Планирањето е важен фактор кога се зборува за бучавоста - Фото: Игор Бансколиев

Главниот град на Македонија не изостанува во глобалната слика на градови со урбана бучавост, која во одделни делови е неколкукратно поголема од дозволеното ниво. Граѓаните на Скопје најчесто се жалат на прегласната музика од кафулињата и од дискотеките. Истражувањата покажуваат дека, освен сообраќајот и индустријата, има и други фактори што влијаат на создавањето бучавост во градските средини, како зголемувањето на бројот на жители, густо населените населби и друго

Во градските средини секаде низ светот составен дел од секојдневниот живот на граѓаните е бучавоста. Некаде е поголема, некаде помала, но сепак е бучава и влијае на квалитетот на нивниот живот. Долготрајната изложеност на бучавост над дозволеното ниво може да предизвика сериозни и долгорочни последици по здравјето на човекот. Според Светската здравствена организација, постојат повеќе извори, но само неколку се сериозни, а тоа се сообраќајот и индустријата. Но поновите истражувања покажуваат дека има и други фактори што влијаат на создавањето бучава во градските средини.

И главниот град на Македонија не изостанува во глобалната слика на градови со урбана бучава, која во одделни делови е неколкукратно поголема од дозволеното ниво. Зголемувањето на бројот на жители, густо населените населби, гласната музика од дискотеките и кафулињата, па и самите домаќинства се дел од причинителите што создаваат бучава во градската средина.
Од општината Аеродром велат дека најмногу пријави имаат за бучава од угостителски објекти, а годинава од граѓаните имаат добиено пет пријави за бучава. Во Кисела Вода досега имало само една пријава.

– Оваа година имавме една пријава од граѓанин за бучава од кафуле. Граѓаните може да пријавуваат бучава на општинската фејсбук-страница, во Секторот за инспекциски работи, на телефонскиот број 02/2785449, на мејл [email protected] или директно во архивата на општината Кисела Вода – велат од општината Кисела Вода.
Во општината Карпош, пак, со пријави за бучава повеќе се соочуваат во летниот период отколку во зимскиот. Општината законски има право да казнува доколку е измерена бучава од над дозволените 45 децибели и таа се смета за штетна. Во зависност од категориите, казната изнесува до 500 евра.

– Пријави од граѓани најмногу има за угостителски објекти, индивидуални домувања и џамии. Секако, овластениот инспекторат заедно со фирмата што мери бучавост најпрво ги опоменува одговорните на овие објекти, па потоа следува казна доколку нема резултат од опомената – велат од општината Карпош.

Според СЗО, бучавата претставува вид на загадување, кое се нарекува загадувањето од бучава или загадување од звук. Зголемувањето и ширењето на бучавата има штетно влијание врз активноста и животот на луѓето или животните. Според медицинските експерти, бучавата не само што го намалува слухот туку ја намалува и концентрацијата при работа, а го нарушува и сонот.

Иако Законот за заштита од бучава во животната средина определува одредени дозволени степени на звучност во одредени области, сепак доколку тие области се лошо урбанистички испланирани, повторно може да настане загадување од бучава. Во истражувањето од 2018 година загадување од бучава и урбанистичко планирање објавено на „Рисрч гејт“, важен фактор претставува урбанистичкото планирање кога станува збор за урбаната бучава.

– Потребен е добар однос помеѓу урбанистичкото планирање и различни фактори, како што се градската густина, урбаната морфологија, урбаното користење на земјиштето, уличната дистрибуција, уличната околина и зелените места – се наведува во истражувањето.

Исто така се наведува дека поголемо населување на одредено место претставува причинител за зголемување на нивото на бучава. Порастот на населението значи создавање дополнителен метеж во урбаната средина. Повеќе луѓе значи повеќе работни места, повеќе автомобили и создавање повеќе бучава.
Во истражувањето се наведуваат и домаќинствата како предизвикувачи на урбана бучава на микрониво. Домаќинството само по себе е извор на многу звуци во затворен простор, како што се трескање на вратите, бучава од играњето на деца, плачење на новороденчиња, местење или преместување мебел, гласен разговор помеѓу луѓето. Покрај овие извори на звуци, има и други, како системите за озвучување и телевизорите, климатизерите, машините за перење, бучавата од славините во бањите и тоалетите и многу други. Сите овие примери претставуваат внатрешни извори на бучава, кои можат да влијаат на другите домаќинства во нивна близина, особено во колективните објекти на домување.

И покрај тоа што бучавата не е погубна за животот на човекот, сепак не може да се запоставува нејзината важност, бидејќи постојаната изложеност на бучава ги намалува часовите за спиење и продуктивноста и ефикасноста на човекот. Бучавоста како проблем со животната средина се препознава, бидејќи лошите ефекти на урбаната бучава врз човековото здравје и животната средина стануваат сѐ поочигледни.


Светски и македонски регулативи за бучава

Насоките на СЗО за бучава во населено место препорачуваат помалку од 30 децибели за спални соби во текот на ноќта за да се овозможи квалитетен сон, помалку од 35 децибели во училници за да овозможат добри услови за учење. Додека, пак, за ноќен шум надвор од спалните соби, поточно за индивидуални звуци се препорачува помалку од 45 децибели за да се спречат негативните ефекти врз здравјето. Според Центарот за контрола и спречување болести во САД, бучавата над 85 децибели на подолг временски период може постепено да го оштетува слухот. Додека, пак, гласниот шум над 120 децибели може да предизвика непосредно оштетување на слухот.

Кај нас, според Законот за заштита од бучава во животната средина, граничните вредности за дозволена звучност во станбен простор изнесуваат 35 децибели. Гранична вредност за нивото на бучава што се создава при одржување јавни приредби, јавни собири или други јавни настани проследени со употреба на звучни и други уреди што доведуваат до зголемување на бучавата не треба да надминуваат 85 децибели, а максималното ниво на бучава не треба да надминува 110 децибели, без оглед на времетраењето на настанот.

Исто така, граничните вредности за звучност се дефинирани според степенот на подрачјето во кое се мери бучавата. На пример, подрачје од втор степен е дозволено од 45 до 55 децибели, во зависност од периодот во денот. За подрачја од трет степен од 55 до 60 децибели, во зависност од периодот во денот.