Фото: Игор Бансколиев

ОЧЕКУВАЊАТА НА МАКЕДОНИЈА ОД ХРВАТСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЕУ

Аналитичарите и дипломатите, во земјава и надвор, сметаат дека Македонија има историска шанса да го искористи во своја полза претстојното хрватско претседателство со ЕУ и во овој период конечно да го реши отвореното прашање за добивање датум за преговори со ЕУ. Ќе успееме ли во тоа или ќе ја преспиеме и пропуштиме и оваа шанса?

Што може да очекува Македонија од хрватското претседателство со Европската Унија. Оваа дилема е сѐ поактуелна во домашната јавност со наближување на периодот кога Хрватска ќе го преземе кормилото на Унијата, за периодот од 1 јануари до 1 јули идната година. Во овој временски интервал е предвиден и клучниот самит на ЕУ за Македонија и земјите од Западен Балкан, кој ќе се случи во мај следната година.
Во контекст на претстојното претседателствување со ЕУ, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ неодамна за медиумите потврди дека прашањето за проширувањето кон Западен Балкан ќе се врати на врвот на европската агенда кога неговата земја ќе го преземе кормилото на ЕУ.
Тој истакна дека тоа ќе биде почетокот на една нова декада и ги претстави клучни приоритети на хрватското претседавање со Европска Унија.

Хрватскиот државник посочи и дека во време на големи технолошки, геополитички и демографски промени на економијата и на пазарот на трудот, ЕУ се соочува со сѐ поголема конкуренција, особено од Кина и од САД и за овие процеси е потребен одговор на посилна Европа, која се развива и расте на балансиран и инклузивен начин.
Од македонското министерство за надворешни работи за актуелните случувања велат дека Хрватска е земја што добро ги познава динамиката на односите во регионот и значењето за негово правилно европско интегрирање.

– Оттаму, слично како и со бугарското претседателство во 2018 година, очекуваме ова прашање да се држи високо на агендата и за време на хрватското претседателство во првата половина на 2020 г. Истото тоа нуди шанса за воведување нов вистински импулс кон проширувањето, со донесување на заслужената одлука за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ – се вели во одговорот на МНР.
Во меѓувреме, експерти со кои се консултиравме се поделени во размислувањата што може нашата држава да очекува од политиките на Загреб за претседателствувањето со ЕУ во следните шест месеци.

Ангел Митревски, поранешен претседател на Заедницата на Македонците во Хрватска, коментирајќи ги актуелните случувања вели дека во моментов Македонија има историска шанса да го искористи во своја полза претстојното хрватско претседателството со ЕУ и во овој период конечно да го решиме проблемот што на земјата ѝ стои за влез во Унијата.

Митревски подвлекува дека за да се остварат стратегиските определби и цели на Македонија за влез во ЕУ, нашата држава треба со поголемо темпо да работи на оваа материја во Хрватска.

– За жал, се добива впечаток дека Македонија не ја препозна улогата на Хрватска во процесот на проширувањето на ЕУ. На таков заклучок нѐ наведува информацијата што подолг период беше испразнето амбасадорското место во Загреб и дополнително последните македонски дипломати што престојуваа во Хрватска можеби не беа на нивото да одговорат на предизвиците и, за жал, тие не успеаја да создадат поголемо македонско влијание меѓу тукашните политички и бизнис-елити, кои позитивно би се одразиле за време на претстојното претседателство – смета Митревски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тој додава дека, сепак, има уште многу работи што може да се сторат во следните шест месеци, во периодот кога Загреб ќе раководи со ЕУ и додава дека во корист на Македонија и на нашата дипломатија како и секогаш им стојат Македонците што живеат во Хрватска, кои се подготвени во секој момент да помогнат со своето влијание тукашната политика да издејствува позитивни резултати во ЕУ за нашата земја.
Сличен став има и хрватскиот европратеник Тонино Пицула, кој вели дека самитот во Загреб во мај за време на хрватското претседателство со ЕУ е шанса работите во регионот да се деблокираат и прашањето за проширувањето да се направи еден од приоритетите.

Пицула, кој е именуван за известувач на Европскиот парламент за препораки за Западен Балкан, пред самитот изрази очекување Европскиот совет да даде една полуподдршка за почеток на преговорите за Македонија и за Албанија, бидејќи тие земји го исполниле сето она што се барало од нив како предуслови за почеток на преговорите.

– Од Северна Македонија се бараше да го смени името на државата и тоа сѐ уште остава политички последици во таа земја. Сепак, со одлуката на францускиот претседател Макрон да се воздржи, одлуката на Европскиот совет е блокирана, како што беше случај во последните десет години. Според тоа, тоа е прашање на нарушен систем – смета тој, додавајќи дека сè уште е добро што таквата одлука ја врати политиката на проширување во фокусот на ЕУ.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, не очекува ништо драматично да се случи со македонското приближување кон ЕУ за време на следното хрватско претседателство со Унијата.

– Верувам дека ништо суштински нема да се промени за нас за време на мандатот на Хрватска, бидејќи нејзиниот глас не е силен внатре во ЕУ, каде што главните локомотиви се Германија и Франција. Мислам дека во следните шест месеци нема да добиеме датум за влез во ЕУ ниту пак ќе ни се промени нашиот статус во овие процеси – вели Пекевски.

Тој својата аргументација ја темели на изјавите на меѓународната заедница на нашиот напредок кон ЕУ, по фанцускиот нонпејпер и блокадата на Париз за наше зачленување.
– Европејците во наредните шест месеци ќе бидат повеќе окупирани со иднината на ЕУ, по брегзит и со можниот референдум на Шкотска за излез до Британија, а проширувањето верувам дека ќе биде ставено во периферен фокус – резимира тој.
Во меѓувреме, Албанија не седи со скрстени раце и веќе бара спонзори што ќе ја протуркаат во ЕУ, се вели во анализата на „Имерџинг Јуроп“.
– На овој начин, Албанија може да влезе во пократка тест-фаза, во која важни ќе бидат резултатите, но дотогаш мора да покаже посветеност кон условите зададени од германскиот Бундестаг – се вели во заклучокот на текстот.

[email protected]