На аукција што неодамна во Париз ја организира аукцискаa куќа „Арткјуриал“, сликата „Лукреција“ на авторката Артемизија Џентилески е продадена за речиси пет милиони евра, што за уметница од почетокот на 17 век е апсолутен рекорд. Делата на Џентилески многу ретко се појавуваат на пазарот, а и „Лукреција“ речиси половина век беше во посед на непознат сопственик од францускиот град Лион, кој никогаш со неа не се пофалил, па нејзиното откритие е своевидна сензација. Платното е купено со телефонско наддавање, а името на купувачот не е откриено, се знае само дека живее во Велика Британија.
Ова е второ дело на оваа барокна уметница што заминува за Велика Британија, претходно Националната галерија за 3,6 милиони фунти го купи автопортретот на Артемизија Џентилески, на кој се насликала како ликот на света Катарина од Александрија, а токму овој музеј во Лондон идната година ќе ја приреди првата голема изложба на оваа сликарка и на едно место ќе прикаже дури 35 нејзини дела.
Артемизија многупати ја сликала Лукреција, римската хероина, која според преданието, живеела во 4 век пред нашата ера и го завршила животот пресудувајќи си со нож откако ја силувал синот на последниот римски крал. Нејзината судбина подоцна инспирирала многу сликари, вајари, писатели, од Шекспир до Бенџамин Британ.
За разлика од Лукреција, судбината на Артемизија Џентилески долго не била позната. Нејзиното име, како и сликарство, се откриени и валоризирани дури со феминистичкото движење. Инаку, Џентилески и самата станала жртва на злосторството што Лукреција го доживеала: ја силувал сликарски пријател на татко ѝ и таа поминала низ понижувачко судење, во чиј тек јавно била прегледана за да се утврди нејзината девственост. Седумнаесетгодишната Артемизија Џентилески ја предвидела ситуацијата во која самата ќе биде изложена прикажувајќи го општеството во кое мажите љубоморно го одржуваат поредокот над женските тела.
Една од ретките жени-сликари на италијанскиот барок, Артемизија, денес се смета за еден од најдобрите наследници на стилот на Караваџо. Но нејзините дела, полни со насилство и крв, се всушност последица на нејзината трагична животна судбина.