Во северните планини на Грузија, сезонските работници се искачуваат на застрашувачки височини во потрага по семето од елка, од кое потекнуваат најраскошните елки во Европа. Но, додека странските увозници си ги полнат џебовите, луѓето што се изложуваат на ризик добиваат „ситни пари“, пишува „Гардијан“.
– Додека се искачувам се трудам да не мислам на ништо, само се концентрирам, бидејќи ако изгубиш концентрација можеш да паднеш – вели Рамаз Челишвили.
Во периодот пред есента да премине во зима, шумата Амбролаури, која се наоѓа високо на северните планини на Грузија, е преплавена од луѓе кои трагаат по ваквиот тип на семе.
Овие семиња, откако ќе бидат испратени и засадени, израснуваат во највисоките и најраскошни новогодишни елки.
– Елките се бујни и зелени, со прекрасна форма. И што е најважно, не им паѓаат игличките – рече Мериен Болс, одгледувачка на дрвја од Данска.
Во Европа се продаваат околу 150 милиони новогодишни елки годишно. Една третина од нив, можеби и повеќе, потекнуваат од Амбролаури.
Но иако индустријата е толку широко распространета, лицата кои живеат во малите гратчиња и села во близина на шумата и ги ризикуваат своите животи искачувајќи се на високи површини за да ги соберат семињата, добиваат многу мал дел од вкупната заработувачка.
– Странските компании заработуваат најмногу од ова. Ние само ги собираме семињата, немаме фабрики или плантажи – вели жителка на село кое се наоѓа во близина на шумата.
Жителите кои живеат во околните градови и села велат дека приходите кои ги добиваат од собирањето на семињата се многу важни за нив бидејќи во местата каде што живеаат немаат голем избор за работа.