Само потпретседателот на Собранието, Зекир Рамчиловиќ, од државниот врв дојде на свеченото отворање на реконструираната Алипашина џамија во Охрид. Иако поканети, други политичари и државни функционери немаше. Од локалната власт, како претставник на ДУИ, беше присутен струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, но не и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Иако се најавуваше и присуство на високо политичко ниво од Турција, дури и самиот претседател Реџеп Таип Ердоган, сепак денеска во Охрид, црвената лента со поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, ја пресекоа двајца заменик-министри во турската влада, заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Јавуз Селим Киран, и заменик-министерот за култура и туризам на Турција, Ахмет Мисбах Демирџан.
На отворањето на Алипашината џамија присуствуваа и голем број верници.
Нејзината реконструкција почна во 2017 година и беше проследена со отпор на дел од жителите на Охрид, поради висината на минарето, поради тоа што наводно не била во согласност со проектот за реставрација.
Генералната дирекција на вакафи од Турција, преку нејзиниот директор Аднан Ертем, за турските медиуми информира дека џамијата во Охрид е изградена во 1573 година од страна на Сулејман-паша, а во 1823 година се извршени поправки од страна на белградскиот везир Али-паша од Мараш, по чие име и се споменува, истакнувајќи дека објектот е вакафско дело.
– Минарето на џамијата на везирот Али-паша, која е заведена под вакафот, урнато е пред 107 години, а џамијата што опстанала до денес е составена од дебелите основни ѕидови, чија основа претставува еднокуполен квадратен базен простор. По спроведениот тендер од страна на генералната дирекција на вакафи на Турција и во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид се доставени проекти што го прикажуваат оригиналниот изглед на џамијата и реставрацијата е изведена врз основа на тие документи. Проектот беше одобрен на 14 јуни 2016 година од страна на Високиот совет за заштита на културното наследство на Северна Македонија. Во согласност со проектот, реставрацијата на објектот започна на 22 март 2017 година. Со реставрацијата на џамијата, која е вакафски објект, одново е изградено минарето со висина од 32,5 метри, кое е урнато во почетокот на 20 век – изјавил Ертем.