Настрана острите критики за НАТО, Макрон не нуди јасно решение, а и покрај нуклеарниот арсенал, Франција ни оддалеку не е подготвена да ги замени САД како заштитник на Европа, оценува „Политико“
Министрите на Европската Унија дадоа зелено светло за 13 нови воени и одбранбени проекти, во рамките на иницијативата позната како Постојана структурирана соработка или ПЕСКО. Но ако се земат предвид најновите коментари на Емануел Макрон, тогаш можеби е подобро иницијативата да биде именувана ФРЕСКО, или безбедносен бунт предводен од Франција. Макрон предизвика дипломатска бура и ја разгоре дебатата за иднината на трансатлантските односи, со серијата провокативни изјави, вклучувајќи ја и најновата дека НАТО се наоѓа во состојба на мозочна смрт. И додека јавно неговите изјави наидоа на остри осуди, приватно многу европски претставници и дипломати сметаат дека Макрон е во право и оти другите европски лидери треба да се соочат со ограниченоста на НАТО, а особено со непредвидливоста на САД, најголемиот воен и финансиски поддржувач на Алијансата, и нивниот лидер Доналд Трамп. Сепак, истовремено овие претставници предупредуваат дека Макрон не нуди јасно решение и оти покрај нуклеарниот арсенал, Франција ни оддалеку не е подготвена да ги замени САД како заштитник на Европа, оценува „Политико“.
Подлабока анализа на изјавите на Макрон ќе покаже дека без разлика дали се согласувате со нив, најновите настани, особено конфронтацијата помеѓу САД и Турција околу северна Сирија, ја доведоа Алијансата на крстопат. Тоа сигурно ќе ги поттикне одбранбените иницијативи на ЕУ, како што е ПЕСКО, ќе ги засили американските барања за зголемено воено трошење од европските земји, и на крајот ќе постави многу тешки прашања за идните односи помеѓу САД и Унијата, што нема да може да бидат одговорени пред американските претседателски избори.
И додека во интервјуто за „Економист“ Макрон имаше остри критики за Трамп, тој исто така го обвини и поранешниот американски претседател Барак Обама за поткопување на западната Алијанса. Тој го обвини Обама за пренасочување на фокусот од Атлантикот кон Пацификот, истакнувајќи дека нереагирањето на употребата на хемиско оружје во Сирија, беше првата фаза од колапсот на Западниот блок.
Макрон ги засили своите критики за НАТО, прикажувајќи го како предупредувачки повик за европските лидери, кои треба да ја признаат реалноста на новиот меѓународен контекст и предизвиците со кои се соочува поредокот воспоставен по Втората светска војна. Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео и советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан побрзаа да се согласат дека НАТО е во опасност, но тие главно ги искористија забелешките на Макрон да ги засилат барањата на Вашингтон за поголема европска потрошувачка за одбраната.
Интересно е тоа што министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, беше еден од ретките европски претставници што јавно застана на страната на Макрон, иако тој порача дека ЕУ не би можела без НАТО во блиска иднина.
– Потекнувам од земја што не е способна самата да се брани, сметам дека дури и Европа не може сама да се брани. Затоа, би било паметно ЕУ да остане ангажирана со НАТО. Оваа воена алијанса може да преживее единствено ако координацијата се одвива нормално – истакна Аселборн.
Други европски дипломати сметаат дека анализата на Макрон е точна, но оти употребениот речник е погрешен. Коментарите на францускиот претседател ги принудија другите европски влади да се обидат да постигнат баланс помеѓу изразувањето на нивната посветеност кон НАТО и давањето поддршка за новите иницијативи на ЕУ. Од друга страна, некои од европските претставници и дипломати укажуваат дека САД се обидуваат да ги попречат воената и одбранбената соработка на ЕУ, укажувајќи на ризикот од непотребноста на НАТО. Според нив, САД всушност повеќе се загрижени за заштита на пазарот за американскиот воен и одбранбен комплекс.
Истовремено, како знак за одлучноста на Макрон, Франција има улога во десет од 13-те нови иницијативи, што беа договорени од 25-те членки на ЕУ што учествуваат во ПЕСКО, заклучува „Политико“.