Според статистички податоци
Во повеќето земји-членки на Европската Унија, во последниве девет години, кражбите на моторизирани возила опаднале за околу 29 отсто. Трендот на опаѓање на овој вид кражби е евидентен и во нашата земја. Според статистиките, најчеста цел на крадците во Европа се скапите и луксузни возила, најчесто од марката „ренџ ровер“, „тојота“, БМВ, „ауди“ и „фолксваген“. Во Македонија, 86,7 отсто од автомобилите се постари од десет години
Според официјалните податоци на Еуростат, сѐ помалку се крадат автомобили во повеќето земји-членки на Европската Унија. Во последниве девет години, кражбите на моторизирани возила опаднале за околу 29 отсто. Трендот на опаѓање на овој вид кражби е евидентен и во нашата земја. Благиот пад го потврдуваат и податоците од Министерството за внатрешни работи.
Статистички гледано, во 2010 година имало 527 кражби, додека, пак, во 2017 биле регистрирани нешто помалку, 480 кражби. Споредените податоци покажуваат дека во Македонија има пад на кражбите на автомобили од околу девет проценти. И поновите податоци од последните неколку години покажуваат помал број кражби на автомобили во однос на претходните години.
Според истражувањата и податоците од Еуростат, полициските службеници во ЕУ во просек регистрирале 697.000 кражби на автомобили годишно, во периодот од 2015 до 2017 година, што претставува намалување од 29 проценти во однос на периодот од 2008 до 2010 година, каде што на годишно просечно ниво биле пресметани 983.000 кражби на автомобили. Податоците укажуваат дека помеѓу 2008 и 2017 година, во повеќето земји-членки на ЕУ постои тренд на намалување на кражбите на автомобили.
Од МВР ја потврдија тенденцијата на опаѓање на бројот на кражбите и таа е евидентна и во Македонија, а од 2010 до 2017 година, од 527 кражби бројката паднала на 480 кражби. Споредено со податоците од Европа, во Македонија за тие седум години, помеѓу 2010 и 2017 година, имало намалување на кражбите на автомобили за 8,92 отсто.
Во однос на поновите податоци, за 2018 година имало 498 кражби, додека, пак, за годинава од јануари до септември, МВР има регистрирано 261 кражба на возило. Во 2018 година може да се заклучи дека дневно се крадело 1,36 возило, што значи дека во просек се крадело повеќе од едно возило.
Вообичаено крадците на возила се поврзани со други криминални банди за да можат полесно да излезат од земјата од која е украдено возилото, а секако и да не може да им се влезе во трага.
Земјите во Европската Унија имаат поригорозни мерки и регулативи и од тие причини станува сѐ потешко да се извезуваат украдени возила, а тоа, пак, е причината зошто се намалени кражбите. Според статистиките, најчеста цел на крадците во Европа се скапите и луксузни возила, од марката „ренџ ровер“, „тојота“, БМВ, „ауди“ и „фолксваген“. Во Европа е потешко да се излезе со украден автомобил, додека, пак, од Македонија можеби е полесно, но од друга страна возниот парк во нашата земја е доста стар. Повеќето од автомобилите или 86,7 проценти се постари од десет години. За жал, не добивме податоци од МВР какви видови возила се крадат кај нас, но од она што секојдневно го читаме од полициските билтени, претежно се крадат луксузни автомобили најчесто од марката „ауди“, „мерцедес“ и БМВ. Може само да се претпостави дека нискиот стандард на граѓаните, големиот број стари и малиот број луксузни автомобили се причините поради кои, пак, се намалени кражби на возила во земјава. Строгите европски регулативи, пак, се причината зошто е намалено внесувањето стари возила.