Воведувањето на нов пристап во македонското џудо од страна на националната федерација претставува прифаќање на светските трендови во овој спорт. Новото раководство на федерацијата посветува големо внимание на психолошката подготовка и на исхраната на џудистите, со што забележливо е усвојувањето на иновативни методи. Користењето на иновативни методи во психолошката подготовка за големите натпреварувања му помогна на канадскиот национален џудо тим да се закити со еден златен и еден бронзен медал на Светското првенство во Токио годинава, а редовно освојува одличја и на гренслем и гранпри турнирите низ светот, со што евидентен е исклучителен напредок.
– Во последните 10 години се менува и нашиот пристап за натпреварувањата. Се менува нашето, како и однесувањето на џудистите. Работиме на доближување на иновации во џудото, во поглед на психолошката подготовка на џудистите и на нивната исхрана. Сега имаме размена на информации и на искуства преку контактите со другите федерации, особено од регионот, што овозможува и подобра подготовка – истакна Миодраг Стојановиќ, генералниот секретар на македонската џудо федерација.
Индивидуалните совети претставуваат клуч за психолошка подготовка на младите спортисти и на нивните тренери. Нивната цел е да овозможат управување со психолошкиот аспект на нивното џудо за максимизирање на резултатите, односно да се извлече најдоброто од нивниот тренинг во полза на остварување на амбициите. Индивидуалните совети и поддршката се дадени од советничката за психологија, Ребека Тандариќ, мајстор џудо 3-ти дан. Според препораките на Канадскиот совет за спортска психологија во џудото, може да се помогне во повеќе области.
– Новото џудо ги надминува старите методи каде што се работеше исклучиво на техника и на сила. Обуките сега посветуваат големо внимание и на психолошката подготовка, особено бидејќи условите значително се разликуваат помеѓу натпреварувањата. На пример, помеѓу домашните и меѓународните натпреварувања каде што има побројна публика и поголем притисок. Подготовката е корисна бидејќи кај натпреварувачите може да дојде и до психолошка блокада, при која не знаат која техника да ја изведат, и покрај тоа што ја вежбале на тренинзите. Целта е џудистот да се доведе во одредена смирена психолошка состојба – објаснува Стојановиќ.
Тој додава дека исхраната е поврзана со психолошката подготовка, со што е подеднакво важна за џудистите.
– Исхраната е многу важна за џудистите, бидејќи цели кон постигнување на идеалната тежина за одредена тежинска категорија и подготвеност за натпреварувањата. Се користи специјална енергетска исхрана, за џудистите постепено да ја достигнат идеалната форма и тежина. При начинот на исхрана се земаат предвид и времето на борбата, односно можната појава на нервоза поради притисокот пред натпреварувањето. Затоа е важно да се едуцираат џудистите и тренерите – вели Стојановиќ кој е магистер по нутриционизам.
Тандариќ препорачува процес од три чекори кој опфаќа процена на почетните потреби, програма за ментални вештини и следењето на напредокот. Почетната процена вклучува анализа на тековните ментални способности на спортистот. Процесот е исклучиво индивидуален бидејќи секој спортист е на различно ниво и има различни, специфични потреби. Почетната проценка на потребите вклучува тестови за психолошко профилирање и 30-минутно интервју. Сегашната технологија дозволува и работа и преку Скајп и Вибер.
– Процената се прави кај децата, бидејќи надворешното делување е полесно кај нив, односно помладите категории, отколку кај сениорите кои веќе имаат изградени навики и карактер – заклучува Стојановиќ. М.Ж.
Области во кои помага психолошката подготовка
- самодоверба
- мотивација
- соочување со негативени влијанија
- соочување со негативни емоции
- соочување со очекувани стравови
- контрола на движење
- соочување со сомневање во своите способности
- соочување со социјална вознемиреност
- управување со стресот
- вежби за концентрација
- фокус и обука за подигнување на свеста
- справување со неуспех
- именување и постигнување на целите
- справување со вознемиреност (особено пред натпревар)
- развој на рутина за конкуренција, управување со времето
- техники за учење кои можат да помогнат и во училиште и на колеџ
- справување со стрес
- помош со решавање на проблеми и донесување одлуки
- самоактуелизација на однесување
- напредок на спортската кариера
- помош при управување со транзиција