Австрискиот автор Петер Хандке, кој ја доби годинашната Нобелова награда за литература, е обвинет за фалсификување на историјата и за величање на воените злосторници
Петер Хандке, австрискиот писател што е добитник на Нобеловата награда за литература, неодамна кажа дека тој ги мрази различните мислења, се наведува во колумната на „Њујорк тајмс“ насловена „Гениј, негирач на геноцидот, или двете?“ објавена во пресрет на синоќешната церемонија на доделувањето, која се одржа во Стокхолм.
– Јас ја сакам литературата – додаде тој, во жестока размена на зборови за време на прес-конференција во Стокхолм, минатата недела. За жал на Хандке, многумина имаат различни мислења за него. Некои го гледаат како гениј што ги помести границите на тоа што романите и претставите можат да бидат. Но другите не се толку позитивни.
Хандке е обвинет за негирање на геноцидот поради доведување во прашање на настаните од војните на Балканот од 90-те години, вклучувајќи го и масакрот во Сребреница, во кој беа убиени околу 8.000 муслимани. Тој, исто така, е критикуван поради говорот на погребот на Слободан Милошевиќ, српскиот политичар што беше суден за воени злосторства во Хаг.
Од 10 октомври, кога шведската академија го именуваше Хандке за лауреат за 2019 година, околу него се крена бура.
Сава Станишиќ босанско-германски автор што избега од војната како дете, кажа дека одлуката е како „удар во стомакот“ за жртвите од конфликтот. Таа беше „естетско и морално разочарување“, додава тој.
Дури и член на шведската академија, организација што ги бира лауреатите за Нобелова награда за литература, протестираше за одлуката. На 5 декември, писателот Петер Енглунд кажа дека нема да учествува во годинашните настани. „Ова е прашање на совеста за мене“, порача Енглунд преку мејл.
Но, одредени познати имиња од литературата не гледаат подобар избор.
– Не можам да помислам на поочигледен лауреат за Нобел, отколку него – вели норвешкиот писател Карл Уве Кнаусгор, додавајќи дека Хандке напишал ремек-дела во секоја деценија од неговата кариера.
– Големиот поет Хандке ја заслужи Нобеловата награда десет пати – изјави Елфриде Јелинек, австриската писателка, која ја доби Нобеловата награда награда за литература во 2004 година.
Но, малкумина имаа прилика да го прашаат самиот Хандке за неговото пишување или мотивација. На 10 октомври тој се сретна со новинарите во неговиот дом во близина на Париз, но ја прекина импровизираната прес-конференција откако беше прашан за пишувањето за балканските војни.
– Јас сум писател. Јас сум вкоренет во Толстој, јас сум вкоренет во Хомер, јас сум вкоренет во Сервантес. Оставете ме на мир и не ми поставувајте такви прашања – кажа австрискиот нобеловец.
На прес-конференцијата во Стокхолм во петокот, Хандке издвои писмо од „Њујорк тајмс“ во кое беше побарано интервју за овој напис. Тој го одби барањето, велејќи дека не сака да одговара на „празни и неуки“ прашања. (Неговиот издавач веќе одби неколку други слични барања).
Хандке е роден во 1942 година во малиот австриски град Грифен. Неговата мајка имала словенечко потекло, а татко му е германски политичар, со кого таа била во врска. До својата 18-та година, Хандке претпоставувал дека неговиот очув, кој бил насилен откако пиел алкохол, како што напиша самиот писател, е негов биолошки татко.
– Тој одрасна во многу лоши услови, во зафрлен провинциски регион. Тоа било исклучително тешко. Тој бил единствениот што студирал. Тој уште има такво држење. Ако ги погледнете неговите нокти, под нив вообичаено има црнило – вели Малте Хервиг, новинар што ја напишал биографијата на Хандке.
Неговото семејство живееше накратко во Берлин, но потоа се врати во Грифен во 1948 година. За време на патешествието, сестрата на Хандке била носена во торба за пазарење, напиша тој во „Тага надвор од соништата“, сведоштво за животот на неговата мајка и нејзиното самоубиство, која била објавена во 1972 година.
Втората светска војна и нејзините последици имале очигледен ефект, пишува Хервиг. „Тој бил навистина чувствително дете“, вели Хервиг, опишувајќи ги како „нервозен, лесно опфатен од гнев или лесно плашлив“.
Хандке го истакна детството во фокусот на неговото предавање за Нобеловата награда, велејќи дека приказните на неговата мајка, за трагичниот живот на „идиотската“ млекарка и за смртта не нејзиниот брат, му „пружиле стимул за безмалку доживотна кариера како писател“.
Уште од почетокот Хандке ги поместуваше границите на литературата. Тој напиша претстава без зборови „Часот во кој не знаевме ништо едни за други“ – чиј текст се состои речиси потполно од описи на ликовите што шетаат на сцената. („келнер“ се појавува накратко, празна кофа со коцки мраз, кои паѓаат и удираат насекаде).
Претставата „Навредувајќи ја публиката“ од 1966 година, што го прослави Хандке, завршува кога актерите упатуваат навреди кон публиката (на присутните, тоа навидум им се допаѓаше, а понекогаш и возвраќаа на навредите).
Низ 70-те и 80-те години, голем дел од творештвото на Хандке беше фалено. Германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го нарече „миленик на западногерманските критичари“.
Ако Хандке беше критикуван пред 90-те години, тоа генерално беше од страна на конзервативни ликови од литературата, кои не ги сакаа неговите авангардни тенденции. Кога објави два есеи во јануари 1996 година, во врска со патувањето во Србија (објавени во книжевна форма насловена „Патување до реките, правда за Србија“) обвиненијата се проширија и надвор од литературните страници, со што од него се откажаа политичари, новинари и организации за човекови права.
Хервиг вели дека за време на војните на Балканот, Хандке читал вести во неговиот дом во Франција и бил изнервиран бидејќи ја претставувале Србија како негативец во конфликтот, без да дискутираат за комплексните причини. Првиот инстинкт на Хандке не бил да ги прифати таквите извештаи како точни, вели Хервиг, додавајќи „сакаше да каже, ок, но ова не може да биде целосната вистина“.
„Сакам да прашам како таков масакр треба да биде објаснет“ напиша Хандке за Сребреница. Тој отиде во Србија и во деловите на Босна под српска контрола, и разговараше со локалното население. Есеите што резултираа од патувањата, исполнети со обвинувања против новинарите, на многумина им се чинеше, како да одат надвор од барањето контекст, ублажувајќи ги или доведувајќи ги во прашање фактите преку литературни игри.
Хервиг кажа дека Хандке беше нечувствителен кон жртвите на босанските муслимани во војната, дозволувајќи си да биде инструментализиран од српските националисти – но без разлика, тој ја заслужи Нобеловата награда.
Скот Абот, американскиот преведувач што го придружуваше Хандке за време на посетата на Србија, кажа во телефонски разговор, дека писателот бил привлечен кон таа земја поради словенечкото потекло на неговото семејство.
Хандке патуваше низ Југославија и напиша „неколку прекрасни есеи“ за тие патувања, вели Абот, како што се оној за чистач на кондури во Хрватска, и уште еден за различните шамии што ги видел во Македонија.
– Тој имаше чувство за Југославија како за извонредна, богата, мултикултурна држава, која немаше национализми какви што ги видел во Германија и во Австрија. Тоа беше утописко место за него. Кога Југославија се распадна, Хандке виде дека таквата утопија исчезнува – вели Абот.
Жарко Радаковиќ, пријател што патуваше во регионот со Хандке, и кој ги преведуваше неговите дела, кажа во телефонско интервју дека „југоносталгијата била централна за погледот на светот на писателот“.
– Секако дека е навистина тешко да пишувате за граѓанска војна. Тој само сакаше да биде противтег на се што беше напишано и кажано во медиумите. Тој отиде таму, шеташе и ја опишуваше ситуацијата – објаснува Радаковиќ.
Тој и други поддржувачи на Хандке веруваат дека критичарите биле фокусирани на неколку контроверзни страници во делата на писателот, но не прочитале доволно за да судат за мотивите на авторот.
– Хандке е толку комплексен, тежок автор. Сите негови 87 дела некако се поврзани. Му верувам некому што е потполно ослободен од клишеа и само го гледа светот и реагира – додава Радаковиќ.
Хервиг вели дека нема проблем со критиките на Хандке за новинарскиот јазик, но додава „тој евентуално направи некои од работите за кои ги обвинуваше новинарите – лажни предрасуди и лажна контекстуализација.
– Неговите пријатели веднаш му кажаа. Ако го објавиш ова, тоа ќе те доведе во проблеми. А тој продолжи – објаснува Хервиг.
Но дури и најголемите поддржувачи на Хандке имаа потешкотии да објаснат зошто тој одржа говор на погребот на Милошевиќ.
– Ги гледам сите тие фотографии од него, наспроти големата слика од Милошевиќ и помислувам, што по ѓаволите – истакнува Абот.
Тој додава оти Хандке инсистирал дека неговиот говор не е пофалба за Милошевиќ, туку елегија за Југославија.
– Но тој заборава дека, ако стоиш таму, и тоа значи нешто – смета Абот.
Други писатели би се повлекле соочувајќи се со таква осуда, но не и Хандке.
„Не треба да бранам, ниту да повлекувам ниеден збор. Пишувам за моето патување низ земјата на Србија, точно како што ги напишав моите книги, мојата литература“ напиша Хандке во предговорот на американското издание на „Патување до реките“.
Хервиг тврди дека тоа не била ароганција, туку пркос.
Недолго откако Хандке зборуваше на погребот на Милошевиќ, театарот „Комеди Франсез“ во Париз откажа една од неговите претстави. Во 2006 година Хандке одби германска литературна награда откако политичарите во Диселдорф се закануваа дека ќе ја повлечат. Други претпочитаа да се фокусираат на неговото пишување. Во 2007 година, австриската Национална библиотека ја откупи архивата на Хандке за околу 750 илјади долари.
Очигледно, за шведската академија, неговата работа има предност. Ребека Карде, новинарка што го советуваше комитетот што ја доделува наградата, вели дека Хандке кажал и направил работи што нејзе и се тешки да ги разбере. Но, таа додава, тоа не значи дека тој не ја заслужува наградата.
Хандке отиде во Србија „обидувајќи се да го отвори светот преку неговото уникатно, идиосинкратско, литературно присуство. Но двосмисленоста и комплексноста на јазикот што го понуди, дополнета со симпатиите на Хандке, наместо тоа, отворија пандорина кутија на тага, гнев и очај.
Посматрајќи го Хандке како некаков ѓаволски лик, додава Кнаусгор, е потполна спротивност од луѓето во неговите дела.
– Светот и луѓето во него, никогаш не се црни, никогаш не се бели, никогаш не се добри, никогаш не се лоши, туку тие претставуваат комбинација од сите овие нешта – вели тој.