Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Менциј“, во превод од старокинески јазик и со предговор и белешки на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија.
Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфуциј.
Книгата првпат интегрално се објавува на македонски јазик, со предговор, коментари и во превод од старокинески на Игор Радев. Предговорот, всушност, претставува обемна и пристапна студија, во која се обработени мислата на Менциј и историскиот контекст на настанокот на делото на Менциј.
Делата на Меницј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот – „Менциј“.
„Македоника литера“ претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфуциј (познати и како „Аналектите“ или „Изреченија“), „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це.