Трета награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“
Ленче Милошевска
Од дете ја знам пештерата над селото Раштак. Колку пати во детството имам влезено и сам и со други деца. Има таму една дупка во која фрлавме камења, но никогаш не успеавме да го слушнеме звукот од паѓањето. Бездруго, постои некаква бездна или пат до внатрешноста на земјата.
Дедо ми Петре беше воденичар и татко ми го наследи неговиот занает. Правеа и воденичарски камења за себе и за сите воденици што како печурки никнуваа по должината на реката.
Татко ми со таков занает замина во Солун на печалба, заедно со неколкумина од селото.
Јас бев дете и ги чував овците над Раштак. И како денес паметам секогаш кога ќе се ослободев од добитокот одев да играм со децата во пештерата.
– Постои тунел, патека што ја врзува пештерата со градот Солун – велеше баба ми и јас бев уверен дека по тунелот би можел брзо да стигнам во Солун кај татко ми..
Еден ден ни го снема кучето Шарко. Почнав да плачам и ѝ реков на баба ми:
Јас ќе одам во пештерата да го барам Шарко. Пештерата ја викавме едноставно Пештер.
– Не, синко, не оди во Пештер, има таму самовили, ќе те грабнат. Потоа го остави сукалото со кое развиваше кори за пита, ги избриша рацете и ме зеде во скутот и почна да ме гали по косата.
– Ти знаеш, те имам само тебе, мајка ти отиде на небото, татко ти е на печалба. Јас, дедо ти и чичко ти сега сме ти родители. Ајде, одете сега со батко ти и приберете го добитокот.
– А кога ќе се врати татко ми? – ја прашав баба ми.
– Скоро ќе се врати, му испратив абер на татко ти најбрзо што може да дојде. Писмото го испратив по кучето Шарко, му го врзав на вратот и тој наскоро ќе стигне кај татко ти. Ете, затоа го нема Шарко, сега е веќе на крајот од тунелот, до вечер ќе стигне на пристаништето во Солун. Леле, колку ќе биде радосен татко ти кога ќе се врати и кога ќе види колку си пораснал.
Тоа утро заминавме со дедо ми на нива со ѕевгар волови. Дедо ми строг, како и секогаш, се обидуваше да ме научи на сите вештини во земјоделството и за сè што се однесуваа на работата со добитокот, небаре морав порано од сите други да станам возрасен.
Најчесто бев послушен. Кога стигнавме на нивата, ми рече да им го извадам јаремот на воловите и јас го послушав. Видов дека пречката на јаремот беше пукната. Си помислив дека самиот ќе ја поправам или можеби ќе направам нова. Симнав една гранка од костенот и почнав да ја обликувам со теслата. Во еден момент сетив голема болка, потече крв од раката и видов дека сум си го исекол палецот, кој висеше само на едно парче кожа. Погледнав накај дедо ми и видов дека се подготвува за орањето, знаев дека ќе ме искара и ја пикнав раката в џеб.
По некое време оздола ја здогледав стринка ми со тава јадење на глава. Седнавме да јадеме, а јас јадам само со една рака, другата со пресечениот прст, ја кријам во џебот.
– Какво е тоа однесување со рака во џебот, јадеш само со една рака! – викна дедо ми.
– Па, јас секогаш јадам со една рака – почнав да пелтечам.
– Е, ама лажење – рече стринка ми.
Не му беше тешко на дедо ми да стане и онака разлутен ми удри шлаканица.
Тогаш ја извадив раката од џебот, а тие извикаа преплашено. Не се сеќавам со што ми го намачкаа прстот, само знам дека го вратија на место, едноставно го прилепија назад и го заврзаа.
Прстот ми заздраве, само една црвеникава линија, речиси невидлива лузна ми остана за навек. Но дедо ми остана загрижен поради татко ми, кој вети дека ќе замине накратко, а него сè уште го немаше.
Баба ми криеше од мене голема тајна. Јас упорно го барав кучето Шарко, а таа секогаш исто одговараше: – Ќе се врати Шарко, наскоро, ќе дојде заедно со татко ти.
Мене ми беше сомнителен ваквиот одговор и отидов сам во пештерата, каде што со децата го имавме откриено тунелот за кој се велеше дека се протега до Солун. Почнав сам да ја истражувам, но во еден момент тунелот што го откривме со децата стана тесен и многу мрачен. Бев сам и слушнав некакво страшно ехо, можеби се одронија некои камења и престанав да го барам кучето Шарко. Брзо почнав да се провлекувам назад низ тунелот, сетив некаков непријатен ветер или провев и ме фати ужасен страв. Почнав да трчам и да се тркалам низ тесниот простор и со олеснување издишав кога ја здогледав силната светлина на отворот.
Продолжив да трчам накај дома и токму кога наближив кон дворот, во пресрет залаја кучето Шарко. Леле колку сум го измилувал! Шарко почна да ме лиже и дури од радост ме кутна на земја. Во тој момент, лежејќи на земјата, погледнав нагоре и го видов веселиот поглед на татко ми. Станав брзо и му се фрлив во прегратка.
– Синко, па ти си пораснал, убаво момче си станал! – извика тој, a за мене тоа беше најубавиот ден во животот.
Многу подоцна, како возрасен, влегов во Пештер. Уште на самиот влез ме дочека бран влажен воздух. Сакав да дојдам до местото каде што почнуваше тунелот од моето детство. Но одеднаш пред мене се исправи влажен ѕид од кој се цедеа шурки вода, кои се собираа во една темна и длабока локва. Тунелот го немаше, беше затнат со огромна карпа. И денес се чудам каде отиде тунелот. Можеби се затрупал од земјотресот во 1963 година.
Ленче Милошевска е поетеса, романсиерка, преведувачка. Родена е во Скопје. Завршила Филолошки факултет, група англиски јазик и книжевност, во Скопје. Работела како уредничка во издавачките куќи „Култура“ и „Македонска книга“. Членка е на ДПМ од 1999-та. Авторка е на четири романи: „Кумова слама“, „Три жени во три слики“, „Сатанска печурка“ „Аксиос ги дели приказните“, една збирка раскази; „Шех Вардар“, пет стихозбирки: „Жедната земја моја“, „Кадилница на денот“, „Камени пораки“, „Одложена мисла“, „Зборот е светлина“.
Застапена е во повеќе антологии на поезија. Нејзини стихови се објавени на англиски, романски, бугарски, турски и други јазици. Во Велика Британија престојувала две години. Преведува од англиски, српски и хрватски, има дваесет книжевни преводи и две награди.