Автор: Дејвид Анделман

Си-ен-ен

Оваа недела беше ставен во функција гасоводот „Моќта на Сибир“ долг речиси 2.900 километри и вреден 55 милијарди долари, кој ќе ги поврзува Русија и Кина и воедно претставува најзначајниот енергетски проект за Русија по распадот на Советскиот Сојуз. Тој претставува сведоштво за блиските, но за САД, многу опасни врски меѓу двете држави.

Ако ова не беше доволно за да предизвика морници кај американските стратегиски партнери, Иран сега најави дека ќе им се приклучи на Русија и на Кина во заедничките, едномесечни воени вежби во северниот Индиски Океан, кои ќе започнат на 22 декември.

Проектот за гасоводот ги приближува двата главни противници на Америка, кои некогаш беа жестоки непријатели, но домашните и меѓународните случувања ги сплотија за првпат во историјата. Во заедничката телевизиска конференција за претставување на проектот, рускиот претседател Владимир Путин го окарактеризира како „вистински историски настан за нив, поточно за Русија и за Кина“. Со гасоводот „енергетската соработка меѓу Русија и Кина добива ново ниво и ги зближува во постигнувањето на целта која заеднички ја поставија со кинескиот претседател Си Џинпинг, за проширување на билатералниот трговски приход до 200 милијарди долари во 2024 година“.

Слична изјава имаше кинескиот претседател Си Џинпинг кој проектот го нарече „почеток на нова фаза во соработката“. Но поголема загриженост треба да претставува инсистирањето на кинескиот лидер дека гасоводот е најсилниот доказ како „едно сеопфатно партнерство и стратегиска соработка влегуваат во нова ера“. Тој се согласи дека „развојот на руско-кинеските односи бил и ќе биде приоритет во надворешната политика на двете држави“.

Всушност постојат други слични проекти кои веќе се предмет на дискусија, како што е вториот гасовод „Моќта на Сибир“ преку кој ќе се обезбеди испорака на 30 милијарди метри кубни гас годишно наменети за западната кинеска граница со Русија и помалиот гасовод од островот Сахалин во најисточниот дел на Сибир, според „Фајненшел тајмс“.

Сега, двете нации дополнително ги зближија економските и политичките прашања на кои наидоа во односите со Америка и со Западот. Секоја страна бара алтернатива на европските и американските пазари. Русија сè уште се справува со западните санкции поради анексијата на Крим од Украина и постојаните вооружени напори да воспостави контрола врз регионот Донбас во источна Украина. Кина и натаму е замешана во жестока трговска и царинска војна со САД.

Со ваквата нова реалност на зајакнатото партнерство на двете нации, кои заедно располагаат со територија од преку 16 милиони километри квадратни што е околу три пати повеќе од територијата на САД и на која живеат 1,58 милијарди граѓани или речиси 20 отсто од вкупното население во светот, импресивна е заедничката моќ на нивните пазари, производството, природните ресурси, па и на армиите. Со правилна насока, ваквата моќ може ефикасно да неутрализира поголем дел од влијанието на санкциите или на зголемените царини.

Како би се распоредила една ваква масовна концентрација на моќ? Кина дефинитивно би била во позиција да ја прошири иницијативата „Еден појас, еден пат“ како противтежа на Транспацифичкото партнерство на Барак Обама, кое почна да слабее откако Трамп е на власт. Истовремено Русија бара средства да акумулира што повеќе западни валути, на пример долари, за нафтените и гасни ресурси што се столбот на економијата. Русија и Кина подеднакво бараат обединета противтежа во политичка и воена смисла со Западот, особено со САД.

Во јуни за време на тридневната државна посета на Русија, кинескиот претседател Си Џинпинг го нарече Путин „негов најдобар пријател“ што беше опасен знак за формирање на идно партнерство. Притоа лани беа изведени две успешни заеднички масовни воени вежби на армиите на двете држави и повторно годинава на која учествуваа стотици илјадници припадници на војската. Годинашната воена вежба „Центар“ исто така вклучи воени сили од Индија и од Пакистан, како и од руските клиентски држави Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан. Уште пострашно е што Русија и Кина успеаја да ги привлечат дури и војските на старите ривали Индија и Пакистан, кои честопати во минатото се наоѓаа на спротивните страни во секој натпревар помеѓу Кина и Русија.

Ваквиот зајакнат кондоминиум на Кина и Русија беше ставен на тест на овонеделниот самит на НАТО во Лондон со кој се одбележа 70-годишното постоење на Алијансата. Претседателот Трамп сака да го убеди НАТО дека Кина е главниот предизвик за Алијансата, а не долгогодишниот непријател Русија. Некои членки на НАТО, особено францускиот претседател Емануел Макрон, можеби нема да го поддржат.

Јасно е дека Русија и Кина немаат намера да се откажат од нивното затоплување на односите. Истовремено САД и нивните сојузници треба да почнат да соочуваат со реалноста од новото партнерство.

Превод: Билјана Здравковска