Во познатиот научно-фантастичен филм „Фантастичното патување“ од 1966 година, подморницата со екипаж е смалена за да може да биде внесена во човечкиот организам и да излекува одредено заболување. Приказната од филмот послужи како инспирација за американските истражувачи да дојдат до потенцијално револуционерното откритие, пишуваат медиумите од САД.
Тим од Масачусетскиот технолошки институт (МИТ) ја адаптираше идејата, за да создаде генетски-инженирана бактерија на ешерихиа коли која ќе биде споена со модерна технологија и „спакувана“ во капсула. Нивната креација се нарекува „ИМБЕД“ што е скраетено од микро-биоелектронска направа, што била користена за да открие вишок на крв во стомакот на свињите, при испитувањата. По откривањето на вишокот на крв, капсулата испраќала сигнал што бил вчитан од паметен телефон, како и од компјутер. „ИМБЕД“ претставува спој на синтетичка биологија и на инженерство.
– Технологијата има потенцијал да открие богатство на информации за структурата и функцијата на телото, врските со околината и поврзаноста на болестите со лекарските интервенции – се вели во коментарот за истражувањето од страна на австралиски доктори.
Лекарите во САД се нестрпливи за да видат како ќе функционира технологијата, и покрај тоа што на нејзината евентуална употреба во лечењето на пациенти ќе се чека со години. Следен предизвик за истражувачите е да осмислат начин како да ја намалат капсулата. Се верува технологијата би можела да послужи како замена за колоноскопијата.