Роковите за почеток на процедурите за организирање на предвремените парламентарни избори, според пржинските критериуми, сѐ повеќе се стеснуваат, ако треба да се испочитува принципот за сто дена техничка влада до денот на изборите. Партискиот договор за избори на 12 април 2020 година, календарски обврзува техничката влада да почне да функционира од трети јануари наредната година.
Спикерот на Собранието, Талат Џафери, смета дека нема ништо спорно ако техничката влада биде изгласана и во последен момент, односно на трети јануари.
– Според тие рокови, најдоцна на трети јануари треба да е избрана техничката влада и таа да стапи во функција, а 12 февруари е датумот кога би требало да се самораспушти Собранието за да можам да распишам избори за 12 април и за да можат другите институции да ги завршат своите активности по роковите што ги предвидува Изборниот законик. Формално, бидејќи тоа е работа што е прифатена од сите, не е спорно тоа да се случи на самиот ден трети јануари, за да може во текот на денот да се спроведуваат сите постапки во однос на седниците што треба да се одржат тој ден, затоа што процедурите соодветно предвидуваат оставка на премиерот, констатирање на оставката на премиерот, известување до претседателот дека Владата е во оставка.
Според Законот за влада, треба да се определи нов мандатар, тој да добие мандат, па тој мандатар да даде предлог за министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика, за тројцата заменик-министри во МВР, во труд и во земјоделство. Треба да се свика и седницата за нивен избор и со тоа фактички до 24 часот на трети јануари да се заокружи таа седница и од четврти јануари веќе да функционира техничка влада. Тоа не е спорно да се заврши и во еден ден доколку дојдеме во таква ситуација, бидејќи тоа е усогласена работа и не би се очекувала некоја посебна дебата во Собранието, затоа што веќе сите учесници се усогласени да одат на избори – изјави викендов Талат Џафери.
Имињата, како на техничкиот премиер, така и на министрите што треба да се ротираат, според пржинските принципи, во јавноста сѐ уште се споменуваат како шпекулации, а актуелниот премиер Зоран Заев изјави дека до крајот на оваа работна недела во владејачката СДСМ ќе одлучат за својот дел од составот на техничката влада. Ниту од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која треба да ги добие наведените министерски и заменик-министерски места, до вчера немаше информации за некаква кадровска одлука.
Инаку, во текот на вчерашниот ден, на пленарна седница во Собранието, се одвиваше петтиот ден од расправата за буџетот за 2020 година. Во согласност со собранискиот деловник, пленарната сесија за буџетот е ограничена на пет дена. Буџетот за идната година е најголем досега и тежи 3,9 милијарди евра, додека на страната на приходите се очекува да се соберат 3,6 милијарди евра.