Медицинските експерти велат дека безбедно ниво при изложеност на ПМ-честиците не постои, односно сите концентрации на ПМ-честички се опасни по здравјето на луѓето. Новите сознанија говорат дека не се појавуваат само болести на дишните патишта како ефект од загадениот воздух, туку и болести на циркулаторниот систем, како мозочен удар или инфаркт на срцевиот мускул и многу други
Дишењето загаден воздух секако предизвикува здравствени компликации, а уште ако тоа трае со години, како во нашиот случај, тогаш последица се не само многу болести на дишните органи, туку и мозочни удари, инфаркти и други заболувања кај населението. Особено е штетно вдишувањето на загадениот воздух во зимскиот период, кога ПМ-честиците неколкукратно го надминуваат прагот на дозволените граници. Според расположливите официјални анализи, домаќинствата како доминантен извор на загревање, сообраќајот, индустријата, неконтролираните градежни активности и неконтролираното фрлање отпад на диви ѓубришта како и спалувањето на отпадот или стрништата, се веќе идентификувани како главни извори на загадувањето. Некои досегашни анализи покажуваа дека граѓаните на Скопје 162 дена во годината дишат загаден воздух, а во деновите на загадување ПМ-честичките неколкукратно ја надминуваа дозволената граница. Високата стапка загаденост предизвикува разни заболувања и предвремена смрт. Се поставува прашањето како високата концентрација на загадувачки материи влијае на појавата на хронични болести кај граѓаните и децата во градот.
Според податоците од Светската здравствена организација, Скопје бил најзагадениот европски град во 2018 година, а исто така неодамна тој повторно се појави на врвот од листата на најзагадени градови во светот. Медицинските експерти велат дека безбедно ниво при изложеност на ПМ-честиците не постои, односно сите концентрации на ПМ-честички се опасни по здравјето на луѓето. Исто така, велат дека долготрајната изложеност на големи концентрации од загадувачки материи предизвикува хронични заболувања, рак, болести на циркулаторниот систем и разни други заболувања.
– Традиционалниот јавно-здравствен пристап долги години ги препознаваше само болестите на дишни патишта како ефект по здравјето од загадениот воздух. Новите сознанија говорат дека не само тие, туку болестите на циркулаторниот систем (крвните садови особено на срцето, мозокот и периферните крвни садови) се афектирани од ПМ-честичките, па така мозочен удар или инфаркт на срцевиот мускул се најчестите последици при изложеност на загаден воздух. Ракот на бели дробови, дијабетес тип два, невродегенеративните болести, особено Алцхајмеровата болест кај возрасните како и аутизам кај малите деца, се најчестите регистрирани штетни ефекти поради тие изложености – вели докторката Мирјана Димовска, научна соработничка од Институтот за јавно здравје, при Секторот за здравствена екологија.
Димовска додава дека не треба да се заборави дека ПМ-честичките се веќе класифицирани како сигурни канцерогени материи што предизвикуваат рак, во прв план рак на белите дробови кај луѓето што биле долготрајно изложени на високи нивоа на загаден воздух со ПМ-честички.
Институт за јавно здравје
Стапки на смртност по општини
Според медицинските експерти, ефектите од загадувањето на воздухот можат да се следат преку анализи на морбидитетот (колку луѓе заболеле) и на смртноста (колку луѓе починале) од болести што можат да се поврзат со изложеност на загаден воздух.
Анализата што ја има направено Институтот за јавно здравје за потребите на градот Скопје, покажала дека градот во однос на националниот просек има незначително пониска стапка на прегледи кај лекар-специјалист поради болести на дишни патишта.
– Резултатите од анализата треба да се земат со резерва затоа што беа анализирани податоци добиени од „Мој термин“ на Министерството за здравство, што значи дека се податоци од пациенти што се лекувале во јавното здравство или пакет на услуги што ги покрива ФЗОРСМ, при што не се опфатени пациентите што се лекувале во приватните здравствени установи. Очекувано, детската популација особено деца на возраст од нула до шест години се јавувале многу почесто на преглед отколку преостанатите возрасни групи – вели докторката Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје.
Од оваа институција информираат дека стапката на астма е трипати поголема во општината Центар, споредено со општината Сарај. Во однос на болничките приеми од респираторни заболувања, повисока стапка е забележана во Центар, додека пониски стапки се регистрирани во Аеродром, Сарај и Ѓорче Петров. Стапките на болничките приеми поради болести на циркулаторниот систем повторно се највисоки во Центар и најниски во Сарај.
Од Институтот за јавно здравје велат дека анализите за смртноста, кои се најверодостојни за следење на ефектите од одредени ризик-фактори, вклучувајќи го и загадениот воздух, покажуваат дека на територијата на градот Скопје општината Центар и Карпош имаат највисока стапка на смртност од сите причини, а Сарај повторно има најниски стапки. Истото тоа се однесува и за смртноста од циркулаторни болести. Анализата на смртноста од рак на белите дробови покажува највисоки стапки во општината Шуто Оризари и најниски во Сарај. Од институтот велат дека ограничувачки фактор е недостигот од податоци за пушачкиот статус на овие лица што починале од рак на белите дробови.
– Во однос на рак на белите дробови нема некој значителен тренд на пораст или опаѓање во однос на рак на белите дробови на територијата на градот Скопје во последните три години. Болестите на циркулаторниот систем бележат тренд на опаѓање што може да се должи и на зголемената свест на населението и промена на животните стилови, додека болестите на респираторниот систем бележат тренд на пораст – објасни д-р Димовска.