Од македонската влада начелно го поддржуваат предлогот за прогласување на 7 јануари за државен празник, но оставаат простор да се разговара како национални празници на Македонците во Албанија да бидат прогласени 2 Август или 8 Септември
Македонците во Албанија продолжуваат со својата активност за остварување на човековите права, како дел од нив е и слободното чествување на верските празници и традиции. Васил Стерјовски, единствениот македонски пратеник во албанскиот парламент од редовите на партијата Македонска алијанса за европска иднина (МАЕИ), поднесе иницијатива до албанскиот парламент 7 јануари да се прогласи за државен празник. Тој достави предлог за измена на Законот за официјалните празници и спомен-денови, од 21 декември 1992 година. Овој предлог се случува во време кога има „затоплување“ на односите меѓу Македонија и Албанија, во контекст на серијата трилатерални средби на лидерско ниво меѓу Србија, Македонија и Албанија, во контекст на регионалната соработка во рамките на малиот шенген. Засега не е извесно како ќе помине оваа иницијатива на македонскиот пратеник, со оглед дека тој дејствува во рамките на албанската опозиција. Но како што сме информирани од извори на Владата на Македонија, тој не побарал официјална поддршка од секторот во македонската влада, кој е задолжен за соработка со дијаспората.
Пратеникот Стерјовски, на својот профил на Фејсбук, додава дека оваа иницијатива има поддршка од Советот на општината Пустец, од каде што сметаат дека тоа е неопходно со оглед на фактот дека општината Пустец е населена со 100 отсто македонско население од православна вероисповед, кое православните празници и Божиќ ги слави според јулијанскиот календар.
– Преку овој амандман, предлагам албанското собрание да го прогласи за официјален празник во Република Албанија 7 јануари како ден на Божиќ според јулијанскиот календар за македонското, српското и црногорското национално малцинство од православна вероисповед – напиша Васил Стерјовски.
Адеми Едмонд , министерот без ресор во македонската влада задолжен за дијаспората, во изјава за „Нова Македонија“, рече дека за иницијативата на Стерјовски се информирал преку социјалните мрежи, но дека му се потребни дополнителни разговори со него за да се запознае со намерата за поднесувањето на овој предлог до албанскиот парламент.
– Во принцип, ние како влада ги поддржуваме сите иницијативи што се насочени кон остварување на националните, културни и верски права на малцинствата во Албанија и воопшто во сите други земји. Потребни ми се дополнителни информации од Стерјовски. Се прашувам, зошто барањето за национален празник да не се однесува за 2 Август или 8 Септември. Тоа се прашања за кои се потребни дополнителни процени – ни изјави Едмонд.
Македонците од Србија даваат целосна поддршка за иницијативата на нивните сонародници во Албанија. Со промените што ги направи српската влада за остварување на верските права на граѓаните, Божиќ е прогласен за неработен ден за сите православни верници. Но поради отвореното црковно прашање, нашите иселеници во Србија не можат да следат верска служба на својот македонски јазик и во свои македонски цркви.
– Македонците во Србија ги чуваат обичаите што се практикувале и во нивната татковина. Мојата мајка е со потекло од Мала Преспа и таа е првата генерација македонски доселеници во Војводина. Целосно сме за тоа Македонците во Албанија да можат да го празнуваат Божиќ како државен празник. Македонците од Нови Сад ги чествуваат своите верски празници во православните цркви и не гледаме проблем во тоа. Се залагаме за целосен реципроцитет на почитување на правата на националните малцинства во Албанија и во Македонија. Македонската национална заедница во Србија како државен празник го чествува 2 Август и за тоа добива и материјална помош од српската влада. Задоволни сме од тоа што ни се нуди од српската држава во остварување на своите национални, културни и верски права, што не е случај и со Македонците, кои живеат во другите земји на Балканот – вели Горан Илиевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија.
Според законот за празници, во Македонија за државен празник е прогласен Рамазан-бајрам, и овој ден е неработен за сите граѓани, додека Курбан-бајрам е верски празник и тој е неработен за припадниците од муслиманската вероисповед.