Симптоматични се пристапот и третманот на одредени партии кон темата и партиските ставови за Законот за употреба на јазиците. Јасно е дека Венецијанската комисија даде мислење дека во ваква форма како што е усвоен е неприменлив и треба да се коригира, но каков третман тој закон ќе добие од одделни партии како „мрежа за освојување на електоратот“?! Ќе се премолчува и турка под тепих како несигурен елемент за добивање гласови, или ќе се користи како адут? Каков третман ќе добие темата за Законот за употреба на јазиците во албанскиот, а каков во македонскиот кампус?
Во пресрет на вонредните парламентарни избори, слободно може да се констатира дека мандатот на оваа владејачка коалиција го обележија три капитални политички проекти. Но факт е дека тие предизвикаа длабоки политички антагонизми и силна партиска поларизација, која рефлектира спротивставености и во македонското општество, односно меѓу граѓаните. Поаѓајќи токму од тие колосални прашања за кои сме сведоци дека не наидоа на општествен консензус, а се суштествени за иднината на државата и граѓаните на земјата, политиколозите сметаат дека сега е моментот таквите прашања да бидат претресени во јавноста, бидејќи по своето битие, тие сами по себе имаат легитимитет да бидат значајна тема и на претстојните предвремени парламентарни избори.
Познавачите со кои се консултиравме на предизборните групирања, комбинаторики, на добитните или губитничките политичко-партиски и други интересни групи и споеви, кои претендираат да бидат објективни коментирајќи од странство, ни тврдат дека поради контроверзноста на темите за Законот за употреба на јазиците, како и на договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, играњето на оваа тематска карта во изборната кампања, за некои партии претставува „ризик на жонглирање со три меча со по две сечила“.
Навистина, во неофицијалната кампања, која де факто е започната, препознатливо е дека лидерите на партиите ги маркираат своите позиции за препознавање во евентуално коалицирање. Процедурата за распишување избори сѐ уште не е започната, кампањата нема официјален карактер, изјавите на лидерите ја немаат тежината на вистински предизборни ветувања, а сепак се чувствуваат темите што ќе бидат адут за секоја од партиите.
Симптоматични се пристапот и третманот на одделните партии кон темата и партиските ставови за Законот за употреба на јазиците. Јасно е дека Венецијанската комисија даде мислење дека во ваква форма како што е усвоен е неприменлив и треба да се коригира, но каков третман тој закон ќе добие од одделните партии како „мрежа за освојување на електоратот“?! Ќе се премолчува и турка под тепих како несигурен елемент за добивање гласови, или ќе се користи како адут? Каков третман ќе добие темата за Законот за употреба на јазиците во албанскиот, а како во македонскиот кампус?
– Верувам дека ДУИ максимално ќе го користат Законот за употреба на јазиците како аргумент за привлекување на својот електорат. Всушност, целиот овој мандат тие го посветија токму на овој проект и за нив тоа е најголемото достигнување во овие три години. Од друга страна, не се забележливи и некои други идеи во ДУИ, како моноетничка албанска партија, за унапредување и инклузивност во македонскиот политички амбиент, освен да ја продолжат политиката на ексклузивност на прашањето на албанизмот, која ја водат сиве овие 18 години од своето постоење. Ако на нивниот лидер Али Ахмети му поминува таквата политика сево ова време, веројатно не смета дека треба да ја менува. Не сум сигурен колку е во интерес на големите македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, да го користат во своите кампањи Законот за употреба на јазиците, зашто и истакнувањето на нешто што гледаат како придобивка од него, исто како и на неговите слабости, може да ги одведе на лизгав терен кај нивниот електорат – смета политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Во улогата на овој закон, како некаков услов за правење постизборни коалиции, Пандов смета дека по изборите во процесот на создавање коалиции сепак позициите ќе се градат врз основа на тоа колку пратенички места се освоени, но и според поддршката на меѓународниот фактор. Тој смета дека поддршката што ја добија СДСМ и ДУИ од странскиот фактор во 2016 година нема да се повтори, но и дека е невозможно со сегашниов изборен модел некоја партија да освои двотретинско мнозинство во парламентот со 81 пратеник.
– Сепак, би сакал да видам како би се однесувале во ДУИ, доколку со новата методологија за преговори за членство во ЕУ биде ставено како услов почитување на препораките од Венецијанската комисија, односно на советодавните тела на Унијата – вели Александар Пандов.
Ставот на политичкиот аналитичар Ким Мехмети во однос на употребната вредност на Законот за употреба на јазиците во изборната кампања е дека политичарите секогаш употребуваат сѐ што сметаат дека им е потребно за да ја постигнат целта, без оглед на вистинската вредност на аргументите.
– Не се сомневам дека сѐ што се однесува на Законот за употреба на јазиците ќе биде употребено од страна на ДУИ. Можеби и од другите партии, доколку сметаат дека тоа ќе им мине кај електоратот. Карактеристика на политичарите е да употребуваат сѐ што им е потребно за постигнување на целта и да го отфрлаат кога ќе си ја заврши својата улога. Така и со Законот за употреба на јазиците, за кој лично сметам дека со него се манипулираат Албанците. Оној што сака да го направи законот уставен, знае како се прави тоа, со негово внесување во Уставот. Ниту со овој закон никаде во Уставот не се споменува албанскиот јазик како автохтон јазик во Македонија, туку се опишува како закон што го говорат 20 отсто од населението. Хипотетички, утре може да се населат Кинези што ќе прават 20 отсто од населението, па овој закон да се однесува и на кинескиот јазик – вели политичкиот аналитичар Ким Мехмети.
Кога станува збор за предизборно декларираниот принцип на ДУИ за коалицирање со оној што го поддржува Законот за употреба на јазиците, Мехмети смета дека на тоа треба да се гледа со резерва.
– ДУИ всушност и нема став и тие практикуваат амдибајрамовска политика. Нивната логика е да бидат со тој што е на власт. Односно, принципот до кој се придржуваат во коалицирањето е: биди со посилниот и биди со сите. Кога ќе дојде време – врати се кај своите (а тоа е обично пред избори), а потоа гледај си го својот интерес – вели Ким Мехмети.