Фото: Игор Бансколиев

Само инвестиции во инфраструктурата, во најширока смисла на зборот, придружени со широкопојасни структурни реформи на многу други пунктови, може да резултираат со одржливи и долгорочни стапки на економски раст, кои ќе надминуваат пет проценти, објаснуваат економските експерти

Последниот извештај на Министерството за финансии покажа дека заклучно со крајот на ноември биле реализирани само 49,02 проценти од планираните средства за капитални инвестиции. Ова е јасен знак дека остануваат голем дел неискористени средства, кои биле предвидени за различни инфраструктурни проекти, како што се гасификацијата, изградба на патишта, училишта, болници, градинки… По оваа се наметнува прашањето дали со целосна реализација на планираните капитални инвестиции, кои во принцип се главен двигател на економијата, ќе се создадеа услови за многу поголем економски раст.

– Пресметките укажуваат дека јавните инвестиции во транспортна инфраструктура од 2 до 3 отсто од БДП годишно, придонесуваат за поголема стапка на раст на БДП од 0,5 процентни поени годишно. Значи, тука е земен предвид ефектот врз економијата од изградбата на тие патишта и другата транспортна инфраструктура, а потоа ефектите што подобрата инфраструктура ги има за конективноста на бизнис-секторот, односно зголемениот продуктивен и конкурентен капацитет на економијата. Би рекол дека важноста на овие пресметки може да се прошири на сите јавни инвестиции, кои значат вложувања во инфраструктура, значи не само во транспортната, туку и енергетската, образовната, здравствената, иновациската инфраструктура и, секако, она на што се дава особено значење во последно време е меката инфраструктура, на пример процедурите сврзани со извозот, кои создаваат дури и поголеми тесни грла од самата физичка инфраструктура. Всушност, само инвестиции во инфраструктура, во ваква најширока смисла на зборот, придружени со широкопојасни структурни реформи на многу други пунктови, може да не донесат до одржливи и долгорочни стапки на економски раст, кои ќе надминуваат 5 проценти – вели професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.

На почетокот на година, поточно во нејзиното прво тримесечје, македонската економија порасна за 4,1 отсто, во второто за 3,1, додека, пак, во третото тримесечје имаше стапка од 3,6 отсто. Ова јасно укажува дека изгледите за остварување поголеми стапки на раст на самиот крај на годината се минимални.
– Оваа влада ја испушти шансата за остварување на посакуваните 5-6 отсто економски раст годишно. Точна е констатацијата дека главен виновник за тоа се ниските стапки на раст на градежништвото. Статистичките податоци го потврдуваат тоа. На пример, индустриското производство во август 2019 година во однос на август 2018 година е зголемено за 10 проценти, додека за истиот период имаме намалување на ефективните работни часови во градежништвото за 10 отсто. Преработувачката индустрија во октомври 2019 во однос на октомври 2018 забележила раст од 7,8 проценти. За разлика од периодот на оваа влада, претходната растот го зголемуваше преку големи инфраструктурни објекти и се темелеше главно на растот во градежништвото – истакна Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија.

Сепак, тој додава дека има и други фактори што влијаат врз растот, како на пример задолжувањето т.е. изворите за финансирање, намената на изградените објекти и други, но притоа истакнува дека „факт е дека не смееше да се потфрли онаму каде што имаше обезбедено средства и беа започнати проектите со градба“.
– Како и да е, за Македонија не се недостижни стапки на раст од 5-6 отсто, што би нѐ доближило до просекот на Европа. Ова се покажа неколкупати, а олеснителна околност е ниската основа за споредба. Полесно е да постигнете повисоки стапки на раст кога имате ниска основа за споредба – заклучува Димитров.

Од почетните планирани средства за капитални инвестиции со ребалансот на буџетот, истите тие беа намалени, но сепак и тие не се искористени целосно. Нереализацијата на капиталните инвестиции најголем ефект има врз економскиот раст на земјата. Со нивната реализација ќе се подобреше инфраструктурата на повеќе полиња, но истовремено ќе се подобреа и перформансите на економските субјекти. Тоа, секако, ќе се одразеше и врз економскиот раст.

Нереализирање на планираните капитални инвестиции од буџетот за секоја година во период од една деценија укажува на повеќе аномалии и недостатоци во процесот на планирање на капацитетите, ги доведува во прашање веродостојноста на планирачкиот процес, усогласеноста со приоритетите, доведува до застој во јавните набавки и покажува слаб административен капацитет за проектен менаџмент.


Стапки на раст

Година Процент

2014 3,6
2015 3,9
2016 2,8
2017 1,1
2018 2,7
2019 (трет квартал) 3,6

Извор: НБРСМ