Доколку САД воведат некаков вид санкции кон Србија, можно е тие да не бидат насочени кон државата, туку да бидат персонални и насочени кон некои лица што се вклучени во синџирот на набавка на оружје
Заканите со санкции поради соработка со воената индустрија на Руската Федерација претставуваат политички притисок од САД врз Србија за таа да се дистанцира од политиката на Москва и да се откаже од идните набавки на руско оружје, наведуваат извори на весникот „Вечерње новости“.
Пораката за можни закани се очекува да ја пренесе лично Томас Зарзецки, функционер на Стеј департментот и раководител на работната група 231, кој е задолжен за спроведување на ембаргото кон рускиот безбедносен сектор. Тој денеска треба да ја посети престолнината на Србија и да се сретне со високи претставници на српските власти. Неговата посета се случува во текот на подготовките за испорака на рускиот ракетен систем „панцир“, со кој ќе се модернизира војската на Србија. Директорот на руската агенција „Рособоронекспорт“, Александар Михеев, во средата потврди дека тоа ќе се случи во наредните неколку месеци.
– Ракетните системи се составуваат, а српските специјалци се на обука. Сѐ се одвива според планот и нема да има одложување – изјави тој.
Воениот аналитичар Александар Радиќ оценува дека досегашната договорена испорака на руско оружје нема да биде ставена под санкции за Србија, но најверојатно до Вашингтон ќе биде упатено предупредување за идните набавки.
– Заканите со санкции се средство на политички притисок. Тие најверојатно од Србија ќе бараат да се дистанцира од Русија и да се откаже од набавка на ново оружје – вели Радиќ за „Новости“.
Доколку САД отидат толку далеку и воведат некаков вид санкции, повод за тоа ќе им биде набавката на хеликоптерите „ми-35“, затоа што тие се офанзивни средства. Можно е овие мерки да не бидат насочени кон државата, туку да бидат персонални и насочени кон некои лица, кои се вклучени во синџирот на набавка на оружје. Највисока цел во тој случај би бил министерот за одбрана во владата на Србија, Александар Вулин.
– Воена соработка со Русија имаат и некои земји од НАТО, како Хрватска и Унгарија. Тоа не е причина за воведување санкции од Америка. Досегашното оружје што е набавено од Србија не ја нарушува безбедносната рамнотежа во регионот. Но шпекулациите за системот „С-400“ и вежбата „Словенски штити“ им послужија на Американците да го отворат прашањето за воената соработка со Русија – објаснува Радиќ.
Претседателот Александар Вучиќ во изјава за РТС рече дека Србија продолжува со набавките на исклучиво дефанзивно оружје, но дека нема да купува оружје поради кое би била под санкции. Србија нема да купува ракети од системот „С-400“, затоа што нема доволно пари, беше дециден српскиот претседател.
Поранешниот амбасадор Среќко Ѓукиќ вели дека е можно Србија да биде под санкции од САД, како и сите други земји што купувале оружје од руските фирми, кои од администрацијата на САД се наброени во Законот за санкции.
– Има многу опции што се применуваат – од персонални санкции до фирми и конкретни лица од власта, како што е неодобрување визи, или нивните имоти да се стават под контрола. За разлика од многу поголеми земји, за што овие мерки се симболични, за Србија тоа не би било без значење – вели Ѓукиќ.