Самитот на НАТО во Лондон, според познавачите на внатрешните состојби на сојузот, веројатно ќе биде еден од највозбудливите во историјата на Алијансата. Напнатоста внатре во Алијансата се споредува дури со онаа што владеела во времето на Студената војна. Овој пат тоа е резултат на внатрешните несогласувања, па и значителните нејасни состојби од системска природа.
Кои се актуелни нерешени внатрешни конфликти во НАТО?
Пред сѐ, конфликтот на самото НАТО со својот член Турција, поради нејзината воена соработка со Русија, е суштински. Имено, двете земји воено соработуваат на североистокот на Сирија преку заеднички воени патроли крај турско-сириската граница. Понатаму, Турција и Русија политички соработуваат во Сирија преку Астанскиот преговарачки процес. И најпосле, Турција и Русија воено-технички исклучително добро соработуваат преку турското купување руско современо оружје, а пред сѐ противвоздушниот систем „С-400“!
Вториот внатрешен конфликт на НАТО е со Франција. Имено, тензиите со Франција се поради нејзините најави за потреба од реформи во Алијансата, неопходни за идната поголема функционалност на тој воено-политички сојуз. Доволно е да се присетиме на неодамнешните изјави на претседателот Емануел Макрон и неговите зборови за „мозочната смрт“ на НАТО.
Третиот сериозен и не помалку важен конфликт од претходните два, се заострувањата на и онака традиционално лошите грчко-турски односи.
Имено, пред два дена грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на седница на својата партија Нова демократија изјави дека на самитот на НАТО во Лондон ќе бара осуда на Турција поради нејзиното „провокативно однесување“, поради кое „сојузот не може да биде рамнодушен“. Турција, рече грчкиот премиер, „отворено го крши меѓународното право и отворено истапува против друг член (на НАТО сојузот)“.
Речиси истовремено, грчката делегација предводена од заменик-министерот за енергетика Димитрис Економу ненадејно ја напушти свеченоста на отворањето на „Трансанадолискиот гасовод“ (ТАНАП) во знак на протест против „провокативните изјави“ на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Турскиот лидер на свеченоста изјави дека Турција нема да ги сопре истражувањата и дупчењето (на нафта и гас) во заливот на Кипар и ексклузивната економска зона на таа островска земја во источниот Медитеран. Според зборовите на Ердоган, во Средоземно Море им се кршат правата на кипарските Турци за сопственост над енергентите во заливот на островот. Анкара, „дејствува во рамките на меѓународното право и никакви крици и бранови нема да ја сопрат“, нагласи турскиот водач.
И Блискиот Исток е искра за конфликтни состојби во НАТО
Има уште една состојба што долева масло во огнот на внатрешните недоразбирања во НАТО. Имено, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган застана во заштита на потпишаниот меморандум со Либија за морските граници, кој Анкара го потпиша со меѓународно признаената влада во Триполи, на чело со премиерот Сарај. Освен потпишувањето на меморандумот за разграничување меѓу морските зони, Турција и Либија потпишаа спогодба за воена соработка.
Но случувањата со Либија имаат многу подлабока заднина: Турција ја поткрепува службената влада во Триполи, а Саудиска Арабија, ОАЕ и Египет ја поддржуваат Владата на истокот на земјата и Либиската национална армија на маршалот Калифа Хафтар, кој го контролира најголемиот дел од земјата. А Турција и Саудиска Арабија последниве години „силно не се сакаат“ и се борат за доминација во муслиманскиот сунитски свет.
Ќе има ли воопшто некаков договор на НАТО-членките во Лондон?
Оттаму, челниците на НАТО, шефовите на држави и нивните министри за одбрана ќе имаат полни раце работа во Лондон. Внатрешните несогласувања, па и отворените непријателства, како оние меѓу Анкара и Атина, како и меѓу Анкара и Никозија, го отежнуваат постигнувањето договор околу важните прашања од безбедносен карактер, како донесувањето план за помош на балтичките држави во одбрана од „руската агресија“ (американски предлог што Анкара неодамна одби да го поддржи, барајќи, како предуслов за тоа, НАТО да ги прогласи курдските вооружени единици во Сирија (ИПГ) за терористичка организација, односно „закана за НАТО“), разговори за зголемување на издвојувањето за заедничка одбрана на 2 отсто БДП на сите членки на НАТО-сојузот, спроведување на претстојните воени вежби во Европа, прашања врзани со веќе истечените воени договори со Русија или оние што бргу ќе истечат и слично.
Па, иако не треба да постои сомневање дека членките на сојузот релативно лесно ќе се договорат околу тие „технички“ прашања, вистинскиот проблем (о)станува Турција, а веројатно, и француското тежнеење за позначајно дефинирање на улогата на НАТО-сојузот во иднина. За тоа, веројатно, наредниве години ќе се зборува уште поотворено, а ова сега сепак треба да се сфати како пробен балон на Макрон што во ниеден случај не треба да се третира како отворање на Пандорината кутија. Бидејќи во демократијата не би требало да има свети крави, т.е. за сѐ може отворено и аргументирано да се зборува, па така и за НАТО-сојузот. Бидејќи НАТО е сепак само институција, а не држава што има вечен меѓународноправен субјективитет (во светот само промените се вечни) и која сама решава за својата судбина. Значи, договор е неопходен како и во секој сојуз пред и по него. Се разбира, притоа секогаш многу добро се знаело кој е алфа и омега и каде ѝ е местото на секоја членка во сојузот, во формално непостојната хиерархија. Н.М.
(Во анализата се издвоени ставови на Зоран Метер, аналитичар од Геополитика.њуз)