РАСТАТ АПЕТИТИТЕ НА ЈУЖНИОТ СОСЕД
И додека меѓународната група на експерти, предвидена со Преспанскиот договор, која треба да бара решенија за прашањата што произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитните знаци, сѐ уште е во фаза на формирање, односно такво тело сѐ уште не функционира, Грција побрза да осмисли и почне голема и скапа кампања за промоција на своите трговски брендови насловена „Македонија голема земја“ (Macedonia Great country). Со маркетиншки итро смислениот слоган, имплицитно се наметнува перцепцијата за грчкиот карактер на сѐ што влегува под поимот Македонија. Домашните експерти сметаат дека нашата држава мора најостро да реагира на оваа најнова грчка провокација, со која практично е прекршен и Преспанскиот договор
Истиот ден кога македонскиот премиер Зоран Заев на самитот во Солун имаше средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, грчката влада започна со голема и скапа кампања за промоција на брендот „Македонија“, која има амбиции од глобален карактер. Во видеото објавено од самиот грчки премиер Мицотакис, се вели „нашето (грчкото) наследство, иднина и култура се големи и затоа се користат фразите – голема земја, одлична храна, одлична технологија и добро вино“. Но она што е најпровокативно за нашата земја, Македонија, е главната порака, т.е. слоганот на кампањата, кој е напишан на англиски јазик, со значење „Македонија голема земја“ (Macedonia Great country). Со маркетиншки итро смислениот слоган, имплицитно се наметнува перцепцијата за грчкиот карактер на сѐ што влегува под поимот Македонија.
Два дена по големата промоција на оваа економско-маркетиншка кампања во Грција за „освојување“ на македонскиот бренд за нивните трговски марки со потекло од грчкиот истоимен регион, од македонската влада, особено од економскиот ресор, нема никаква реакција, па дури и се избегнуваат новинарските прашања на оваа тема. Случајно или намерно, дури и македонскиот премиер беше ставен во ироничен контекст да даде изјава во Солун дека неговиот грчки колега ќе се борел Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, токму на денот кога започнува грчката промотивна кампања за присвојување на сѐ што има придавка „македонско“.
Начинот на кој ќе се регулира употребата на трговските марки со името Македонија е дел од Преспанскиот договор, одреден во членот 1, став 3, алинеја „ж“, со кој се предвидува тоа да се реши во рок од три години, а за таа цел треба да се формира меѓународна група на експерти.
– Во врска со горенаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, страните се согласуваат да им дадат
поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуриран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата што произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитните знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво. За спроведување на претходно наведените одредби ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО. Оваа група на експерти ќе се формира во текот на 2019 г. и ќе ја заврши својата работа во рок од три години. Ниту една одредба од членот 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја – е наведено во членот 1, став 3, алинеја „ж“ од Преспанскиот договор.
Неформални извори од стопанскиот сектор, за „Нова Македонија“ откриваат дека меѓународната група на експерти, која треба да бара решенија за прашањата што произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитните знаци, сѐ уште е во фаза на формирање, односно дека такво тело сѐ уште не функционира. Со оглед на таквата состојба со спроведувањето на одредбите од економска природа во македонско-грчкиот договор, наспроти агресивната грчка кампања со која едноставно си го присвојува македонскиот назив, карактер и бренд за своите производи, логично се наметнува констатацијата дека Грција всушност го прекршува Преспанскиот договор. Уште повеќе ваквиот начин на приграбување од страна на Грција на сѐ што го содржи во себе терминот Македонија и македонско може да се смета и за директна и класична форма на иредентизам.
– Грчкото формирање нова трговска марка за производи од нивниот регион Македонија претставува директно и флагрантно кршење на Преспанскиот договор. Марката (слоганот) што ја одбрале за кампањата, „Македонија голема“, особено игнорира дека постојат и други Македонии, односно нашата, вистинската Македонија. Нашата страна мора најостро да реагира, бидејќи тоа прашање со трговските марки мора да се реши преку комисии, предвидени со договорот. Начинот, пак, на кој е објавена кампањата во Грција, при посетата на Заев во Солун и средбата со Мицотакис, е уште една грчка провокација на која исто така мора остро да се реагира – смета Никовски.
За потсетување, пред потпишувањето на Преспанскиот договор Грција остро реагираше на секое споменување на поимот Македонија и нѐ ословуваше како ФИРОМ или Скопје. Дури бевме принудени и споменикот на Александар Велики да го преименуваме во „Воин на коњ“. За сега Грција да отиде и чекор понатаму и да ја промовира голема Македонија, како само своја и единствена. Или онака како што само таа ја замислува и посакува. Притоа, продолжувајќи и понатаму да ги крши и меѓусебно потпишаните договори (Преспанскиот на пример) и меѓународните правни акти и закони.