Потврда за тоа е неодамнешниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), во кој Македонија се најде на осмото место во светот според количеството фрлена храна по жител
Наближуваат новогодишните празници, а фрижидерите веќе се полнат со поголеми количества храна, дури и повеќе од потребното, за да можат домаќините во добро светло да се покажат пред гостите што би можеле да ги посетат за време на празниците.
Но како по некое непишано правило, речиси секогаш кога има нешто да им се понуди на гостите тие обично не доаѓаат, па се случува голем дел од храната да остане и откога ќе ѝ измине рокот да заврши во контејнерите.
Потврда за тоа е неодамнешниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), во кој Македонија се најде на осмото место во светот според количеството фрлена храна по жител.
– Бројките се многу загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна. Трендот во загубите е нагорен и околу 30 отсто од храната, произведена или увезена, никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето во текот на транспортот или е фрлена од големите трговски синџири и потрошувачите – рече министерот за земјоделство Трајан Димковски.
Тој нагласи дека се потребни усогласување на политиките и акција на сите нивоа, а во таа насока го најави законско решение за донирање на вишокот храна и нејзино безбедно завршување кај ранливите категории граѓани.
Граѓаните потврдуваат дека понекогаш фрлаат храна и дека тоа се должи најмногу на лошите процени при набавките.
– Обично пред празниците купувам поголемо количество храна и пијалаци во случај да ми дојдат гости. Јас сум од постарата генерација и не сакам да немам што да им понудам на гостите за време на празниците, особено околу Нова година и Божиќ. Но понекогаш излегуваат ситуации да не дојде никој и јас и сопругот не можеме да изедеме толкаво количество храна, така што нешто им давам на соседите, нешто замрзнувам, а она што е со краток рок на траење морам да го фрлам – вели Благица Стојанова, пензионерка.
Таа додава дека добро би било да може таа храна некаде да се донира преку организирана служба.
– Јас сум стара, не можам да носам храна наоколу. Добро би било кога би имало некоја служба на која би можело да ѝ се јавиме и таа да дојде и да ја собере храната и да им ја понуди на оние што ја немаат на своите трпези – нагласува Стојанова.
Невладините организации што се занимаваат со оваа проблематика велат дека најмногу храна фрлаат токму домаќинствата.
– Околу 50 отсто од храната ја фрлаат домаќинствата, 19 отсто отпаѓа на пазарите, околу 17 отсто од супермаркетите, а 15 отсто од рестораните. Буквално се фрла храна од секаков тип, меса, млечни производи, овошје – велат од невладината „Ајде Македонија“.
Според нив, потребно е законско решение за да се овозможи храната да не се фрла, туку да им се дели на загрозените категории.
– Предлог-законот за донирање храна веќе е ставен на ЕНЕР и очекуваме по Нова година тој да биде донесен. Со законското решение ќе се овозможи намалување на вишоците храна, а очекуваме и да се зголеми бројот на донации – додаваат од „Ајде Македонија“.
Факти за фрлената храна
– Околу една третина од храната произведена за прехрана на луѓето годишно, поточно околу 1,3 билион тони, се фрла.
– Цената на фрлената храна достига износ од 680 милијарди американски долари во развиените и 310 милијарди долари во неразвиените земји.
– Овошјето и зеленчукот го сочинуваат најголемиот процент на фрлена храна.
– На годишно ниво количеството фрлена храна е еквивалентно на половината од светското производство на жита.
– Во продавниците најголем дел од храната се фрла бидејќи не одговара на превисоките стандарди од аспект на квалитет и естетика.
– Фрлањето и загубата на храна влијаат врз неповратно трошење на ресурсите, вклучувајќи ги водата, обработливото земјиште, енергијата, работната сила и капиталот. Исто така, непотребно се создава ефектот на стаклена градина, се емитираат штетни гасови и со тоа се придонесува за глобалното загревање и промената на климата.
– Храната што се фрла во Европа би можела да нахрани 200 милиони луѓе.
– Ако спасиме барем една четвртина од отпишаната храна, тоа би било доволно да се нахранат 870 милиони гладни во светот.