исти. Така сфатив дека ова е универзална тема. Во основа, сите ние живееме во иста земја, наречена капитализам – забележува дури и самиот режисер.
Филмот „Клетници“ на косценаристот и режисер Лаџ Ли, тргнувајќи од свои искуства, ја опсервира современа Франција. Како ехо на демонстрациите на „жолтите елеци“, во едно париско гето, социјално-класната дијаметрална поделеност од богатите, како своевидна урбана герила, е насликана од експлозивно одличната снимателска екипа, предводена од кинематограферот Жулиен Пупард. Филмот беше во конкуренција за награда на ланскиот фестивал „Браќа Манаки“.
Во компетицијата со „Медена земја“ е и ремек-делото, според многумина моралниот победник во Кан, „Болка и слава“, автобиографска визија за себе како човек и уметник, на сценаристот и режисер Педро Алмодовар.
Салвадор Маљо, филмски режисер на постари години, доживува низа повторни средби. Некои од нив се во живо, други пак се спомени.
Неговото детство во шеесеттите години на минатиот век, кога се доселил со родителите во едно село во Валенсија во потрага по подобар живот; првата симпатија; првата љубов во Мадрид во 1980-тите години и болката на раскинувањето на врската додека неговата љубов сѐ уште била жива и силна; пишувањето како единствена терапија да се заборави тоа што не се заборава; неговите почетоци со филмот; и бескрајната празнина што ја открива неможноста да продолжи да снима филмови.
Преку потсетувањето на минатото, Салвадор ја наоѓа силната потреба да го раскаже и во таа потреба го пронаоѓа и сопствениот спас… Ова е накратко содржината на новиот филм на Алмодовар.
Приказната е толку моќна што светот е желен да ја чуе
„Половина за мене, половина за тебе“, вели Атиџе кога го дели медот со пчелите. Таа е последната жена одгледувач на диви пчели во Европа. Живее сама со својата мајка, во напуштено село во централна Македонија. Атиџе води борба за рамноправност меѓу човекот и природата. Преку нејзиниот начин на работа апелира да земеме од природата онолку колку што ни треба. Нејзиниот живот, секојдневието, љубовта кон пчелите и медот, процесот на производство на мед, егзотичната врска меѓу човекот и природата се прикажани во 85-минутниот документарен филм „Медена земја“.
Филмот има цел да ја прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на Земјините ресурси, во случајов пчелите и медот. Она што го прави посебен документарецот „Ханиленд“, или „Медена земја“, е тоа што е препознаен во светски рамки. Приказната е толку моќна што светот е желен да ја чуе. Режисери на филмот се Љубо Стефанов и Тамара Котевскa, сниматели Фејми Даут и Самир Љума, на музиката се потпишуваат членовите на „Фолтин“, а музички супервизор е Рана Еид од „ДБ студиос“ од Бејрут.
Идејата за „Ханиленд“ потекна за време на теренските истражувања во степоликото подрачје на долниот дел на Брегалница, што изобилува со извонреден и уникатен биодиверзитет. Швајцарската агенција за развој и соработка ја препозна вредноста на овој документарец и затоа ја поддржа идејата за снимање и продукција. Филмот испраќа моќна порака за издигање на јавната свест за зачувување на природата и промовирање на одржливото користење на природните ресурси.