Експертите лоцираат повеќе причини поради кои младите ја напуштаат земјата и повикуваат на итно спроведување на неопходните реформи во повеќе
сектори за да се врати вербата во капацитетите на државата
Реформи во образованието, функционални институции, департизација на општеството како и поголема можност за вработување во земјава се главните приоритети чие исполнување би придонело за задржување на младите во Македонија.
Според извештај на Светска банка објавен неодамна, речиси половина милион граѓани ја напуштиле државата, а според една друга анкета чии резултати беа објавени кон крајот на септември во рамките на Меѓународната младинска конференција што се одржа во Крушево, над 53 отсто од анкетираните средношколци и студенти размислуваат да ја напуштат земјата. Државата е свесна за сериозноста на ситуацијата со која се соочува, но загрижува фактот што сè уште нема стратегија како да ја спречи оваа појава. Токму затоа и претседателот Стево Пендаровски во новогодишното обраќање во Собранието ги повика надлежните на акција.
– Ги повикувам релевантните политички субјекти да седнеме заедно и да донесеме натпартиска стратегија барем за ублажување на последиците од оваа голгота на нашиот народ – истакна претседателот Пендаровски.
Меѓу повеќето причини поради кои младите најчесто се решаваат да извадат билет во еден правец е неквалитетното образование, немањето можност за вработување, лошото здравство, партизираните и нефункционални институции, како и загадувањето.
– Размислувам да си одам од земјава ако работите не тргнат на подобро. Работам како програмер и имам пристојна плата за македонски услови, но мојата сопруга не може да најде работа според струката и тоа е малку фрустрирачки. Си инвестирал во своето образование, сакаш чесно да работиш и да придонесеш за развојот на државата, а не ти даваат можност. Наместо тоа, многу клучни работни места држат неквалификувани партиски кадри. Со такви политики нема напредок на државата. Ако нешто не се смени во блиска иднина, ќе си одиме и ние, но искрено се надевам дека работите ќе тргнат на подобро. Едноставно, јас сум непоправлив оптимист – вели Давор Јовановски, програмер.
Експертите лоцираат повеќе причини поради кои младите ја напуштаат земјата и повикуваат на итно спроведување на неопходните реформи во повеќе сектори за да се врати вербата во капацитетите на државата.
– Не може да се одвои тоа дека младите заминуваат од Македонија само поради економски или социјални причини. Во оваа насока не може да се гледа само на невработеноста како причина за заминувањето на младите, притоа да ги занемариме другите аспекти кои исто така се многу важни за развитокот на животот на младите.
Заедно со невработеноста, треба да се гледа и (не)квалитетот на образованието, што директно влијае понатаму на професионалниот живот, односно на можноста за наоѓање работа на пазарот на труд, како и можностите младите да се ангажираат во општествениот живот – вели Ардита Вејсели од Институтот за европска политика.
Според неа, луѓето што ја напуштаат државата ја загубиле довербата во институциите и од тие причини се решаваат на ваков радикален чекор.
– Клучна улога има и довербата во институциите. Ветувањето реформи во низа области и потоа нивно неисполнување со потребната брзина или без забележливи резултати. Дел од реформите, пак, воопшто не се започнати и сето тоа влијае на одлуката на младите да ја гледаат нивната иднина во „идиличниот Запад“. Сите овие аспекти влијаат на квалитетот на живот, а според последните истражувања на фондацијата „Фридрих Еберт“, се гледа дека довербата на младите во институциите е многу ниска – истакна Вејсели.
Таа додава дека поради овие причини, но и разни други фактори, се создава ефект на верижна реакција.
– Со цел да се надмине овој неповолен тренд, потребна е поголема волја на повеќе актери во општеството, како и реформи во клучните сектори како што се образовниот систем. Ваквите реформи треба системски и темелно да се спроведат со вклучување на сите засегнати страни – истакнува Ардита Вејсели од Институтот за европска политика.