Досега македонските книги на бугарски јазик се преведуваа од македонски јазик, а не од „јазик според Уставот на Република Северна Македонија“
Блаже Миневски
Во декларацијата што бугарскиот парламент ја донесе едногласно на почетокот од октомври 2019 година се бара Македонија „да го користи изразот ’службен јазик на Република Северна Македонија’, а само кога е ’апсолутно неопходно’ да се користи терминот ’македонски јазик’ во документите и позициите на ЕУ, каде што треба да се објаснува со ѕвездичка секој пат – ’според Уставот на Република Северна Македонија’“. Декларацијата ултимативно бара „да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик во поранешната Југословенска Република по нивната кодификација од 1944 година“. „Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признание од страна на бугарската страна за постоењето на т.н. ’македонски јазик’, одвоен од бугарскиот“, стои во документот.
Ваквата (анти)добрососедска небулоза деновите ја поткрепи со своја декларација и БАН – Бугарската академија за науките. Сега легитимно македонските писатели, потсетувајќи на нивните предупредувања и можните стапици од договорот за добрососедство, го поставуваат прашањето „од кој јазик во иднина ќе се преведуваат нашите книги во Бугарија по договорот за добрососедство, по декларацијата што ја донесе бугарскиот парламент и по ставот на БАН?“ Во сите нив како документи не постои македонски народ, па, според тоа, не постојат ни македонски јазик ни македонска книжевност. Во точките од декларацијата, на премер, Северна Македонија е само географски регион без свој јазик, без своја историја и без свој идентитет. По договорот што го потпишаа владите на двете земји, а кој ѝ претходеше на шокантната декларација на бугарскиот парламент и на БАН, кај нашиот источен сосед владееше и владее големо, еуфорично задоволство. Бугарскиот парламент ваквиот развој на настаните го прифати како своевидно „ослободувањето на западните предели“.
Што се однесува до јазикот, пред да го потпишат таканаречениот договор за добрососедство врз кој се базира декларацијата на бугарскиот парламент и онаа на БАН, требаше да го знаат фактот дека веќе над две децении релевантните бугарски писатели, преведувачи и издавачи немаат (или немаа) проблем со македонскиот јазик.
Имено, сите книги објавени во Бугарија од осамостојувањето на Македонија досега се објавени како дела преведени од македонски на бугарски јазик!
Во сите книги издадени досега пишува(ше) дека се преведени од македонски јазик, а отсега, според предавничкиот договор, собраниската декларација и ставот на БАН, ќе мора да пишува дека се преведени од „јазикот според Уставот на Северна Македонија“! Зашто стана ништовно она што веќе се практикуваше како вообичаена, нормална работа кога се преведува одредена книга од еден на друг јазик! Македонските писатели се огорчени и разочарани бидејќи се испорача нешто што се бараше?
Потресен, громогласен апел на Блаже Миневски
Забранувам да се прифати дека моите книги, кои во Бугарија се преведени од македонски на бугарски јазик, се преведени на „јазик според Уставот“
Потпишувајќи договор во кој јазикот на Македонија е сведен на некаква описна дефиниција за јазик „според Уставот“ е предавство од највисок степен! Македонските писатели, барем оние чии дела се преведени во Бугарија, не смеат да чекаат некомпетентни да решаваат за нивните дела и за преводот на нивните книги! Во бугарските библиотеки, почнувајќи од Националната, па до најмалата локална библиотека во државата, има десетици и десетици книги на македонски автори во кои пишува дека се преведени од македонски јазик! Зошто сега Бугарија би барала да не се именува јазикот со вистинското име, кога тој е именуван таму каде што, веројатно, е најтешко да се именува од нивна страна – во творештвото, во вечниот регистар на книжевните јазици, во историјата на светската литература? Или, пак, сега можеби ние самите (?!) самоиницијативно го поништуваме она што двете држави, двете култури, двете книжевности, двете држави, двата народа го постигнаа, преведувајќи дела на едниот или на другиот јазик без комплекс на супериорност или инфериорност?
Без да навлегувам во другите понижувачки сегменти од договорот за добрососедство, декларацијата на бугарскиот парламент и набулозата на БАН, забранувам во мое име, како автор чии романи („Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Мемоарите на една млечка“ и „Нишан“) се преведени во Бугарија „од македонски јазик“ на „бугарски јазик“, да прифаќате нешто што мојот јазик ќе го идентификува како „јазик според Уставот“! Ниту моите романи ниту книгите на моите колеги, објавени досега во Бугарија, не се преведени од некаков небулозен „уставен јазик“ туку од македонски, современ, книжевен јазик. Македонските писатели бездруго се повеќе ценети и почитувани од своите бугарски колеги, писатели и издавачи! А договорот за добрососедство требаше да се потпише на бугарски и на македонски јазик! Македонското друштво на писателите НУБ „Св. Климент Охридски“, македонскиот ПЕН и други наши институции одамна веќе го имаат направено тоа!
Престанете да го продавате македонскиот идентитет за лажни ветувања. Македонија ништо нема да добие со самопонижување. Македонија може да добие со самопочитување.
И, читајте!
Прочитајте понекоја книга на македонски автор преведен на бугарски, и бугарски преведен на македонски јазик.
Во Македонија за дваесет и пет години се објавени над триста книги од бугарски автори преведени на македонски јазик.
Во Бугарија за исто толку години се објавени исто толку книги од македонски автори преведени од македонски на бугарски јазик!
И не е исто, како што не е с’што, да се чита и да не се чита!
И не е исто, како што не е с’што, да се биде патриот и да се биде предавник!
Македонскиот јазик и македонскиот народ постојат независно од тоа што мислите вие и што мислат вашите „внатрешни и надворешни пријатели“ за нас Македонците!
Блаже Миневски, писател