До неодамна, во записниците за работата на комисијата се користеле термините „македонската страна“ и „бугарската страна“, но од последните два состанока во употреба бил друг термин „историчарите од Република Северна Македонија“. Избегнувањето на придавката „македонски“, бугарските експерти го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде што таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и комисијата, како тело формирано од Владата
Духот на билатералниот договор за добрососедство меѓу нашата земја и Бугарија одново претрпе тешка опструкција, овој пат од Бугарската академија на науките (БАН). Имено, наспроти искажаната политичка волја на двете влади за развивање добрососедство меѓу државите (за волја на вистината, во договорот нема елементи за уважување на македонскиот народ и сите атрибути што произлегуваат од засебноста на нашата нација), токму изоставањето на таквата материја на голема врата донесе материјал за потенцијални опструкции.
Сега, највисоката академска институција на Р Бугарија, имено Бугарската академија на науките (БАН), користејќи ги таквите недоречености во договорот за добрососедство, го негира битието на договорот за заемно почитување, разбирање и признавање, со напаѓање на фундаменталниот белег на нашата нација – македонскиот јазик, а со тоа и постоењето на македонската нација како засебен национален супстрат.
Всушност, Бугарската академија на науките (БАН) повторно го реафирмира својот стар став дека македонскиот јазик не постои и дека тој е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“. Овој нов ангажман на БАН наводно е одговор на потегот на собранието на МАНУ (Македонската академија на науките и уметностите), кое на 3 декември годинава ја усвои Повелбата за македонскиот јазик, во која ги изнесе научно признаените факти за посебноста на македонскиот јазик.
На Повелбата на МАНУ, пак, претходеа уште цела низа предизвици од бугарска страна, во текот само на оваа година, главно генерирани со работата на заедничката македонско-бугарска историско образовна комисија, создадена како резултат на договорот за добрососедство и соработка, потпишан во август 2017 година. По осум-девет средби, работата на оваа комисија е доведена во своевиден безизлез, токму поради инсистирањето на бугарската страна да се прифатат исклучиво нивните позиции за бугарскиот карактер на македонската историја, значајните личности во неа (пред сѐ, на македонскиот револуционер Гоце Делчев), како и барањето во Македонија да го отстрани од спомениците и учебниците квалификативот „бугарски фашистички окупатор“… Во меѓувреме, односно пред два месеца парламентот во Софија, по предлог на бугарската влада усвои декларација со која бугарската поддршка за членство на Македонија во ЕУ се условува со прифаќање на сите претходно наведени барања.
Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, вели дека не е изненаден од последниот став на БАН.
– Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката комисија – вели Ѓоргиев.
Според него, ваквата атмосфера доминирала и на состаноците на комисијата. Неговите бугарски колеги во разговорите избегнувале во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“, „македонска култура“. До неодамна, во записниците за работата на комисијата се користеле термините „македонската страна“ и „бугарската страна“, но од последните два состанока во употреба бил друг термин: „историчарите од Република Северна Македонија“. Избегнувањето на придавката „македонски“, бугарските експерти го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде што таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и комисијата, како тело формирано од Владата.
Во однос на новиот став на БАН за македонскиот јазик, професорот од Филолошкиот факултет при УКИМ и претседател на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, смета дека бугарските академици не напреднале во своите позиции веќе со децении и упорно ги игнорираат научните докази за посебноста на македонскиот јазик.
– Уште во 1978 година, во едно стручното списание, бугарските лингвистички авторитети излегоа со студија, со која тврдат дека македонскиот јазик е дел од бугарскиот. Истата теза, од збор до збор, е изнесена во овој нов став на БАН, што, за жал, укажува дека, и покрај членството во ЕУ, научно воопшто не напреднале. Од друга страна, пак, познато е дека цели академски кариери во Бугарија се градени врз антимакедонизмот, па со прифаќање на реалноста за постоењето на македонскиот јазик, би се негирале себеси. Жално е што во 21 век се манипулира со национални чувства за политички поени. Не е исклучено дека врз бугарската страна влијаат и некои други политички фактори, на кои им одговараат вакви провокации за да ја спречат Македонија во нејзините евроинтеграции. Прашањето за нас е дали воопшто ни се потребни расправи на теми што се нерешени со децении, во кои никој никого не може да убеди. Очигледно е дека ниту Бугарите не можат да нѐ убедат дека не сме Македонци, а ниту ние нив во нешто што не сакаат да прифатат како реалност. Во 21 век, со некои други перспективи и предизвици, никој никого не треба да провоцира. Попаметно ни е да соработуваме, отколку да продолжиме со игри, каде што позициите не се менуваат со децении – вели професорот Људмил Спасов.
Најновиот став на БАН за македонскиот јазик, историчарот Драги Ѓоргиев го смета како опструкција на заложбите за градење добрососедство, за што формално се обврзаа и Македонија и Бугарија.
– Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја од втората половина на 19 век до 1944 година и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија – вели Ѓоргиев.
Според Ѓоргиев, ако се придржуваме до позицијата од договорот за добрососедство, ако сме две земји со испреплетена историја и ако Бугарија очекува да израснеме во однос на некои прашања од минатото, тогаш и Бугарите треба да израснат во однос на прашања од сегашноста.
Заев: Ќе реагираме, но нема да ги расипеме односите со Бугарија
Македонскиот премиер Зоран Заев најави дека Владата ќе реагира на оцената на БАН дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, но дека нема да бидат суспендирани преговорите со Бугарија.
– Ќе реагираме поради тоа што тоа прашање е дел од прашањето за решавање на проблемите помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија во договорот за добрососедство и пријателство. Првите чекори се направени. Верувам дека тоа мораме да го решиме. Јас не ја знам реакцијата, сега ја слушам од вас. Секако ќе реагираме и преку МНР и ќе ги направиме сите наши коментари откако ќе прочитаме што е самата реакција – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан дали тоа може да значи суспендирање на преговорите со Бугарија, премиерот Заев нагласи дека договорот со Бугарија е „внимателно испишан од двата народи заради идентитетските прашања и е потпишан на македонски и на бугарски јазик во согласност со уставите на двете држави“.
– Таа формулација во согласност со уставите на државите во самиот договор покажува дека Бугарија сѐ уште не е на чисто со признавањето на нашиот македонски јазик. Тоа е прашање што остана да го решиме низ имплементацијата на договорот и јас верувам и уште еднаш апелирам ако сме Европејци и ако се залагаме за европска демократија и за европските вредности и права, тоа прашање што поскоро да го надминеме – изјави Заев.
Во меѓувреме актуелниот претседател на МАНУ, Таки Фити, во изјава за медиумите посочи дека има информации оти сите академици на БАН не го поддржале ставот со кој излезе Бугарската академија.
– Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа. Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите со БАН, ќе разговараме, ние сме се договориле дека нема прашања за кои не може да разговараме, дури и за најсензитивните – изјави академик Фити пред почетокот на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик Ксенте Богоев.
Реакција од Институтот за македонска литература на ставот на БАН
Повреда на меѓународното право за себеидентификување
Една од македонските институции што се огласија по повод ставот на БАН за македонскиот јазик е Институтот за македонска литература во Скопје, која реагира дека на тој начин „индиректно се активираат политички инволвирања во директното негирање на македонскиот народ и на македонскиот јазик, што претставува повреда на меѓународното право за себеидентификување“.
– Институтот за македонска литература најостро реагира по повод ставот на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик „не постои“, т.е. дека е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“.
Со ваквата изјава се негира постоењето на македонскиот јазик, литература, историја и култура и со тоа се врши негирање на македонскиот национален идентитет. За македонскиот јазик, литература, историја и култура се објавени стотици илјади монографии, студии, ставови и аргументи на македонски и на други светски јазици од реномирани домашни и странски слависти, филолози, историчари, социолози, етнолози, политиколози, културолози со кои се докажуваат правниот и историскиот континуитет на македонската нација, која постои со македонскиот јазик.
Наместо БАН, како највисока научна установа во Република Бугарија преку науката да ги афирмира воспоставените научни и културолошки интеракции меѓу македонскиот и бугарскиот народ за градење пријателство и меѓусебно разбирање и почитување, индиректно активира политички инволвирања во директното негирање на македонскиот народ и на македонскиот јазик, што претставува повреда на меѓународното право за себеидентификување – се вели во реакцијата на Институтот за македонска литература во Скопје.