Предлогот Блерим Река да се најде на министерската листа на Косово отвора простор за политичка дебата, за тоа кои се вистинските мотиви за таквиот чекор на Курти и како ќе се одрази тоа во надворешнополитичките односи на релацијата меѓу Македонија и Косово?

Лидерот на движењето Самоопределување Албин Курти, вчера, требаше да се сретне со претседателот на Косово, Хашим Тачи, за да го добие мандатот за формирање влада. Пред да се сретне со Тачи, лидерот на Самоопределување рече дека на средбата со косовскиот претседател оди без целосен договор за коалицирање во идната влада, во која би партиципирал и Демократскиот сојуз на Косово, што е втора партија според освоените пратенички места на последните парламентарни избори. Главна пречка за договор за новата влада е барањето на Демократскиот сојуз да му припадне правото да предложи претседател на Косово кога во март 2021 година му истекува мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Курти изјави дека се обидел да оствари средба со лидерот на ЛДК, Иса Мустафа, по конституирањето на Собранието, но дека сето тоа било неуспешно.
– И покрај моите постојани обиди, не се оствари средба со претседателот на Демократскиот сојуз на Косово пред средбата со претседателот на државата – рече Курти.

Но ова не беше проблем за Курти изминативе денови да излезе и со конкретни предлози за избор на министри, кои би му припаднале на Самоопределување. Тоа што предизвикува внимание во македонската јавност, е неговиот предлог за министер за надворешни работи на Косово да биде предложен Блерим Река, кој на последните претседателски избори во Македонија, во 2019 година, се кандидираше како независен пратеник, но со политичка поддршка од Алијансата за Албанците и од движењето Беса. За Блерим Река гласале 79.915 граѓани или 10,57 отсто од вкупниот број гласачи во Македонија, а тој го привлече вниманието со умерениот пристап во водењето на претседателската кампања.

Предлогот Блерим Река да се најде на министерската листа на Косово отвора простор за политичка дебата, за тоа кои се вистинските мотиви за таквиот чекор на Курти и како ќе се одрази тоа во надворешнополитичките односи на релацијата меѓу Македонија и Косово? Прашањето е дали постои некаков конфликт на интереси, ако се има предвид дека Река, во периодот од 2006 до 2010 година, беше македонски амбасадор во Европската Унија?

Аналитичарот Насер Зибери, кој беше и долгогодишен пратеник во Собранието на Македонија, вели дека зад предлогот Блерим Река да биде предложен во ресорот за надворешни работи во косовската влада, стојат исклучиво неговата успешна кариера како професор по меѓународни односи, неговата стручност и многубројните научни трудови.

– Не гледам други мотиви во одлуката на Албин Курти. Поголемиот дел од животот Река го поминал во Приштина, но тој има и двојно, односно и македонско државјанство. Досега не било вообичаено некој од друга држава да биде предложен и избран за министер, но неговата досегашна дипломатска практика може значително да влијае на подобрување на односите во регионот. Не гледам дека постои конфликт на интереси, дотолку повеќе што со неговиот начин на водење на претседателската кампања, граѓаните можеа лично да се уверат во неговите политички ставови, кои беа и добро примени од гласачите – вели Зибери.

Изборот на Блерим Река за министер за надворешни работи на Косово не би требало да се гледа во контекст на идејата на некакво „сеалбанско поврзување“ на Балканот, објаснува Насер Зибери.

– Нема зошто да им пречи тоа и на официјалните политички структури во Србија, затоа што самиот избор на Река не ги тангира српските интереси. Напротив, со неговиот досегашен дипломатски интегритет тој ќе може подобро да балансира во релациите меѓу Белград и Приштина, а тоа е и потребно во процесот што ќе следува по изборот на косовската влада и продолжување на дијалогот со посредство на Брисел – вели Зибери.

Претседателот на Самоопределување и иден премиер на Косово, Албин Курти, неделава ги објави и имињата на другите министри од неговата партија: за втор заменик-претседател на Владата е предложен Хаки Абази, за министерка за правда, Албулена Хаџиу, за министер за финансии, Бесник Мусли, за министерка за економија, трговија и индустрија, Розета Хајдари и министер за здравство и спорт, Арбен Витиа.


Не гледам дека постои конфликт на интереси со предлогот Блерим Река да се најде на министерската листа на Косово, дотолку повеќе што со неговиот начин на водење на претседателската кампања, граѓаните можеа лично да се уверат во неговите политички ставови, кои беа и добро примени од гласачите, вели Насер Зибери