Брзото заладување, дождот, грмотевиците, ветерот, топењето на снегот, се фактори што со своето влијание можат да го наградат рибарот со богат улов, но некогаш и да го доведат до очај
Промените на метеоролошките услови рибите многу добро ги чувствуваат, но и ги предвидуваат. Брзото заладување, дождот, грмотевиците, ветерот, топењето на снегот, се фактори што со своето влијание можат да го наградат рибарот со богат улов, но понекогаш и да го доведат до очај.
Така, на пример, силниот дожд во прв момент негативно влијае на успехот во риболовот, но ако тој трае кратко или, пак, паѓа понекоја капка на површината на водата, тогаш успехот е загарантиран. Дождот може да ја принуди рибата да почне да се храни малку порано отколку претходните денови кога времето било ведро, а површината на водата мирна. Дождовните капки што паѓаат во водата ја разладуваат нејзината површина и ја збогатуваат со кислород. Ситната риба тогаш излегува на површината на водата, па рибите грабливки се принудени да се хранат во горните слоеви. Но ова позитивно влијание на дождот, се однесува само во текот на летото и раната есен.
Во зависност од насоката, ветерот понекогаш е пресуден, а понекогаш само помошен фактор за успешен риболов. Во такви услови, кога водата се бранува, рибите грабливки обично почнуваат малку порано да ловат отколку кога нема ветер и најчесто тоа се одвива во крајбрежниот појас. Пресилниот ветер или невремето проследено со силни грмежи, во почетокот негативно влијае на риболовот, оти тогаш рибата е уплашена, престанува да се храни и се крие во подлабоки засолништа. Исклучок е само големиот сом.
Кога невремето и грмежите ќе стивнат, може да се забележи голема раздвиженост на рибите на површината на водата. Ситната риба тогаш се движи кон горните слоеви, кои се побогати со кислород и со храна, а се нанесени од ветерот. Во зима, единствено јужниот ветар носи стабилно и потопло време и им помага на рибарите. Ветриштата во сите други правци многу негативно влијаат на зимскиот риболов. Конкретно, северниот и северозападниот ветар се неповолни преку зима, а во лето, пак, се одличен сојузник на рибарите. Наесен најповолен за риболов е југоисточниот ветар.
Чакал – животно што лесно се крие од ловџијата
Ловџиите често одат во лов на чакал, но пешачењето по него не е многу успешно, оти тоа е многу итро животно
Чакалот е грабливец со среден раст, еден од трите (во некои извори и четирите) цицачи од фамилијата кучиња (канидае), пронајдени во Африка, Азија и во Југоисточна Европа. Во Македонија живее обичниот чакал (канис ауреус). Со тоа што го напаѓа добитокот, тој се смета за штетник.
Ловџиите често одат во лов на чакал, но пешачењето по него не е многу успешно, оти тоа е многу итро животно и лесно може да се скрие од очите на човекот. Животното изгледа плашливо, ретко ги напаѓа луѓето, но, сепак, треба да се биде внимателен при ловот оти имало и смртни случаи. Тој е носител на разни болести, а неговото каснување може да биде многу опасно. Се смета дека е на трето место по ширење беснило.
Некои поединци претпочитаат да живеат во не многу големо стадо (не повеќе од десет животни). Повозрасните чакали, сепак, сакаат да ловат сами или во двојки и најчесто при стемнување. Чакалот е многу итро животно, а некои дури го споредуваат со лисицата. Но општо гледано тој е плашливо животно, оти и во случај на опасност, ретко влегува во борба, а претпочита да побегне. Сака да крикне, особено пред да оди на лов и кога има месечина.