Фото: Дарко Андоновски

Во последниве десетина години, поголем дел македонски граѓани што уживаат во зимските спортови ги одбираат центрите во некоја од соседните земји, каде што, како што велат, и цените и услугите се далеку пред оние што можат да ги добијат во домашните

Маврово, Попова Шапка, Крушево, Пелистер, Кожув, Пониква се добро познати имиња на некогаш успешни и посетувани зимски локации, кои денес, за жал, и тоа не само поради моменталните временски услови, не ја уживаат истата популарност. Освен Маврово, кое има позначителна посетеност во зимските месеци, поголемиот дел зимски дестинации во земјава, иако имаат капацитети за развој на зимскиот туризам, функционираат со тешкотии. Во последниве десетина години, поголем дел македонски граѓани што уживаат во зимските спортови ги одбираат центрите во некои од соседните земји. Ако порано цените беа главен предуслов за ваквиот избор, денес корисниците, и покрај тоа што истакнуваат дека картите за ски-патеките се поевтини во Македонија, тврдат оти достапноста на услугата и квалитетот се многу поголеми во соседството отколку дома. Уште еден проблем на кој укажуваат граѓаните се високите цени во сместувачките капацитети, истакнувајќи дека во соседството цените се пониски, при што се добива многу подобра услуга.

– Изминативе години редовно зимувавме во Банско или во Боровец, но минатата зима се одлучивме за Пелистер, бидејќи цените за неколку дена престој во странство со вклучување на сите услуги, како изнајмување скии или друга опрема, се повисоки од претходните години. Навистина сме задоволни од услугата, ако ја споредиме со цената што ја плаќавме, но факт е дека има многу простор каде што може да интервенираат, како на пример да се подобрат сместувањето, заедничките простории… Сепак, услугите што се нудат во поглед на искористување на потенцијалите на планината за нашето четиричлено семејство, со две мали деца, беа сосема задоволителни – вели четириесетгодишнината скопјанка Тамара Поповска, која истакнува дека и годинава размислуваат да одат пак на Пелистер.

Но останува фактот дека последниве години поголем дел наши сограѓани се одлучуваат зимскиот одмор да го поминат во Бугарија или во Србија, а поретко на некоја од подалечните зимски дестинации. Генерално, цените на ски-картите во Маврово и Попова Шапка се поевтини отколку на Копаоник или Банско. Така, на пример, во Маврово дневна карта изнесуваше 1.100 денари, додека пак сезонската 9.990 денари. Во Банско, пак, дневна карта беше 2.000 денари, додека сезонската 47 илјади денари. Сепак, предноста во зимските центри во соседството се ниските цени на сместувачките капацитети, кои нудат евтини пакети.

– Зимскиот туризам е еден од најголемите потенциjали на нашата држава и, според нашата стратегија за развој на туризмот и според програмските активности и на Министерството за економија и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, зафаќа значајно место за развој. Министерството за економија во рамките на Програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи работи на продолжување на туристичката сезона, како за летните така и за зимските центри – велат од Министерството за економија.

Оттаму додаваат дека преку промовирање алтернативни форми на туризмот, зимските центри надвор од туристичката сезона успеваат да привлечат голем број туристи. Истакнуваат дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во рамките на промоцијата на земјава на странските пазари токму зимскиот туризам го промовира како значаен потенцијал на нашата земја.

– Со последните инвестиции во Попова Шапка од страна на ЕЛЕМ во шестоседот, како и со уредувањето на патот, сметаме дека ќе успееме оваа туристичка сезона да имаме поголем број туристи. Државата за развој на туризмот креира политики и предлага мерки што важат за сите туристички центри. За развој на дестинација потребни се инфраструктура, капацитети за сместување, промоција и квалитетна туристичка понуда. Сметаме дека со заеднички активности можеме да придонесеме во подобрување на туризмот во зимските центри – додаваат од Министерството.
Упатените сепак укажуваат дека за развој на зимскиот туризам е неопходен нов пристап, вложување во инфраструктурата и поголема вклученост на приватниот сектор.

– Во Македонија е неопходен нов пристап кон туризмот и кон ски-центрите. Мора да се подобри инфраструктурата, да се пронајдат форми за јавно приватно партнерство, или концесии што би се работеле со приватен партнер и кои ќе обезбедат конкурентност. Очигледно дека ако се остават состојбите како што се, тешко дека ски-центрите ќе напредуваат – вели професорот Наум Маринковски.

Само Маврово има позначителна посетеност во зимските месеци
Фото: Дарко Андоновски

Цените ги дефинираат туристичките работници

Од Министерството за економијата посочуваат дека последните години Владата овозможила преку европски фондови да се инвестира во туристичките локации, со користење средства од програми за развој на туризмот.
– Општините имаа можност да аплицираат во погранични проекти за развој, ИПАРД дава огромна поддршка за развој на руралниот туризам. Странските донатори како Светска банка, УСАИД, УНДП… исто така поддржуваат активности за развој на туризмот, така што сметаме дека треба да се искористат сите потенцијали за развој за да станеме конкурентни на пазарот и да ја подобриме туристичката инфраструктура – истакнуваат од Министерството.
Оттаму појаснуваат дека политиките на цените во сместувачките објекти ги прават самите туристички работници, и оти во тој сегмент како институција не можат да влијаат, но истакнуваат дека субвенциите наменети за туристи може да се користат и за зимските центри.
– Неопходно е за сите зимски центри да имаат стратегија за развој, да се види потенцијалот и да се предвидат мерки. Инвестиција во нови зимски центри каде што ќе се нуди исто како и во веќе постојните нема да ги даде очекуваните ефекти, ако истите тие не се дополнат со нови содржини, како спа-туризам, спортски активности, медицински центри и слично. Пелистер, Пониква и Кожув имаат огромен потенцијал и може да бидат многу успешни центри, но треба да се имаат предвид светските трендови и конкуренцијата во регионот за инвестицијата да ги постигне очекуваните резултати – додаваат од Министерството.


Потенцијал има, но не се користи

Сопственикот на туристичката агенција „Адриатик Маврово“, Ангел Иванов, вели дека капацитетите и условите што ги нудат ски-центрите во Бугарија ги нема во ниту еден центар во Македонија, поради што прв избор за нашите сограѓани уште долго ќе бидат ски центрите во соседството.
– Таму туристичките работници и хотелиерите прават сѐ за да ги привлечат и задржат гостите. Условите и содржините што ги нудат соседните држави во зимскиот период се одлични и воопшто не се споредуваат со македонските услови. Во хотелите со 4 или 5 ѕвезди во Бугарија се вклучени полн аранжман, современа соба, спа-услуги, шведска маса, а сето тоа за доста ниски цени и сосема очекувано е дека ќе привлечат многу македонски туристи. Македонија има невиден потенцијал за зимски туризам, 75 отсто од територијата е со планини, но државата не знае да го искористи тоа – објаснува Иванов.
Тој додава дека хотелите во нашата земја се стари, од времето на социјализмот, ски-патеките се несредени, инфраструктурата воопшто не е добра, а цените што се нудат се многу високи и поради тоа граѓаните се одлучуваат за она што им е подобро.