МОЈАТА ПЕСНА
Нешто убаво во мене има,
нешто прекрасно, над цветот цвет,
нешто ме радува, нешто ме смирува,
нешто ме вивнува ко птица в лет.
Нешто убаво во мене има,
нешто високо, небо што грее.
Нешто длабоко во мене има,
нешто ко скришно жарче што тлее.
Една љубов цвета во градиве мои,
од очите мои една радост зрачи,
една чудна птица сака да првне,
до синото небо дури да се качи.
Тоа е песната, песната моја,
што гради ми топли, што ме човек чини,
тоа е птицата што сака да летне
високо, високо во простори сини.
Тоа е песната што в срце се раѓа
и в очи ми налева пролетен сјај,
тоа е птицата што неспирно кружи
под родното сонце, над родниот крај.
И така додека пред очиве мои
птицата се нурка во синевината,
градите ми раснат, па чинам во нив
сета навлегува Татковината.
СРЦЕТО НА ТАТКОВИНАТА
Во изворот што клокоти, врие,
под оние карпи, под планината
ќе чуеш како спокојно бие
срцето на Татковината.
Во црцорот на штурецот весел
во росната трева по падината
ќе сетиш како ѕвони како песна
срцето на Татковината.
Во детските игри, во смевот што ечи,
во цветот, во лулката на убавината,
можеш да го видиш, можеш да го сетиш
срцето на Татковината.
Татковината наша големо срце има,
срце што за љубов со љубов нè храни.
Во срцето на Татковината драга
сите наши срце во едно се збрани.
УТРО
Те поздравувам, о, сонце,
што го почнуваш својот пат!
Те поздравувам што го позлатуваш
мојот роден кат!
Летот на гулабите бели
што пловат по брановите твои светли
свеченото кукуригање
на сите селски петли,
првиот ѕун на ранобудните пчели,
трепетот росен на афионите бели,
и на славејот милозвучната песна,
сронета во ова утро,
во оваа мугра пресна –
прими ги, о, сонце мило,
што изгреваш зад планината
како најубав подарок
од Татковината!
Наместо белешка за авторот
Глигор Поповски (с. Будинарци, Беровско, 1928 – Скопје, 2007г.) е еден од првите писатели за деца и млади во нашата земја и плоден преведувач. Завршил Учителска школа во Скопје. Работел како уредник на детските списанија на „Детска радост“. Негови најпознати дела се: „Со тротинет по цел свет“, „Бајка за детето Вилен“, „Сказни за Возовија“, „Црвената рака“, „Бојан“, „Планино, убавино“ и други.