Илустрација: „Нова Македонија“

Со пакетот законски решенија за реформа на системот за следење на комуникациите ѝ се одзема монополската улога на УБК, а надлежностите им се распределуваат на низа институции. Најбитен елемент е тоа што се отстранува од УБК директниот пристап до комуникациите. Тоа беше и најголемата критика и од невладиниот сектор и од експертската група предводена од Прибе, поради високиот ризик од злоупотреби и техничка можност за нелегален пристап до комуникациите

Реформата на системот за следење на комуникациите е само еден дел од реформата на безбедносниот сектор што беше најавена од Владата. Потребно е што поскоро најтранспарентно да се продолжат потребните дискусии и дебати и да

се направат анализа и синтеза за можните модели за реформа на службите (пред сѐ на УБК) и консолидација на целокупниот безбедносен систем.

Реформата на разузнавачките и безбедносните служби сѐ уште е еден од приоритетите на Владата на Р. Македонија. Иако сѐ уште сме далеку од посакуваниот реформиран модел, кој ќе обезбеди минимален или никаков ризик од злоупотреби од една страна и ефикасно набавување релевантни докази во соодветните истражни постапки, вредно е да се спомене дека реформите се движат во насока на децентрализација и деконцентрација на безбедносната моќ на службите. Во меѓувреме, Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), како дел од МВР, во моментот сѐ уште ја има монополската позиција на системот за следење комуникации, како единствена институција со капацитети за спроведување на мерката. Односно, УБК има директен пристап до целиот комуникациски систем во државата и по потреба ги опслужува другите овластени органи, кога постои наредба за примена на мерката, што значи дека врши следење на комуникациите и за потребите на безбедноста и за криминалистички истраги. Истражувачката по безбедносни прашања во „Аналитика тинк-тенк“, Магдалена Лембовска, смета дека со пакетот законски решенија за реформа на системот за следење на комуникациите ѝ се одзема монополската улога на УБК, а надлежностите се распределуваат до низа институции.

 

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од друга страна, Лембовска објаснува дека во моментов е најважно тоа што се отстранува од УБК директниот пристап до комуникациите, што всушност беше и најголемата критика и од невладиниот сектор и од експертската група предводена од Прибе, заради високиот ризик од злоупотреби и техничка можност за нелегален пристап до комуникациите.
Во контекст на овие актуелни случувања, за нотирање е фактот дека во согласност со постојниот Закон за следење на комуникациите, овластени органи за примена на ваквата мерка се Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Финансиската полиција и Царинската управа. Меѓутоа, со претстојните измени, ниеден од овластените органи нема да има ваков директен пристап до содржината на комуникациите. Тој ќе биде овозможен само преку новата оперативно-техничка агенција (ОТА), како технички центар што треба да се формира.
Според истражувачката Лембовска, ОТА треба да има исклучиво техничка улога како центар што ќе ги активира и деактивира мерките за следење на комуникациите врз основа на обезбедена судска наредба, без надлежност да пристапи до самата содржина на комуникациите.

– Поточно, ОТА ја има улогата на посредник меѓу операторите и овластените органи. Од друга страна, овластените органи (меѓу кои и УБК) нема да можат да ја применат мерката самостојно, туку потребно е ОТА технички да им го овозможи тоа – истакнува таа.
Понатаму, со новото законодавство се прави јасна дистинкција меѓу две работи: прво е следењето на комуникациите како посебна истражна мерка (ПИМ), а второ е следењето на комуникациите за заштита на интересите на безбедноста и одбраната.

Во првиот случај на употреба на т.н. ПИМ, таа се спроведува од страна на правосудната полиција (овластените лица од полицијата, Финансиската полиција и Царинската управа, кои работат на откривање кривични дела) и крајната цел е поднесување кривична пријава. Кога се работи за вториот случај, имено за безбедноста и одбраната на државата, мерката се спроведува од страна на УБК или Министерството за одбрана и целта е пред сѐ да се дејствува проактивно и да се открие можна безбедносна закана.
Експертскиот став на Лембовска по ова прашање е дека ова значи дека, покрај УБК, сопствени капацитети за следење на комуникациите ќе треба да развијат и другите овластени органи (Министерството за одбрана, Финансиската полиција и Царинската управа).
Таа објаснува дека ќе бидат потребни не само инвестиции во смисла на техничка опрема туку и обучување на персоналот за примена на следењето на комуникациите како посебна истражна мерка.

Во меѓувреме, она за што треба да се води сметка при имплементирањето на новото законодавство е ОТА да не излезе од рамките на својата техничка улога, односно да се оневозможи каков било пристап до содржината на комуникациите од страна на вработените во ОТА. Тоа ќе зависи од спецификациите на опремата што ќе се набави, но и воспоставувањето соодветни заштитни механизми. Македонските чинители при креирањето на моделот се потпреле врз хрватското решение што се однесува на прашањето за следење на комуникациите. Имено, во Хрватска постои т.н. Оперативно-технички центар (ОТЦ), кој на сличен начин ги опслужува сите овластени органи. Она на што сепак треба реално да се обрне особено внимание е дека хрватското решение со постоењето и функционирањето на ОТЦ (нешто слично, ако не и идентично на решението предложено кај нас – ОТА) честопати е цел на критика на хрватската стручна јавност, бидејќи се смета дека има исклучителна важност во безбедносно-разузнавачкиот систем и како такво е подложно на ризици од злоупотреби.

(Продолжува утре: Кој е најголемиот ризик од нелегално прислушување?)