Двете земји продолжуваат да не се согласуваат околу прашања како што се повлекувањето на силите поддржани од Русија и одржувањето избори во областите на Украина што се под контрола на сепаратистите
Украина и Русија се согласија да спроведат „целосен и сеопфатен“ прекин на огнот во источна Украина до крајот на 2019 година, по разговорите на највисоко ниво. Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски ја имаа својата прва директна средба на самитот во Париз за решавање на украинскиот конфликт, кој досега зеде 13.000 животи.
Разговорите се одржаа во рамките на т.н. Нормандиска четворка, што ја сочинуваат Русија и Украина како преговарачи и Франција и Германија како посредници. Во писмено соопштение, Русија и Украина се согласија на ослободување и размена на сите „лица притворени во врска со конфликтот“ до крајот на годината. Двете страни ветија и дека ќе ги расформираат вооружените сили во три дополнителни региони на Украина до март 2020 година, без да прецизираат за кои региони станува збор. За четири месеци ќе се одржат дополнителни разговори за да се утврди напредокот во прекинот на огнот.
Самитот во Париз и првата средба меѓу Путин и Зеленски завршија со четири различни верзии на настанот, оценуваат набљудувачите. Путин ги поздрави разговорите во француската Елисејска палата како „важен чекор“ кон деескалација на конфликтот. Од друга страна, Зеленски оцени дека малку било постигнато на состанокот и дека очекувал да види повеќе решенија. Тој сепак нагласи дека прашањето за извозот на руски гас преку гасоводите низ Украина е „деблокирано“ по спорот околу тарифите за транзит, како и дека ќе биде разработен договор.
Русија и Украина продолжуваат да не се согласуваат за прашања како што се повлекување на силите поддржани од Русија и изборите во областите на Украина што се под контрола на сепаратистички бунтовници. Путин исто така повика на промена на Уставот на Украина за да му се даде посебен статус на регионот Донбас, кој е под контрола на бунтовниците. Тој исто така се заложи и за амнестија на луѓето што учествувале во окупирањето на украинската територија. Зеленски на прес-конференцијата изјави дека Украина нема да прави никакви територијални отстапки во замена за мирот.
– Денес видовме разлики. Не најдовме магично решение, но забележавме напредок – оцени францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше домаќин на разговорите заедно со германската канцеларка Ангела Меркел.
Таа исто така оцени дека има добра волја за решавање на тешките прашања.
„Ројтерс“ наведе дека разговорите во Париз траеле девет часа и оцени дека говорот на телото на Путин и на Зеленски бил „ладен“, односно дека тие јавно не се ракувале и дека избегнувале контакт со очи.
Бившиот комичар Зеленски во април беше избран за претседател на Украина по ветувањата во предизборната кампања дека ќе стори сѐ за да обезбеди мир во Источна Украина. Неговата стратегија оттогаш се фокусираше на обновување на разговорите со Москва. За да се случи тоа, Зеленски мораше да се согласи со некои руски барања, меѓу кои и повлекување на украинските сили од источните градови. Неговите критичари го обвинуваат дека прави отстапки кон Русија.
Претставници на НАТО и на западни разузнавачки агенции постојано ја обвинуваат Русија дека испраќа тешко оружје и сили во Источна Украина за да им помогне на сепаратистите. Русија ги негира обвинувањата, но признава дека руски „доброволци“ им помагаат на бунтовниците.
Во септември, Зеленски доби пофалби за долгоочекуваната размена на затвореници со Русија, која тој ја опиша како „победа“ што произлегла од телефонскиот разговор со рускиот претседател. За да го овозможи самитот во Париз, Зеленски го прифати договорот од 2016 година со кој им се доделува посебен статус на сепаратистичките делови од украинскиот регион Донбас.