За јазикот може да се каже дека тој се обликува онолку колку што нам ни одговара и, секако, постојано има тенденција да се развива. Најкористените зборови и фрази што ја обележаа изминатата деценија, иако не се сите сосема нови, добија голема популарност, релевантност и глобално прифаќање во периодот помеѓу 2010-2019 година.
Без разлика дали следниве зборови и фрази, како и уште многу што се користеа во изминатиов период ќе имаат краток или долг рок на траење, едно е сигурно, тие ги заробија идеите и феномените што владееја во нашето секојдневие.
1. Хаштаг
Во текот на изминатата деценија, зборот хаштаг значително го смени начинот на користење на социјалните медиуми, со започнување револуционерни социјални движења.
Техничкиот иноватор Крис Месина прв изјави во 2007 година дека Твитер би требало да користи хаштагови за да создаде канали што луѓето подоцна би можеле да ги користат при истражување. Новонастанатите платформи на социјалните медиуми се сомневаа во оваа негова идеја, но сепак по две години ги прифатија. Од 2010 година, Инстаграм не само што започна да користи хаштагови, туку тие станаа интегрални во организирањето голем број социјални движења и настани.
Тоа наследство продолжува да напредува и до ден-денес, со „Црните животи значат“ (#BlackLivesMatter) и „И јас исто така“ (#MeToo), кои доведоа до револуционерна социјална промена, затоа што нивната порака успеа да се рашири на глобално ниво. Хаштаговите и активистите што стојат зад нив ја искористија оваа моќ да предизвикаат широка свесност за полициската бруталност и ентузијастичката согласност, правејќи простор за граѓанското новинарство и (повеќе од цинична перспектива) слактивизмот.
2. Хипстер
На секоја генерација ѝ е потребна дериватна етикета за младите што се во тренд.
„Дикшнери.ком“ го трасираше зборот хипстер назад во „хепстер“, кој првпат бил употребен во доцните 1930-ти и важел за лице што е образовано или заинтересирано за џезот. Ова сепак се усогласува со нашите современи стереотипи на арогантни хипстери, кои слепо ги следат актуелните трендови.
Покрај милениумците, хипстерите се исто така тесно поврзани со феноменот на гентрификација. Станува збор за урбанистички процес во кој во неугледните делови на еден град се населуваат граѓани од средна класа, и сето тоа е придружено со раселување на сиромашните кон периферијата. Затоа „хипстерско кафуле“ стана омилена фраза за исмевање на либералната хипокризија.
3. Културолошка војна
Современиот концепт на американска културолошка војна датира уште од раните 1990-ти години. Но поларизирачките „борбени линии“ се чини дека се зацврстија дури во 2010-тите.
Општо земено, партизанските политики во минатото ја дефинираа економијата. Но изминатата деценија имаше остар пораст на сѐ повеќе личните и политички поделби, водени од идентитетот.
Зависно од правецот од кој доаѓа, политиката на идентитет може да биде: повикување на заеднички идентитет како што се расата, родот или сексуалната ориентација; сведување на политиката на лично искуство; користење на идентитетот за остварување добивка на одредена општествена група; или понекогаш едноставно диверзитет, различност, „феминизам“, „антирасистички активизам“ или што било друго што не е експлицитно поврзано со класната припадност.
Во време на политичка нестабилност, економска неизвесност и закана од еколошка катастрофа со право стравуваме за иднината на модерната демократија.
4. Климатски промени
Во текот на целата деценија, противниците на климатските промени како што е претседателот Доналд Трамп тврдеа дека „тие“ всушност го сменија името на колапсот на животната средина од „глобално затоплување“ во „климатски промени“, поради фактот што земјата не станува потопла.
Многумина научници почнаа да вршат притисок за преминување од терминот „глобално затоплување“ во „климатски промени“ од 2005 година, бидејќи со тоа поточно се опишува целокупниот опсег на она што навистина се случува. Се заклучи дека глобалното затоплување е само еден фактор во низата климатски промени што ѝ се случуваат на земјата.
5. Содржина
Во неговиот есеј „Содржината е крал“ од 1996 година, Бил Гејтс со право предвиде како интернет-револуцијата би влијаела на начинот на размислување, произведување, снабдување и заработка од споделените информации. Со ретроспектива на 2010-тите, сега може да се каже дека овој негов смел наслов покажува точно колку радикална би била таа промена.
Во ера на креаторите на содржини и маркетингот, инфлуенсерите, блогерите, влогерите, стриминг-сервисите, кинематолошките франшизи и посматрањето, содржината е клучна, односно ја има најголемата моќ.
6. Емотикони
Во 2010-тите, емотиконите станаа најпопуларна форма на гестикуларна комуникација на интернет (иако и ГИФ-овите можат да ја имаат сличната функција). Сето тоа значи дека за да го надоместиме недостигот од физичка информација, која обично ја добиваме при конверзација со некое лице во живо, започнавме да користиме симболични слики и икони.
7. Инклузивност и интерсекционалност
Интерсекционалноста конкретно ја опишува дискриминацијата што ја доживуваат луѓето од маргинализираните групи, врз основа на раса, етничка припадност, класа, пол, сексуална ориентација и инвалидитет.
Инклузивноста, пак, од друга страна, е пошироко применлива рамка за да се обезбедат простор и политики и да се земат предвид сите форми на идентитети за избегнување дискриминација и угнетување.
Интерсекционалноста, инклузивноста и онлајн-активизмот станаа дефинирачки компоненти на, како што сега некои го нарекуваат, феминизам од четвртиот бран. Ова честопати е поврзано со движењата како што се „И јас исто така“ (#MeToo), Времето истече (Time’s Up) и маршот за женските права, кои се фокусираат на решавање на системската нерамнотежа на моќ, вградена во теми како сексуално вознемирување, непристојни коментари за телото на жената, засрамување од телото, како и силувањето.