Во полуфиналниот дуел Вардар загуби од Монпелје со 27-28, додека дебитантот Нант го совлада ПСЖ со 32-28. Во вчерашното финале играа Нант и Монпелје, додека Вардар и ПСЖ за третата позиција
И сезонава во ракометната Лига на шампионите (ЛШ) продолжи „проклетството“ на последните бранителите на титулата. Ракометарите на Вардар не успеаја да го надиграат мотивираниот тим на француски Монпелје во вториот полуфинален меч на фајналфор-турнирот во ЛШ во Келн и на крајот минимално, но заслужено загубија со 27-28, иако на полувремето противникот водеше со три гола предност. Ова беше наедно и прв пораз од тимот (кој во 2003 година стана европски првак, но по стариот систем на натпреварување н.з.), по двете победи на вардарци во нивните досегашни меѓусебни средби во ЛШ. А имаа можност за нерешен резултат и продолженија, ако последниот удар на левиот бек Вуко Борозан ја погодеше противничката мрежа. Сензацијата на годинашниот фајналфор-турнир во Келн, ја направи дебитантот во ова натпреварување, француски Нант, кој предводен од најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, го надигра фаворизираниот состав на француски ПСЖ со 32-28. Така, во вчерашното големо финале за титулата европски првак играа Нант и Монпелје, додека Вардар и ПСЖ ги одмерија силите за третата позиција.
– Монпелје играше точно така како што очекувавме. Се плашевме од некоја нова акција, но немаше, го играа тоа што го знаевме и за што се подготвувавме. Тоа што ние не одговориме на нивната игра, е друга работа. Сега мораме да се рестартираме поради нашите навивачи, бидејќи додека го носиме овој дрес должни сме докрај да се бориме за него – вели десното крило Иван Чупиќ, кој во ланското финале го постигна победничкиот гол со кој вардарци првпат се закитија со европската круна во ЛШ.
Монпелје, пак, застана на патот на Чупиќ да влезе во историјата, како прв ракометар со три титули во низа во ЛШ, откако е воведен системот на фајналфор, по освоените трофеи со полски Киелце и со Вардар.
Играта на Вардар во нападот беше неутрализирана, без решение против противничката одбрана со двајца истурени ракометари, крилата не добиваа правовремени топки, се немаше ширина во играта, па дури во еден момент кога индивидуалниот квалитет можеше да донесе пресврт, одбраната на црвено-црните не издржа докрај. Решавачката разлика ја направи отсуството на голманот на Вардар, Арпад Штербик, кој поради повреда беше заменет со Страхиња Милиќ, а дупките во одбраната дополнети со подобрата тимска игра на ривалот, го дадоа конечниот епилог.
Вардаровиот голман што се најде во олстар-тимот за оваа сезона, не беше во својата препознатлива форма, а во прашање беше и неговиот настап во вчерашниот дуел за третото место против ПСЖ.
– Не бевме на посакуваното ниво, онака како што знаеме да одиграме. Посебно потфрливме во одбраната, која пресуди околу конечниот победник, така што Монпелје заслужено е во финалето. Некои од ракометари по овој фајналфор заминуваат од Вардар и мене ми е жал што на ваков начин ќе се разделам од тимот каде што минав прекрасни години. Но тоа е ракометот, едноставно овој пат не заслуживме финале – истакна голманот Штербик, дополнувајќи дека, сепак останува желбата со победа против ПСЖ да се заокружи настапот во Келн.
– Многумина очекуваа Вардар и ПСЖ да играат во финалето, но ете ќе се соочиме во еден друг меч во кој секако, ќе се обидеме да дојдеме до победата – додаде Штербик.
Свесен за недоволно добрата и борбената игра на својот тим, е и стратегот на вардарци Раул Гонзалес, кој и покрај поразот, е горд и благодарен на сите свои играчи.
– Честитки за Монпелје, за нивната добра игра во Келн. Одиграа перфектен натпревар против нас. Во текот на целиот меч ние правевме грешки, а кога грешиш во нападот, тогаш високо ја плаќаш сметката на крајот. Во второто полувреме бевме за нијанса подобри, имавме шанса да победиме, но Монпелје едноставно беше подобар од нас во клучните моменти. Честитки за играчите, горд сум на нив. Четири години минавме заедно и немам лоши зборови ниту забелешки за нив – смета Раул Гонзалес.
Стоилов: Монпелје заслужи да биде финалист
На фајналфорот нема фаворити, сите имаат еднаква шанса, а тоа се покажа и сега. Ова беше тежок меч. Не се чувствувавме добро и тоа се виде. Монпелје играше многу агресивно. Ние имавме своја шанса, но тие имаа и малку повеќе среќа во финишот. Тоа е спортот. Монпелје заслужи да биде финалист. Двете екипи што условно беа аутсајдери, сега се во финале. Нема тука математика. Кој има повеќе мотив, повеќе среќа, повеќе сѐ, тој е финалист – рече Стојанче Стоилов, капитенот на црвено-црните.