Со развојот на настаните во Европа веќе станува јасно дека Обединетото Кралство со децении за време на своето членство во ЕЕЗ и подоцна во Европската Унија, постепено и упорно го градело своето ново царство, кое веќе не беше територијално со поддршка од колониите, туку финансиско царство базирано на нараснатата „финансиска индустрија“, базирана на новите финансиски технологии и на офшор-зоните, или „даночни прибежишта“ со претензии за стекнување клучно влијание на глобалните финансиски пазари
Во моментите кога добро осмислениот долгорочен процес за репозиционирање на Британија на глобално ниво беше речиси завршен, Обединетото Кралство конечно беше подготвено да ја напушти ЕУ и нејзините регулаторни механизми. Создаденото ново британско царство на финансиски оази сега ќе може да дише со полни гради, без правните ограничувања што ги носи со себе членството во Унијата.
Во неговиот центар се Лондонски сити и мрежата на британски финансиски институции и компании специјализирани за привлекување капитал извлечен со даночни слаломи и чудни трансакции од целиот свет, кои се распрснати не само на целата територија на Обединетото Кралство туку и на 14 негови прекуморски територии, како посебни јурисдикции под управа на британски гувернери. Со самото тоа новоизградениот британски финансиски комплекс, кој зазема огромни пространства на јужната хемисфера, од Атлантик преку Индиски океан до Пацифик, има глобален карактер.
Но за таквата геоекономска и геополитичка стратегија на Обединетото Кралство, објаснета во доктрината „Глобална Велика Британија“ не е доволно само напуштање на членството и формалноправно заминување од ЕУ туку новата империја е потребно да се заштити политички, безбедносно и воено.
Поморските сили на Британија повторно клучни за глобална доминација
Британија се наоѓа токму на правците што се протегаат низ клучните поморски комуникации на современиот свет и, всушност, се потпира на старите позиции на влијание на некогашното колонијално царство. Тие треба да се заштитат од влијанието на други сили и конкуренти, а тоа е невозможно без проекција на британската поморска и воена моќ на тие простори. Оттаму, британските оружени сили, кои по падот на Берлинскиот ѕид беа помалку или повеќе занемарени, според процените на британските стратези, сега е потребно повторно квантитативно и квалитативно да се засилат и да се доведат на ниво доволно за исполнување на функцијата за заштита на британските интереси на просторите на новата империја.
Јакнењето на британската воена морнарица, која во новата геополитичка концепција мора да биде присутна не само на Атлантикот, чија заштита за време на Студената војна и подоцнежното натпреварување со Русите беше и остана нејзина стратегиска задача, моментално е најважната цел во ревитализацијата на севкупната британска воена моќ. Кралската морнарица сега, со развојот на новата доктрина за глобална Велика Британија, заради британските трговски и финансиски интереси мора да ги контролира значајните поморски линии на комуникации на Индиски Океан и на Пацификот. Затоа Лондон забрзано работи на опремување и ставање во функција на две поморски оперативни групи, од кои секоја би била предводена од носач на авиони од класата „Квин Елизабет“, опремен со најмодерни американски борбени авиони „Ф-35Б лајтнинг II“. Во составот на борбените групи, освен придружните разурнувачи од класата „Даринг“ (тип 45) и новите фрегати тип 26 и тип 31, би биле и десантните бродови, од кои маринските и специјалните единици би можеле да дејствуваат длабоко на копно. Една ударна група носачи на авиони би биле распоредени западно од Суец на Атлантик, со бази на Карибите и на Фокландите, а втората оперативна група, источно од Суец на Атлантикот, во британската митска одредница за ширење на својата воена моќ. Таа би се потпирала на базите и упориштата на Блискиот Исток во сојузничките заливски монархии, на Индиски Океан, вклучувајќи ја и британската територија Диего Гарсија, која сега како воена база ја користат САД, како и во базите распоредени на териториите на блиските британски сојузници на Пацификот од одбранбениот систем ФПДА, во кој, покрај Австралија и Нов Зеланд, влегуваат Малезија и Сингапур.
Така, паралелно со дипломатските и економските напори за реализација на агендата за враќање на старите империјални позиции за изградба на некаква современа реплика на некогашното царство на темелите на новата финансиска индустрија, британската политика сака да ги обезбеди и потребните воени инструменти што би ја поддржувале новата конструкција на глобално влијание. Според документите на водечките британски експертски групи и изјавите на политичките претставници, т.н. тврда моќ треба сѐ повеќе да добива на значење во проекцијата на британските геоекономски и геополитички интереси.
„Тврдата моќ“ добива на тежина во британските геоекономски и геополитички интереси
Британското министерство за одбрана во декември 2018 година објави документ под називот „Мобилизирање, модернизација и трансформација на одбраната“, во кој се наведува: „Речиси по три децении релативна стабилност на меѓународните односи, светот повторно влезе во период на упорна и интензивна конкуренција и натпревар меѓу државите. Британскиот одбранбен систем во рамките на новото глобално позиционирање на Обединетото Кралство мора да се приспособи на промените“. Според таа студија, Министерството за одбрана, за да ги одврати и порази потенцијалните противници, мора британските оружени сили да бидат способни во секој момент да распоредат оперативна група од 50.000 војници каде било во светот, односно во зоните на интерес на британската политика. Тоа ги вклучува и наведените поморски групи собрани околу носачите на авиони, една дивизија копнена војска составена од три бригади и една група авиони составена од борбени, транспортни и извидувачки летала. Според британското министерство, вооружените сили во секој момент мора на морето да имаат распоредено една нуклеарна подморница вооружена со стратегиски проектили со нуклеарни боеви глави за стратегиско одвраќање.
По периодот на штедење на подрачјето на одбраната, Обединетото Кралство поради излегувањето од ЕУ и новото позиционирање на глобално ниво, почнувајќи од 2017 година, повторно ги зголеми вложувањата во одбранбениот сектор. Воениот буџет се стабилизира на околу 55 милијарди долари годишно, а во текот на 2017 и 2018 година владата на оружените сили им додели дополнителни две милијарди долари.
Тоа го овозможува одржувањето на бројната состојба на оружените сили од околу 200.000 професионални војници и офицери. Дополнително се вложени нови 13 милијарди долари од резервниот фонд за развој на четири нови нуклеарни подморници од класата „Дреднот“, вооружени со стратегиски балистички проектили што ќе го чинат британскиот буџет околу 39 милијарди долари. Тој износ претставува две третини на годишниот британски буџет за одбрана, но ниту воените структури ниту политиката не мислат да се откажат од изградбата на тие подморници, едноставно затоа што без нив глобална Велика Британија не би била глобална сила. Според студијата на Министерството за одбрана, во оперативна функција ќе бидат ставени двата носачи на авиони од класата „Квин Елизабет“, а во составот на флотата и натаму ќе останат шесте нови модерни разурнувачи од типот 45, досегашните 13 фрегати од типот 23 ќе бидат заменети со осум нови фрегати од типот 26 и пет нови фрегати од типот 31. По заокружувањето на програмата, во флотата ќе бидат и седум нови напаѓачки подморници од класата „Астјут“, 24 патролни чамци, 12 миноловци, пет десантни бродови и девет снабдувачки бродови. Во составот на морнарицата ќе има вкупно шест хеликоптерски ескадрили и 48 борбени авиони „ф-35“.
Зошто Британците имаат силна флексибилна индустрија и економија?
Традиционално, британските вооружени сили во мир се потпираат на помали професионални единици и не трупаат вооружување и воена опрема, што се однесува особено на копнената војска. Оттаму, прашањето на пример со колку оперативни тенкови располага Обединетото Кралство, сосема е ирелевантно, бидејќи тоа ќе има на располагање онолку борбени средства колку што му е потребно во одреден историски момент. Велика Британија, како впрочем и Германија, не мора однапред да произведува стотици тенкови и борбени возила, едноставно затоа што нивната индустрија има способност за брзо производство на потребните количества вооружување и воена опрема, а производствените линии и технолошкиот развој ги одржуваат со големи извозни зделки. Обединетото Кралство, од друга страна, секогаш на располагање ги има отворените американски арсенали и, благодарение на посебниот воен аранжман со САД, во секој момент може да ги добие потребните количества борбени средства. Тоа беше случајот и за време на воената интервенција во Либија, кога потрошените резерви авионски убиствени средства, пред сѐ наведуваните авиобомби и наведуваните ракети, веднаш беа надоместени од американски извори. Оттаму и впечатокот дека Обединетото Кралство има мала копнена војска, со недоволно боеви средства, е само привид, кој впрочем во историјата во повеќе наврати ги има измамено британските противници. Обединетото Кралство, како и Франција и Германија, во секој момент може да почне масовно производство на најсовремени системи на вооружување на копнената војска и за краток период рапидно да ги зголеми воените сили. Значи, според планот на Министерството за одбрана, копнената војска би била составена од релативно мало професионално јадро, кое би го сочинувале две оклопни бригади, две механизирани бригади, шест пешадиски бригади, една падобранска бригада и 15 ескадрили борбени хеликоптери и вооружени дронови, секоја со околу 15 летала.
Военото воздухопловство би располагало со 20 вооружени беспилотни летала, седум ескадрили борбени авиони „еурофајтер“, две ескадрили најсовремени американски авиони „Ф-35“, 26 патролни, извиднички и командни авиони, 44 транспортни авиони и 14 авиони цистерни за снабдување со гориво на другите авиони во текот на летот.
Во спроведувањето на својата нова геоекономска и геополитичка агенда, т.н. глобална Велика Британија, односно одржување на новото британско финансиско царство на остатоците на колонијалните позиции, Обединетото Кралство има намера да се потпира на стратегиското сојузништво со САД, кое британската политика сака да го нарекува „специјално партнерство“. Тоа се однесува и на воен и на економски план, бидејќи првиот потег што мисли да го преземе Лондон по брегзит е склучување билатерална трговска спогодба со САД. Но, како што укажуваат многу британски аналитичари, големо прашање е дали ќе успее Обединетото Кралство во блиската економска соработка со САД да го постигне сето она што сака и со што би ги заменила придобивките што ги имаше со членството во ЕУ. Имено, САД се сепак прва светска економија, а Обединетото Кралство дури петта и големо прашање е дали идниот трговски договор со Вашингтон ќе биде толку лукративен за Лондон како што се замислува.
Негување на специјалните односи меѓу Лондон и Вашингтон
На воен и на дипломатски план „специјалните односи“ меѓу Лондон и Вашингтон не беа секогаш идилични, како во далечната 1956 година, кога Вашингтон со дипломатски и политички притисок ги запре британската и француската воена интервенција на Суец, кога тие се обидуваа насила да ја вратат контролата над Суецкиот Канал, кој го национализира египетската власт предводена од Гамал Абдел Насер. Секако, Американците не го направија тоа заради поддршка на Насер, туку заради своите интереси. Во светлина на американското напуштање на блискоисточните сојузници Курдите и нивно препуштање на ножовите на сириските исламистички екстремисти поддржани со воена интервенција од страна на американскиот сојузник Турција, навистина на американските партнери им е потребно да имаат одредена задршка во односите.
Главно, интересите на Лондон и Вашингтон на одбранбен и безбедносен план во голема мера се совпаѓаат, така што сепак има малку простор за расчекор во таа сфера. Глобална Велика Британија како нова финансиска империја, покрај САД, сојузници и партнери гледа во целата т.н. „англосфера“. Веќе денес меѓу државите што ја сочинуваат групата со неформален назив „Петте очи“ – Обединетото Кралство, САД, Австралија, Нов Зеланд и Канада – постои изграден ефикасен систем на размена на разузнавачки информации што не се делат со другите партнери, па ни со членките на НАТО
Покрај сојузниците од т.н. англосфера, кои имаат глобално влијание, Велика Британија во обезбедување на воената контрола на правците на проекција на своето ново финансиско царство ќе се потпира и на постојните регионални сојузништва. На азиско-пацифичкиот регион тоа е одбранбениот систем ФПДА, во кој, покрај Австралија и Нов Зеланд, влегуваат Малезија и Сингапур. Во Азија британската политика сака да воспостави блиски сојузнички врски со Јапонија. На Блискиот Исток, пак, ги јакне безбедносните врски со моќната Саудиска Арабија и другите богати петромонархии од Советот за соработка во Заливот ГЦЦ, што ѝ овозможува изградба и одржување воени бази на подрачјето на Арапскиот Полуостров и Персискиот Залив. Британија сосема јасно ја изразува желбата за преземање на улогата на водечка сила во Персискиот Залив во соработка со нафтените џинови – арапските монархии од ГЦЦ – Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин, Оман и Катар, што ќе ѝ овозможи контрола на блискоисточниот енергетски басен и стратегиските насоки што ги поврзуваат Европа и Азија. Авионите на РАФ ја користат воената база Ал Минхад, јужно од Дубаи во ОАЕ, а британските поморски сили се базирани во пристаништето Дукм во Оман и во базите во Бахреин.
Паралелното јакнење на британската воена моќ, особено поморската моќ, распоредувањето на британските воени сили на позиции од значење за новото финансиско царство, олицетворено во доктрината за глобална Велика Британија, јакнењето на стратегиските сојузништва на Обединетото Кралство со земјите на т.н. англосфера, пред сѐ САД, Австралија и Нов Зеланд, па и ревитализацијата на старите блискоисточни и азиски воени сојузништва има јасна и остварлива цел – да се изгради одбранбен штит околу новото британско финансиско царство.
(текстот е извод од анализата на Марио Стефанов, „Воен штит на новото британско финансиско царство“)