Кон претставата „Ревизор“ на дипломираните студенти на ФДУ во класата на Мими Таневска Србиновска
Хлестаков е симбол за вечниот живот на земјата. Хлестаков не лаже, тој само ја поттикнува лагата во секого од нас. Тој е поддржувач на гласот што нѐ учи дека најважно во животот е да сакаш, а не да можеш. Многу сакаат, малку можат. Хлестаков е вербата дека секој може. Хлестаков дебело наплатува од измамените, наедно уверувајќи ги дека не е поткуплив. Тој им го руши интимниот живот, им ги обљубува жените на оние што бараат преку него да ги реализираат своите детски соништа, притоа убедувајќи ги дека немаат рогови на главата, односно дека нивниот успех во животот е поради тоа што имаат верни жени. Тој е погубувач на здравото општество, на вистинскиот живот, продавајќи рецепти за победа на стравот, односно за комфорен живот и конформистичко однесување…
Шшш! Испратија порака актерите од сцената. Како да сакаа да кажат: Шшш! Молчете, никому не кажувајте му за она што го гледате и слушате, зашто можеме да ја налутиме лагата. Да ја налутиме таа што е посилна и поинтересна од вистината. Зошто да ѝ се поклонуваме на лагата? Зашто е подобро секој жив да знае дека е вистина, а не лага постоењето на господ и задгробниот живот. Подобро е секој жив да знае дека за отстапувањето од десетте божји заповеди, односно поради тоа што ќе украде, што не ќе ги почитува блиските, што ќе лаже, што ќе убива, нема да биде казнет, туку ќе добие мандат за водач на народот, односно неговите дела ќе бидат пример за успех во животот.
Шшш! Испратија порака актерите од сцената како да сакаа да кажат: Никому не кажувајте му за оваа претстава, зашто нејзиниот успех може да им ги потопи бродовите на многу актери во националните театри (ги има булук). На актерите што длабоко се поклонуваат пред Хлестаков во себе.
Пред десетици години Љубиша Георгиевски во еден разговор за тоа како треба да се оценува претставата ми рече: „На работно светло. Добра претстава се гледа на работно светло.“ И во право е професорот, зашто на добро обмислениот конфликт не му требаат ниту зурли, ниту тапани, ништо повеќе од два стола, па дури и на светлост од мобилни телефони (пример е неодамнешната претстава во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, која поради дефект во електричната мрежа продолжи под светлоста на мобилните телефони). Во претставата „Ревизор“ станавме сведоци на актерски реалитет свесен дека за нечие задоволство треба да проектира препознатлива присутност на сцената. „Претставите се гледаат од 14-от ред во партерот. Ако оттаму можеш да слушнеш и видиш, претставата е погодена“, му рекол Илија Џувалековски на Љубиша Георгиевски. Констатацијата е точнa зашто нема фигурално предметна композиција ако таа не е во согласност со сценската геометрија и актерската вештина во изразот. Еластичноста на телата, точно одредените движења, јасно и гласно изговорените говорни партитури, ја прават сценската изјава податлива за коалициска врска со публиката. Дипломираните актери во класата на Мими Таневска Србиновска во претставата „Ревизор“ покажаа дека се подготвени да ги совладаат сите сценски пречки што ќе ги одвои од умешно осмислената и прецизно изведената сценска игра. Штета што ФДУ нема театарска сцена со постојан репертоар. Претставата „Ревизор“ ќе ги урне сите рекорди на гледаност.
Трајче Кацаров