Од зголемувањето на нивото на морињата и океаните можно е да бидат погодени трипати поголем број луѓе во периодот на овој век, отколку што претходно се веруваше, при што милиони ќе бидат загрозени од поплавување на морињата предизвикано од климатските промени, пренесе Би-би-си.
Ваквиот заклучок е резултат на новото истражување, кое го спроведе американската невладина организација за климатски промени.
Она што го утврдила организацијата е дека 190 милиони луѓе ќе живеат во крајбрежните области, кои до 2100 година ќе бидат погодени од зголеменото ниво на морињата. Денес, околу 110 милиони луѓе живеат во овие области, заштитени со ѕидови, насипи и други крајбрежни заштити.
Новиот зголемен број на луѓе изложени на ризик од поплавување е резултат на пресметките засновани само на умерено глобално затоплување и ограничен пораст на нивото на морето.
Резултатите од студијата се објавени во списанието „Нејчр комуникејшнс“ и нивната цел е да се поправат неточностите околу пресметката на поплавените површини од крајбрежните области, засновани, меѓу другото, и на податоците добиени од мисија на вселенско летало.
Спроведувачите на истражувањето, Скот Кулп и Бенџамин Штраус, велат дека проблемот со овие податоци е што некои крајбрежни подрачја се чини дека се повисоки отколку што во реалноста навистина се, и ова особено се однесува за областите покриени со вегетација, така што радарите ги бележат врвовите на крошните на дрвјата, наместо земјата.
Според новата студија, шест азиски земји – Кина, Бангладеш, Индија, Виетнам, Индонезија и Тајланд – некаде до 2050 година ќе бидат најтешко погодени од прелевање на морињата во крајбрежните региони.
Песимистичките пресметки за сѐ повознемирувачките климатски промени, се дека 630 милиони луѓе, кои живеат покрај вода, ќе бидат погодени од зголеменото ниво на морињата до 2100 година, а 340 милиони од нив до 2050 година.
Глобално, нивото на морињата со децении се зголемува за три милиметри годишно, а забрзувањето на овој тренд е сѐ позабележителен.
Меѓувладиниот панел за климатски промени минатиот месец објави дека просечното глобално ниво на морето може да порасне за 1,1 метар до 2100 година, според најлошото сценарио.
Научниците исто така предупредуваат дека на некои локации од крајбрежните градски области почвата многу брзо тоне. Таков е случајот во Џaкарта, Хо Ши Мин и Бангкок.