Фото: Кристијан Јованоски

ЉУБИВОЕ РШУМОВИЌ, СРПСКИ ПИСАТЕЛ ЗА ДЕЦА

Мојата натамошна работа е во насока на поддршка на младите, преку академијата „Соработници на Сонцето“, но сѐ уште создавам нови песни, нови дела. Јас и не знам друго да работам, вели Ршумовиќ

Со големиот српски поет, писател и борец за права на децата Љубивое Ршумовиќ се сретнавме на неодамнешниот Меѓународен белградски саем на книгата, кој годинава се одржа по 64-ти пат. Се разбира, разговаравме за литературата за деца, за книгите, но и за други интересни нешта.

Целиот живот му го посветивте на творештвото за најмладите читатели. Според вас, која е целта на авторите што пишуваат литература за деца?
– Задачата на поезијата и на книжевноста за деца воопшто е да им ја приближи вистината на децата и што порано да ги подготви за суровиот живот што доаѓа со сите негови вистини, полувистини и лаги. Литературата за деца не е воспитувач, воспитувач е мислата што ја носи таа. Таа може да да им биде и помошник на талентираните деца, да видат како инспирацијата, тоа „изненадување на душата“, како што вели Шилер, повозрасните, подобрите и вистинските автори ја преточувале во книжевно дело.

Што е најважно еден автор да биде автентичен?
– Рембо во своето „Писмо до видовитиот“ вели дека поетот не треба да ја римува реалноста и да ја препишува, туку треба да биде пред другите. Поетот треба да се труди, да говори, да пишува, да бележи нешто за кое на тој начин дотогаш не е пишувано. Е, тука има опасна замка. Секој за себе мисли дека пишува посебно и најубаво. Некои и намерно пишуваат како нивните претходници. Некои се трудат да пишуваат како Јован Јовановиќ-Змај или како Стојан Тарапуза, но тоа не е тоа. Тоа не е автентичен, уметнички, оригинален јазик. Секој автор мора да се труди да создаде свој јазик, по кој ќе биде препознатлив за читателот.

Дали и денес книгата е најдобар човеков пријател?
– Секогаш е мртва трка меѓу кучето и книгата (ха, ха). Сепак, книгата е најголемиот човеков пријател. Книгата стара над две и пол илјади години не може да биде победена од таблетот или компјутерот. Еве, јас веќе имам проблем со работата со компјутерот. Кога внесувам текстови во него, морам да ги снимам барем на уште едно место, затоа што со еден струен удар, ќе исчезнат моите материјали. А книгата е книга. Во книгата сѐ стои онака како што е запишано.

Ја основавте академијата „Соработници на Сонцето“ како проект од фондацијата „’Ршум“. Ве молам, откријте им на нашите читатели како се станува соработник на Сонцето?
– „Соработници на Сонцето“ е синтагма на големиот Душко Радовиќ. Тој го има запишано следното: „Ведрината! Таа за мене, пред сѐ, е знак на детството, потоа знак за душевно и духовно здравје, а понатаму, ведрината е и повод и смисла за моето занимавање со литературата. Да се мисли ведро и ведро да се пишува, во смисла – едноставно, бистро и прегледно, читливо, кратко и јасно, тоа безмалку значи да се биде соработник на Сонцето. Затоа „Соработници на Сонцето“ го зедов како наслов на оваа академија, која всушност е литературен камп. Во август, во моето родно село Љубиш на Златибор се дружев со осум деца талентирани за пишување. Моите колеги и јас десет дена работевме со нив, односно се обидувавме ние да учиме од нив и тие од нас. Со нас беше и актерката Борка Томовиќ, која ги учеше децата за културата на говорот и ги ослободуваше од тремата. На завршната приредба на академијата, младите таленти рецитираа стопати подобро од нас искусните поети. Потекна од тоа што цел живот сум тажен оти немав можност да го запознаам Бранко Чопиќ, чија поема „Дедото, внукот и петгодишниот план“ ја знаев наизуст. Затоа сега сакам да им дадам можност на младите таленти да се дружат со писателите и да им дадеме ветар во грб. Значи, мојата натамошна работа е во насока на поддршка на младите, но сѐ уште создавам нови песни, нови дела. Јас и не знам друго да работам. Освен тоа, играм шах.

Кога би пишувале автобиографија за вас, кој дел од вашиот живот или кариера би го издвоиле?
– Тоа би бил периодот на моето рано детство, кое го поминав во Љубиш, зафрлено село во планината, со калливи улици, без струја. Таму немавме играчки, туку сами ги осмислувавме и ги правевме. Таму убавината на природата ја имавме насекаде и затоа нам, кои сме родени во такви места, убавината генетски ни е вградена.


Сестран и наградуван автор

Љубивое Ршумовиќ е роден во 1939 година во Љубиш. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, насоката за компаративна книжевност. Работел во Радио Белград, а потоа на ТВ Белград, каде што бил автор на емисиите за деца „Илјада зошто“, „Ајде да растеме“, „Фазони и фори“. Работел во издавачката куќа „Книжевни новости“, а бил и директор на театарот „Бошко Буха“ во Белград. Негови најпознати книги се: „Ma, што ми кажа“, „Татковината се брани со убавина“, „Сончање на Месечина“ и други. Добитник е на многу значајни награди, член е на Друштвото на писателите на Србија, претседател на Културно-просветната заедница на Србија и претседател на Советот на Меѓународниот фестивал за театар за деца во Суботица. Објавил 72 книги, напишал сценарија, режирал и снимил 600 емисии, а неговата најпозната емисија „Фазони и фори“ доживеала 142 епизоди.