Првите настапи на македонските ватерполисти по осамостојувањето беа охрабрувачки – на турнир во Германија беа совладани сите седум противници. Следуваа победи и во мечевите од Европскиот куп

БОРО СТЕФАНОВСКИ (2)

Минатата недела преку преставувањето на еден од најекспонираните личности во ватерполото во Македонија, Боро Стефановски, практично накратко го опишав развојот на овој спорт кај нас. Ватерполото почна во рамките на пливачките клубови во Охрид и во Струга, за подоцна, особено по изградбата на двата затворени базена, да се пресели во Скопје. Тука прво беше формиран ПВК Работнички, за потоа да заживеат и други клубови од кои во почетокот, барем што се однесува до ватерполото, најпознат беше Вардар, за неколку години подоцна традицијата да ја продолжи Младост.

Заслуга за развојот на овој динамичен спорт, кој во поранешна Југославија беше многу популарен и со големи постигнувања, покрај Боро Стефановски, кој и денес е активен како тренер на Бета, имаа повеќе личности. Меѓу оние чија биографија е збогатена и со еден голем спортски опус секако е Климе Савин, кој беше познат пливачки маратонец, но со своето несебично залагање и помагање направи да се зборува за Скопје како за град на ватерполото.

За некои можеби ова ќе биде чудно, но зарем е мала работа да се создаде еден клуб како Вардар, кој успешно се натпреваруваше во Втората, потоа и Првата Б југословенска лига, а во натпреварувачката сезона 1981/82 во градот да се донесе и финалниот натпревар од европскиот Суперкуп помеѓу Бродомеркур и Барселона.
– Сето тоа најубаво зборува за ентузијазмот на Савин. Ние, поттикнати од тој негов самопрегор и ентузијазам за да не го разочараме се вложувавме комплетно во ватерполото и настојувавме да постигнуваме добри резултати. Но, тој не беше единствен, тука беше и Миле Битраков, потоа Миле Пеповски, Диме Ивановски и неуморниот Слободан Смилјановски-Муса. Благодарејќи на нив, а се разбира и на нас, активните играчи во тоа време, почнавме да постигнуваме добри резултати, а по осамостојувањето на нашата држава да учествуваме на многу меѓународни турнири, дури да бидеме и редовни актери во европските купови. Тоа особено беше евидентно во последната декада од минатиот век, кога под името на Младост одигравме неколку меча за паметење – вели Боро Стефановски.

ЧУДОТО ВО ШЕНБЕРГ

Враќајќи се кон минатите времиња и учествата на големиот број турнири, Боро Стефановски, кој веќе длабоко беше навлезен во тренерската работа, се сеќава на еден турнир во Германија, кој ќе остане вечно во неговата перцепција.
– Иако млада земја и уште неафирмирана на спортски план, особено во ватерполото, отпатувавме на еден турнир во германскиот град Шенберг во 1995 година. Јас, кој го учев тренерскиот занает од врвни стручњаци како феноменалниот Ковачевиќ и подоцнежниот селектор на Македонија Мечкиќ, ги собрав момците и заминавме на пат во неизвесноста. Не знаевме што нѐ очекува таму, а и немавме доволно меѓународно искуство. Сето тоа, иако во поранешна Југославија игравме на турнири, ме оптоваруваше. Сепак, ова беше едно ново време, во кое за Македонија и не се знаеше како за земја во која ватерполото се негува уште од половината на минатиот век. Кога стигнавме во Шенберг го имавме истиот третман како сите екипи, а ги имаше уште седум. Меѓу нив беше и Дуизбург, кој имаше големо меѓународно искуство, потоа Еншеде и уште пет други понепознати екипи. Почетокот беше охрабрувачки, победивме во првиот, потоа во вториот, па во третиот меч и така со ред ги нанижавме сите ривали и постигнавме седум победи. Тоа беше изненадувачко за сите љубители на ватерполото не само во градот-домаќин, туку и за големиот број Германци што ги следеа случувањата во ватерполото. Градоначалникот на Шенберг воодушевен од нашиот настап на крајот ни приреди прием на кој, покрај честитката за успехот, ни се заблагодари за врвната презентација. Тоа за нас беше дотогаш нешто недоживеано, истовремено и стимул за продолжување на започнатата работа. Многумина тогаш нѐ нарекоа чудото од Шенберг – се сеќава Боро Стефановски.

НАЈСИРОМАШНИ ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Можностите на ватерполо-клубовите беа познати. Постојано се среќаваа со истиот проблем – немањето пари. Но, и покрај тоа, благодарејќи на ентузијазмот, кој никогаш не згаснуваше, тие учествуваа на турнирите и од европските купови.
– Се снаоѓавме на најразлични начини. Собиравме средства од пријатели, од фирмите во кои работеа, често одделувавме и од сопствениот домашен буџет само да отпатуваме на некој турнир или значаен натпревар. Иако без скршена пара, сепак, ги совладувавме сите тешкотии и се боревме за афирмацијата на државата. По оној триумф во Шенберг, кога за нас разбраа надвор од границите на Македонија, ривалите нѐ очекуваа да настапуваме и во европските купови, бидејќи како самостојна држава со свој легитимитет во меѓународните асоцијации, имавме право на тоа. Во другите екипни спортови нашите клубови веќе на големо се натпреваруваа на европската сцена, а првиот официјален настап во европскиот куп го имавме во 1998 година – продолжи Стефановски.
Тоа беше само почеток на европската сцена. Финансиските проблеми продолжуваа, но Младост не се предаваше, се снаоѓаше и учествуваше во натпреварите. Дури, благодарејќи на одличната соработка со клубовите од Русија, скопјаните беа засилувани и со нивни играчи.

– Нема да заборавам уште два европски купа. Едниот беше во 1999 година, кога со мене како тренер работеше познатиот Молдавец Ѓеорѓи Јосипов, а во тимот имавме пет ватерполисти од поранешните советски простори, меѓу кои веќе беше удомен кај нас Виктор Мороз. На турнирот организиран во Скопје, тогаш го победивме фаворизираниот Марсеј, што беше примено како вистинска сензација во спортскиот свет. Но потоа загубивме од белградски Партизан и од Флоренција. Тоа беше големо искуство, што се покажа како корисно веќе следната година на турнирот во Вулагамени, крај Атина. Во конкуренција на домашниот Етникос, Салцбург и на Јадран од Херцег Нови не се предававме и во секој меч бевме на прагот од победата. Против Јадран дури водевме со четири гола предност, но на крајот загубивме. Сепак, доволно беше тоа што им влеавме страв во коски на нашите пореномирани противници – вели Боро.
Потоа Младост како да загуби здив, па Боро Стефановски станува тренер во новоформираниот клуб Локомотива, со кој на трите освоени титули на официјалните првенства на Македонија со Младост придодаде уште две.

ОСМИ НА УНИВЕРЗИЈАДАТА ВО РИЕКА

Боро Стефановски, и покрај недостигот од средства за нормално функционирање, беше неуморен и не се предаваше. Тој секогаш во себе наоѓаше сили за да прифати нови предизвици. Еден од тие беше да формира екипа за настап на Универзијадата во Риека.
– Таму го освоивме 8-то место. Ако имавме поголема среќа можевме да се бориме за пласман од првото до четвртото место. Но загубивме од Будимпешта со 6-8 и не ја искористивме шансата дури и за медал – вели Стефановски.
Сиромаштијата ги притискаше клубовите и многу настапи висеа во воздух. Тоа го знаеја ватерполистите, особено оние од првите генерации и ако имаа можност помагаа. Некои обезбедуваа опрема, други сместување и исхрана, трети превоз и слично.
– Така, кога учествувавме во групата Б од Европското првенство во Малта, сите трошоци ги покри Боби Спирковски, кој тогаш, а и сега повремено живее во оваа островска земја, а опремата ја добивме како подарок од „Орка-спорт“. Резултатски и не минавме лошо, меѓу 20-те екипи бевме деветти – вели Боро.

Има уште многу моменти што би можеле да се истакнат од кариерата на Боро Стефановски, кој продолжува да работи со младите пливачи и ватерполисти на Бета. Тој беше иницијатор и за формирање клубови во Куманово и во Штип, а две години од својата кариера помина како тренер во ПВК Славија од Прага. Неговите заслуги за одржувањето на ватерполото во Македонија се огромни. Тој е вистински ентузијаст, кој не потклекнува дури и кога многумина ќе помислат дека е во безизлезна ситуација. Оние, пак, што сакаат повторно да го видат на дело, може да дојдат на некои мечеви меѓу ветераните на ватерполото каде што, исто така, е вклучен во нивните активности.
Следната недела ќе ви го претставам Томи Стефановски, кој, пак, за разлика од постариот брат Боро, имаше многу доживувања и успеси на најголемите светски пливачки маратони. Тој забележа победа и на Охридскиот маратон, а пред 10 години беше третиот Македонец, кој по Нико Нестор (1959 година) и Атина Бојаџи (1969 година) го преплива каналот Ла Манш.


Лична карта

Роден: во 1965 година во Скопје
Кариера: Студент, Вардар, Младост, Славија (Прага), 8 Ноември (Штип), Локомотива и сега е тренер во Бета, репрезентација на Македонија
Успеси: ватерполо – пет титули екипен првак на Македонија, со Младост (три) и со Локомотива (две), прво место како тренер на меѓународниот турнир во Шенберг (Германија), учество на турнирите за европските купови со најзначајната победа над Марсеј. Пливање – голем број титули првак на Македонија во сите стилови во пионерска, младинска и во сениорска конкуренција.