АБОЛИЦИЈАТА СЕ ВРАЌА НА СЦЕНА, ПРАВНАТА ДРЖАВА ПОВТОРНО НА ИСПИТ

Според некои од аналитичарите, иницијативата на Уставниот суд за враќање во сила на аболицијата од пред три години на 56 лица-носители на високи државни и политички функции мириса на повторна амнестија и личи на нова коалиција помеѓу криминалот и политиката во пресрет на предвремените парламентарни избори

Иницијативата на шесте уставни судии што гласаа „за“ на дневен ред да биде ставен предлогот за оценувањето на одлуката на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за повлекување на аболицијата од 2016 година, со која се аболицираа 56 политичари и нивни соработници, со што индиректно се отвори можноста да се поништат сите процеси и истраги на специјалното јавно обвинителство, предизвика остра полемика во домашната јавност.

Се вратија и сеќавањата од пред три години, кога исто така имаше остри реакции на одлуката за аболиција на политичари, меѓу кои доста гласна тогаш беше и меѓународната заедница. Зошто сега повторно се враќа на дневен ред ова прашање?
Имено, со иницијативата поведена од мнозинството уставни судии се тврди дека, според Уставот, недозволиво е отповикување на еднаш дадената амнестија на тогашниот претседател Иванов од пред три и пол години според членот 11-а од Законот за помилување. За Уставниот суд нема дилема околу членот 11. За нив тој сѐ уште е дел од правниот поредок, односно аболицијата што ја дал бившиот претседател Иванов била уставна и во законодавствата на повеќе членки на ЕУ не постои можност за повлекување на даденото помилување.

– Ваквото дополнување на Законот за помилување, со кое се дава можност претседателот да го поништи веќе даденото помилување, доведува до нееднаков третман на субјектите. Претседателот во согласност со Уставот има право само да дава помилување, но не и да поништува, што значи дека Уставот не предвидува можност за повлекување на претходно даденото помилување – соопштија од Уставниот суд.
Според Судот, со воведувањето на можноста за поништување на даденото помилување во оспорениот закон се доведува во прашање неговата согласност со принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните предвидена со членот 8 од Уставот.

Пирамида на помилувањата од 2016 г.

Ваквата одлука на Уставниот суд за правните експерти не значи пропаѓање на процесите на СЈО, туку дека се отвора пат за да се случи тоа. Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски во изјава за „Нова Македонија“ вели дека ваквата иницијатива не држи вода, односно доколку го стори ова, судот може да го наруши правниот систем на државата.

– Ваквата иницијатива на дел од уставните судии не држи вода. Сепак, мој заклучок е дека ова што го прави Уставниот суд е поддржување на криминалот и криминалното лице на државата, што апсолутно не се согласувам. Сѐ се сведува на тоа таа одредба ја укинат, мислејќи дека со тоа ќе ги вратат дејствата многу од порано и нема да се водат сите овие постапки. Но на крајот сепак не очекувам ваквата иницијатива да помине и Уставниот суд треба да се надрасне и совлада самиот себе и еднаш засекогаш да ја запре оваа налудничава практика, која во јавноста се пласира единствено од политички побуди – вели Ивановски.

Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, кој е дел од владејачката коалиција, овие случувања ги нарекува театар на апсурдот.
– Иницијативата на Уставниот суд да ги врати во сила одлуките на Ѓорге Иванов за помилување на 56 лица-носители на високи државни и политички функции инволвирани во тежок криминал е театар на апсурдот. Тоа што тогаш не го направи Уставниот суд, го прават членови на Уставниот суд избирани од актуелниот парламентарен состав. Смрди на повторна амнестија и личи на нова коалиција помеѓу криминалот и политиката во пресрет на предвремените парламентарни избори – вели Трајанов.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

– Мислам дека таа одлука нема да донесе ништо добро за нас. Тоа е така бидејќи ќе оди спротивно на владеењето на правото и правната држава. Моментот исто така е многу лош за ваквата иницијатива, бидејќи во период кога не треба да имаме никакви притисоци, ќе имаме притисок од меѓународната заедница што ќе предизвика хаос во правосудниот систем, особено пред изборите во земјава – оценува Арсовски.
Во меѓувреме министерката за правда Рената Дескоска вели дека постојано се прават обиди за избегнување на правдата и за неказнивост на сериозни кривични дела. Обидите се движат од постојано одложување судски постапки до иницирање постапки до Уставниот суд за укинување членови на Кривичниот закон, а сега и на Законот за помилување, смета Дескоска.

– Целта на овие манипулативни обиди е постигнување неказнивост за кривичните дела што беа предмет на СЈО, а сега ги продолжи редовното обвинителство. Со отворањето на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за иднината на постапките што се водат за и врз основа на прислушуваните материјали – изјави Дескоска.

Таа вели дека не сака да прејудицира, ниту да влијае на тоа каква одлука ќе се донесе, туку дека сака да се спречи активирањето на незаконските амнестии дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Министерката ги повика пратениците уште денеска да иницираат автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Со свој став за иницијативата на Уставен вчера излезе и претседателот Стево Пендаровски. Шефот на државата Пендаровски иницијативата на шесте уставни судии што гласаа на дневен ред да се стави иницијативата за преиспитување на членот 11-а од Законот за помилување, ја коментира како директен напад на демократијата. Пендаровски апелира до судиите, како што рече, да се свестат навреме и да ја преиспитаат одлуката. Шефот на македонската држава не коментираше дали постојат правни механизми што се во негова ингеренција, кои би можеле да го спречат ова сценарио.

Инаку, иницијативата за која гласаа шест судии „за“, а три „против“ во Уставниот суд е стара речиси три години, но на дневен ред дојде дури во средата. Истата таа отвори сомнежи дека се подготвува амнестија на речиси сите обвинети во случаите што ги водеше СЈО. Станува збор за високопрофилни политичари што еднаш беа помилувани од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов во 2016 година, а потоа и брзо одмилувани по барање на помилуваните. Меѓу нив беа Сашо Мијалков, Никола Груевски, Миле Јанакиевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Гордана Јанкуловска, Горан Грујевски, Ирена Мишева, Љупчо Тодоровски. Стануваше збор за 41 одлука за помилување, а беа опфатени 51 лица. Лицата потоа побараа помилувањето да биде повлечено во согласност со членот 11, кој го овозможи тоа.

Деновиве судот ја прифати иницијативата за разгледување на уставноста на овој член и според експертите постојат две опции. Едната, како што објаснуваат тие, предвидува укинување на овој член, додека другата поништување. Доколку се укине, тоа ќе значи дека овие законски промени ќе се однесуваат на сите идни постапувања, но ако се поништи, ќе се однесува и на сите досегашни. Во превод, одмилуваните ќе станат повторно помилувани и сите постапки против нив на суд нема да можат да продолжат.


Аболицијата пред три години предизвика политички земјотрес

За потсетување, на 12 април 2016 година, Иванов без спроведување постапка преку Министерството за правда донесе одлука со која „се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни за време на политичката криза во 2016 година. Иванов ја соопшти одлуката на прес-конференција во неговата резиденција и притоа не наведе имиња, ниту случаи, на кои ќе се однесува амнестијата, но тврдеше дека неговата одлука е во интерес на државата. Ваквата одлука на претседателот тогаш предизвика масовни протести и палење на народната канцеларија на претседателот. Одлуката за аболиција тогаш беше остро осудена и од страна на целокупната меѓународна заедница.

Ваквата одлука во однос на истрагите на СЈО предизвика и сериозни последици за правдата во екстрадициски и во постапките за азил, за лицата што пребегаа од државата. По неколкумесечните протести низ улиците на Македонија, беа спроведени предвремени избори на кои дојде до промена на власта.

[email protected]