На што би потрошиле девет милиони евра, колку што државата предвиде за следните избори, кои ќе се одржат во април годинава, ги прашавме нашите познати писатели, сатиричари, радио и ТВ-уредници, музичари и пејачи. Според писателот Киро Донев, не станува збор за тоа како сега би ги поделиле тие 9,3 милиони евра, туку за мудроста да не доаѓаме во таква ситуација да трошиме пари на народот во ветер.
– Има многу места каде што се неопходни овие пари, на пример во можноста сите во земјава да имаат достоинствени пензии, но што потоа кога ќе ги разделиме. Треба да не дојдеме воопшто до таква ситуација. Бидејќи колку и да делиме, нема да бидеме домаќини. Човек кога ќе почне да гради куќа, треба претходно да направи сѐ што е потребно, нормално да живее во неа, да ги заврши сите работи таа да стане негов дом. Една кинеска поговорка вели „наместо да го нахраниш човек со риба, подобро научи го како да лови риба“ – вели Киро Донев.
Писателката Татјана Гогоска, од неодамна уредничка во Алфа-телевизија, вели дека оваа висока сума пари би ја распределила таму каде што е најпотребно.
– Во државава има не повеќе од стотина деца што се борат со тешки болести, а нивните семејства продаваат куќи, станови, органи, собираат донации за да ги спасат. Веднаш еден милион би одвоила за тоа. Другите два милиона би ги распределила за изградба на мали пристојни домови за оние што живеат на улица, под мостови, во трошни куќи, во кои и децата им горат. Што станува со јавното здравство, со болниците што имаат кревети од времето на Втората светска војна? Ете, два милиони би вложила во тој дел на здравството и, секако, за оние лекови што се многу скапи, а се за ретки болести. Следните 4 милиони евра би ги инвестирала во отворање работни места, не смее да има човек што е способен за работа да страда за преживување – истакна Гогоска.
Таа даде и свој одговор на прашањето од каде се парите во чантите „луј витон“, кои секојдневно ги гледаме на телевизиските екрани, како илустрација за малверзациите во аферата „Рекет“.
– Овие чанти „луј витон“ се полни со украдените пари од народот, од дневниците и беснотилаците на пратениците, од оние што 10 пати си го зголемија богатството за само две и пол години власт. Има таму, се чини, десет пати повеќе од оваа огромна сума од 9,5 милиони евра – категорична е Татјана Гогоска.
И Ранко Петровиќ, режисер и основач на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ и прв човек на Радио Бубамара, овие фиктивни пари би ги ставил во брендираните торби за кои слушаме веќе со месеци, со иронична порака упатена до политичарите.
– Девет и пол милиони евра е најубаво да бидат распоредени во девет торби „луј витон“, кои ќе си го бараат патот до машината за перење мозоци и тезгата за распродажба на совеста, честа и достоинството на гласачкото тело и човечката душа. Ваква милионска сума е искрена порака од политичарите – дека ова е само почеток и дека пара на пара се лепи. Очигледно е дека треба да го следиме трендот и дека народот едвај чека да инвестира во политичка партија и партиско раководство, а се згрозува од каква било мерка поврзана со подобрување на квалитетот на воздухот, правна држава и други милион неважни „глупости“. Затоа поддршката треба да продолжи и што поскоро да се унапреди со уште еден фонд за лажни вести и искрени гласачи – вели Ранко Петровиќ.
Хумористот и водител Војче Китаноски, да има можност, би ги одложил изборите, бидејќи, како што вели, ниедни досега не дале ништо ново.
– Најверојатно политичарите не би ни организирале избори, доколку носат промени. Во некои (нормални) држави изборната кампања трае од два до шест месеци, а само кај нас таа трае 30 години – во свој стил ни рече Китаноски.
Тој, кога би имал можност, овие пари би ги искористил за обновување на 14-те детски одморалишта во земјава, кои некогаш беа полни, а сега се распаѓаат.
– Јас своевремено бев чест гостин во овие згради, кои ечеа од детска смеа и радост, но, за жал, сите 14 пропаднаа. На сите овие руинирани згради треба да се стави натпис дека објектите се распаѓаат од субјективни причини. Доколку ги обновиме, сите ние ќе придонесеме за подобра иднина на нашите деца, а со тоа и на Македонија – порачува Китаноски.
Пејачката Кристина Петровски Арнаудова, која веќе неколку години со својата организација „Проект среќа“ им помага токму на социјално загрозени лица, а пред сѐ на децата што живеат во лоши услови, вели дека во нејзиниот свет на хуманоста 9,5 милиони евра се многу пари.
– Цел месец работам акција за реновирање на 10 дома на семејства во кои живеат многу деца, без основни услови, како што се санитарии и кревети, и немаме собрано ни 3.000 евра. А за сѐ што предвидовме да се оствари се потребни 100.000 евра. Од аспект на сумата од 9,5 милиони евра, тоа очигледно не се многу пари, иако нам ни изгледаат недостижни – ни рече Кристина Петровски Арнаудова.
Водачот на групата „Суперхикс“, музичарот Петар Младеновски, кој во своите ангажирани текстови често ги жигосува аномалиите на нашето општество, вели дека овие пари веројатно и не се премногу за да се решат покрупни работи во оваа полуфункционална држава.
– Уфф.. Од каде да тргнам. Би вложил дел од парите одредени одделенија во основните училишта конечно да добијат нови учебници. Би санирал макар дел од училиштата и градинките што се во најлоша состојба, а најголем дел веројатно би распоредил исто на оние што боледуваат од најтешки заболувања и за кои собираме жиро и СМС-донации. Нема крај овој список, не стигнуваат ни за „леб“ овие средства, кои непотребно се трошат, а за кои последиците повторно најмногу ќе ги почувствуваат обичните граѓани. Алал вера избори на партиите! – им порача во својот препознатлив стил Петар Младеновски на политичарите.
Дигитални ваги за функционерите
Сатиричарот и афористичар Сашо Бетовски, кога би имал 9,5 милиони евра, би купил дигитални ваги и би ги поставил на влезовите на сите државни институции.
– Би наредил секој назначен функционер да се вага кога доаѓа и кога си оди од функција. За секој килограм плус додека бил на функција да даде 1.000 евра во посебен фонд. Знаејќи ја алчноста на функционерите, ќе се соберат доста пари, со овие средства ќе се покријат трошоците за лекување голем број лица и ќе се помогнат многу институции во кои се сместени лица од ранливи групи – вели Бетовски.