Името на мајстор Мирко е поврзано и со отворањето на сефовите на Народната банка во Скопје по земјотресот. Сефовите биле заглавени, а нивните шифри ги знаеле само службениците што загинале во земјотресот. Мајстор Мирко помагал во таа операција за отворање, заедно со стручњаците што биле дојдени однадвор. За сигурноста на сефовите, покрај другите, гарантирала и осигурителната компанија „Ратнер“ од Лондон. Денес, две месингани тркалезни плочи на компанијата „Ратнер“, кои биле поставени на влезната врата пред сефовите, во специјална каса во дуќанот во чаршија, ги чуваат синот и ќерката на мајстор Мирко
Не знам кога и каде точно се запознавме со мајстор Мирко, еден од најпознатите бравари и мајстори во Старата чаршија. Но нашето пријателство стана толку блиско, така што немаше ден да не појдам кај него во дуќан, на почетокот од угорната улица што води кон црквата „Св. Спас“. Мајстор Мирко беше полн со приказни од чаршијата и од старо Скопје, имаше бескрајно широка душа, ги сакаше луѓето од сите националности со кои секојдневно соработуваше. Тој бил еден од главните фраери на скопското корзо во почетокот на 1950-тите години, па сите настани и доживувања од корзото ги раскажуваше низ анегдоти. Во тие години било строго забрането момчињата да носат долги коси и тесни панталони. Во спротивно, постоеле специјално инструирани луѓе, кои тука, на самото место, ќе ви ја скратат косата и ќе ви ги исечат панталоните. Онака, како божем на шега. А ако „не ви дојде умот“, казната навистина можела да биде строга: шестмесечна работа на браната во Маврово. За таму да земете малку воздух и да ги проветрите главата и мислите. А проветрувањето можело да биде и поинакво: да ве испратат на неколку месеци да живеете во некој друг град. Сето тоа не траело долго, наскоро дувнале ветриштата на либерализацијата.
„Една вечер“, раскажуваше мајстор Мирко, „излегов на корзо многу необично облечен. Сите гледаа во мене и не можеа да си поверуваат на сопствените очи. Беше крај на есента и веќе доаѓаше зимата. А јас излезен на корзото со летна кошула, по кратки ракави. А знаете зошто? Купив рачен часовник и сакав целото корзо да ми го види. Тогаш, да имаш рачен часовник, беше богатство, а згора на тоа, значеше да бидеш главен фраер. А да имаш часовник и никој да не ти го види, тоа е како да го немаш. Навистина, премрзнав, ама сите ми честитаа за часовникот“. Мајстор Мирко поседуваше многу фотографии од старо Скопје, меѓу кои и оние со гулабите од плоштадот. Тој единствено го знаеше и името на човекот што се грижел за исхраната на гулабите, тоа бил економот Фаик, вработен во општината. За да ја зачува таа своја љубов кон гулабите од пред земјотресот, мајстор Мирко, многу подоцна, секоја недела наутро доаѓаше во својот дуќан, пред кој се собираа големи јата гулаби и ги хранеше. Често навраќав и јас во недела кај него, кога чаршијата беше пуста, и заедно седевме пред дуќанот со гулабите. Бев сигурен, а и денес го имам тоа чувство, дека мајстор Мирко мечтаеше и си замислуваше дека тоа се истите оние гулаби од плоштадот. Тогаш ми раскажа една анегдота: повеќе мајстори купувале храна за гулабите во чаршија, само еден од нив ја одбегнувал таа обврска. Еднаш, истиот тој мајстор донел клучеви да му се направат во браварскиот дуќан. Кога дошол да ги земе, мајстор Мирко му ги фрлил клучевите на ќерамидите од спротивниот дуќан, со зборовите: „Кога ќе донесеш храна за гулабите, ќе ти ги дадам и клучевите“. Се разбира, низ насмевка, ги извадил од џебот резервните клучеви што ги направил, и му ги дал на мајсторот. Овој се стрчал во најблиската продавница и купил сѐ што било потребно за гулабите.
Браварскиот занает мајстор Мирко го наследил од својот татко Митре, кој бил познат специјалист за отворање сефови, доколку имало таква потреба во некоја институција. Името на мајстор Мирко е поврзано и со отворањето на сефовите на Народната банка во Скопје по земјотресот. Сефовите биле заглавени, а нивните шифри ги знаеле само службениците што загинале во земјотресот. Мајстор Мирко помагал во таа операција за отворање, заедно со стручњаците што биле дојдени однадвор. За сигурноста на сефовите, покрај другите, гарантирала и осигурителната компанија „Ратнер“ од Лондон. Денес, две месингани тркалезни плочи на компанијата „Ратнер“, кои биле поставени на влезната врата пред сефовите, во специјална каса во дуќанот во чаршија, ги чуваат синот и ќерката на мајстор Мирко.
И што е најважно: мајсторот беше полн со мајтапи, кои постојано ги бележев во мојот тефтер. Занаетчиите од чаршијата честопати играле и фудбалски натпревари, во кои мајстор Мирко бил – голман. Многу чаршиски анегдоти, мајтапи, весели случки и доживувања се поврзани со неговите подготовки да го брани голот на својата екипа, како што покажува и фотографијата што ја објавуваме. Кога ќе појдев во неговиот дуќан, ако го немаше, неговите ќе ми кажеа: „Побарај го долу, знаеш каде навраќа тој најчесто“. Мајстор Мирко често седеше во ќебапчилницата „Рио“, кај нашиот заеднички пријател Џевад. Пред да ја отвори ќебапчилницата, наспроти поранешна „Менада“, Џевад беше еден од најпознатите келнери во кафеаната „Кај Јоле“, која се наоѓа во сутеренските простории на Друштвото на писателите на Македонија. Во друштво на мајстор Мирко и Џевад ги обновувавме најубавите приказни за скопската боемштина.
Малку е познато дека на 2 февруари, „празникот на топлите браќа“, како што го нарекувале овој ден во чаршијата, се правел посебен ритуал – одење на визита кај некои мајстори. Им се носело на подарок сѐ што имало – дупка! Тој ден се меселе посебни специјалитети. Крофнички со – дупка, мали погачи, колачиња и ѓевречиња – со дупка! Но се подарувале и предмети со дупка, како приврзоци за клучеви или разни занаетчиски алатки. Мајсторите кај кои се одело на визита не се лутеле на овој мајтап, го прифаќале и биле задолжени дури и да честат. Поставувале богата софра за гостите. Следната година, други мајстори ги пречекувале гостите. Мајстор Мирко почина во 2000 година. Во негов спомен, но и во спомен на познатите мајстори и занаетчии, треба уште еднаш да ја повториме максимата: легендите никогаш не умираат.