Во изминатите две години, Европејците постојано зборуваат за нивната посветеност на ЗСПА, но тие не сторија ништо што би го изнервирало Вашингтон. Да, Европејците беа зафатени со воспоставувањето на ИНСТЕКС – паралелниот систем за плаќање што би овозможил законска трговија за хуманитарни производи помеѓу Европа и Иран, но досега не е направена ниту една конкретна трансакција со оваа програма
По американската ликвидација на иранскиот генерал Касим Сулејмани, Европејците беа доста гласни. Претседателот на Европскиот совет Шарлс Мишел изјави дека понатамошна ескалација на ситуацијата мора да биде избегната по секоја цена, додека, пак, претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лејен и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел повикаа на воздржаност и на регионално политичко решение, потврдувајќи ја улогата на ЕУ како координатор за иранскиот нуклеарен договор. Но Европејците имаат лоша навика премногу да зборуваат и малку да дејствуваат, за потоа да „плачат“ кога настаните ќе ја поминат точката по која нема враќање. И додека Блискиот Исток запаѓа во хаос, чии последици ќе бидат погубни не само за регионот, туку и за Европејците, се поставува прашањето што може да направи Европа.
Можни се три опции. Првата се однесува на иранскиот нуклеарен договор. И додека многу медиуми прерано ја објавија смртта на Заедничкиот сеопфатен план за акција (ЗСПА), договорот останува жив. По американското прекршување на ЗСПА во 2018 година, преку повторното воведување на санкциите, како и заканите со санкции за сите европски компании што сакаат да тргуваат со Иран, Техеран постепено се повлекуваше од своите обврски од договорот. И додека Иран се подготвува за парламентарните избори во февруари, постои голема загриженост дека Техеран ќе одговори на убиството на Сулејмани преку враќање на збогатувањето на ураниум до 20 отсто или преку воведување рестрикции за инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија.
Но и покрај сите очекување, ништо од тоа не се случи. Да, Иран најави дека повеќе нема да биде обврзан од ограничувањето на ЗСПА за бројот на центрифуги, кои се неопходни за збогатување на ураниумот. Но, сепак, не најави дека ќе ги зголеми нивоата за збогатување, ниту пак дека ќе има рестрикции за меѓународните инспекции.
Оваа одлука, заедно со иранската одлука за лансирање проектили врз американските бази во Ирак, сигнализира дека иранската одмазда е ексклузивно насочена кон земјата одговорна за убиството на Сулејмани: САД. Иран сѐ уште може да го напушти ЗСПА, но поради други причини, како што е непридружувањето на другите потписнички: ЕУ, САД, Русија, Кина и Е3 – Франција, Германија и Британија. Најзначајно за последните три, е тоа што иранската воздржаност исто така може да се протолкува како последна надеж дека Европејците ќе ги почитуваат своите обврски од договорот.
Во изминатите две години, Европејците постојано зборуваат за нивната посветеност на ЗСПА, но тие не сторија ништо што би го изнервирало Вашингтон. Да, Европејците беа зафатени со воспоставувањето на ИНСТЕКС – паралелниот систем за плаќање што би овозможил законска трговија за хуманитарни производи помеѓу Европа и Иран, но досега не е направена ниту една конкретна трансакција со оваа програма. Европејците се искрени кога ги нагласуваат техничките тешкотии во основањето таков механизам, но тоа е слаба причина за неактивноста. Ако Европа не дејствува на брз и значителен начин за ИНСТЕКС, Европејците ќе се најдат во големи проблеми во претстојните недели или месеци, како што е нуклеарната пролиферација или други смртоносни удари за мултилатералната дипломатија.
Втората можност за акција се однесува на Ирак. По очигледното американско нарушување на довербата и суверенитетот, ирачкиот парламент побара повлекување на сите странски сили од земјата. Во меѓувреме, меѓународната коалиција против Исламската држава прогласи привремено запирање на своите операции и останува нејасно дали американските сили добија наредба за повлекување од Ирак. Ако се земат предвид сите овие работи, ова може да претставува трагична награда за терористичката група.
Европејците во моментов се присутни во Ирак преку цивилни мисии, што работат на советување за реформи на ирачкиот безбедносен сектор. Ако се земе предвид потребата на Багдад за поддршка за да се спречи повторното раѓање на ИД, тоа би можело да го отвори просторот и за европска воена мисија. Европа, пред сѐ ЕУ, има углед на неутрален играч во Ирак. Ако се земе предвид нејзината посветеност на борбата против ИД, таа би била во привилегирана позиција да ја пополни празнината, која во спротивно би претставувала голема опасност.
Третата опција за акција е дипломатската. Одмерената одмазда на Иран, заедно со внимателниот молк на другите земји во регионот, вклучувајќи ги и иранските ривали Израел и Саудиска Арабија, сугерираат дека постои расположение за деескалација. Токму тоа го побараа европските лидери. Ако се земат предвид нивните отворени канали за комуникација со сите засегнати страни, Европејците би можеле да имаат улога во промоцијата на дијалогот, и да го охрабрат движењето кон она што Борел го опиша како „регионално политичко решение“.
Од овие три опции за акција, Европејците инстинктивно се насочуваат кон третата. Европа има природно наклонување кон акција што нема да ги изнервира САД, а дипломатијата, иако тешка, е добар кандидат. Сепак, третата опција станува кредибилна само ако и претходните две се остваруваат. Без поголемо расположение да ги засукаат ракавите, никој во регионот не ги сфаќа сериозно Европејците.
Во сегашната атмосфера, тешко може да се очекуваат храбри чекори за ИНСТЕКС. Што се однесува до борбата против Исламската држава во Ирак, поверојатно е земјите од ЕУ да бидат помалку расположени за засилување на нивното присуство додека тензиите растат или, пак, ако САД се принудени да заминат, со што ќе се елиминира нивната крајна безбедносна гаранција.