За разлика од соседството, каде што сегашното ниво на каматните стапки на банките не им ги гарантира приходите што ги имале порано, банките во Македонија сѐ уште успеваат да остварат профити на крајот на годината
Банките во соседството сѐ почесто со различни маркетиншки трикови се обидуваат да привлечат нови клиенти, но и да ги преземат клиентите на конкурентските банки, што, според упатените, укажува на жестока борба за клиенти во банкарскиот сектор, која во Македонија сѐ уште не се води толку отворено, но сепак се навестува, во прв ред, преку константното збогатување на понудите.
Еден од таквите примери во Србија е ветувањето дека со преносот на платата клиентот ќе добие награда од три илјади динари, но и дополнителни две илјади ако донесе пријател во банката.
– Ако донесете пријател да отвори сметка кај нас, ние ќе ве „почестиме“ со 2.000 динари, а ако тој го пренесе или рефинансира својот заем во нашата банка, наградата дополнително се зголемува – гласат некои од понудите.
Дека конкуренцијата во соседството се затегнува говорат и понудите од типот „ќе добиете понуда што нема да можете да ја одбиете“. Ваквиот начин на привлекување клиенти, според тамошните експерти, не е ниту нелегален, ниту незаконски, само е невообичаен.
– Пазарот се затегнува и банките ги користат сите можни средства за привлекување нови клиенти. Нивните деловни резултати се полоши и тие сигурно ќе бидат со послаби резултати од претходните години, само поради ситуацијата во врска со швајцарските заеми. Овие загуби треба да се надоместат некаде. Тие се на работ на профит и затоа вложуваат максимални напори. Ваквите стимуланси не се традиција во банкарството и тие претставуваат тренд на маркетинг во другите сектори, како што е трговијата – објаснува Зоран Грубишиќ, професор на Белградската банкарска академија (ББА) за „Блиц бизнис“.
Тој потсетува дека каматните стапки значително опаднале и забележува дека сегашното ниво на каматните стапки не им ги гарантира на банките приходите што ги имале порано. И во Македонија каматите и на депозитите и на заемите се значително намалени, но, сепак, нашите банки, особено поголемите, успеваат да остварат профити на крајот на годината.
Конкретно, ваквите чекори сѐ уште не ги применуваат банките во Македонија, но упатените велат дека борбата за клиенти е веќе започната и кај нас, за што сведочат новите продукти што ги нудат банките, а кои претходно беа веќе прифатени во светот и во соседството. Како што пишуваше „Нова Македонија“, во трката за клиенти нашите банки почнаа со воведување нови продукти покрај постојните, па сега заедно со кредитот даваат и животно осигурување, а нудат и здравственото осигурување, додека рефинансирањето е одамна познато и во нашето банкарско опкружување. Факт е дека кај нас во последниве години, заедно со порастот на кредитите, растат и депозитите, односно заштедите на граѓаните и на компаниите.
Како што упатуваат податоците од Народна банка, само во последниве пет години депозитите на граѓаните се зголемиле над 30 проценти.
– Вкупните депозити на домаќинствата, заклучно со октомври оваа година, изнесуваат 262.982 милиони денари. Во октомври 2019 година, стапката на годишниот пораст изнесува 9,3 отсто и е резултат на порастот кај сите компоненти (депозитни пари, краткорочни и долгорочни депозити во домашна и странска валута). Пред пет години, во октомври 2014 година, вкупните депозити на домаќинствата изнесувале 198.675 милиони денари. Оттука, заштедите на населението се зголемени за 32,4 проценти – истакнуваат од НБРСМ.
Од оваа институција во неколку наврати во изминатиот период укажуваа на потребата од окрупнување на нашиот банкарски систем.
– Окрупнувањето би значело зголемување на конкуренцијата, кое очекуваме да доведе до подобри услови за корпоративниот сектор и за населението како корисници на банкарските услуги и производи, како и до проширување на палетата производи што ги нудат банките, а под конкурентни услови – истакнуваат од Народна банка.