Во предизборниот амбиент во земјава, кој неминовно се создаде по договорот на партиските лидери за одржување предвремени парламентарни избори на 12 април, наредната година, како да се изгубија интересот и волјата дури и да се зборува за реформските закони
Комплексниот политички период во Македонија по недобивањето датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, се чини дека колку што е поволен за политички математики, исто толку е демотивирачки за спроведување на ветените и барем формално започнатите реформски процеси. Меѓу другото, францускиот скептицизам за проширување на Унијата, на домашен терен беше објаснет со недоволниот ангажман на политичките сили во Македонија за искрено спроведување реформи, кои ќе придонесат за владеење на правото и стабилизирање на правната држава. Иако пред самитот на ЕУ во домашната јавност беше релативизирано значењето на законот за јавно обвинителство, како услов за добивање датум, по разочарувачкото „не“ на францускиот претседател Макрон, амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, токму недонесувањето на тој закон го истакна како една од причините. И сите утешителни изјави на меѓународната заедница по одбивањето на датумот за ЕУ, сепак завршуваат со порака дека треба да се продолжи со реформите.
Сепак, во предизборниот амбиент во земјава, кој неминовно се создаде по договорот на партиските лидери за одржување предвремени парламентарни избори на 12 април, наредната година, како да се изгубија интересот и волјата дури и да се зборува за реформските закони. Меѓупартиските договори за законот за јавно обвинителство се замрзнати, а речиси и се заборавија забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците… Реформите во образованието, иако во оваа фаза не се таксативно наведени како услов за датум за почеток на преговорите со ЕУ, посредно преку добрососедските договори, служат како инструмент за уцена од соседите-членки на ЕУ, за нивна поддршка на евроинтеграциските аспирации на Македонија… А времето до евентуалната техничка влада од 3 јануари, сѐ повеќе се намалува, што правопропорционално ги намалува и шансите за сериозно спроведување на реформите.
– Постојат два аспекта на недостигот од интерес за реформи. Едниот е оној на јавноста, која триесетина години слуша за секакви реформи, а суровата вистина е дека по сите поддршки, субвенции, инструкции… ние сѐ уште сме нереформирана држава. Другиот е мачното сознание дека дури и да бидат направени тие реформи, вратите на ЕУ за нас ќе бидат затворени. По дебаклот со датумот за ЕУ, зборот „реформа“ доби и значење на мачнина дека треба да ги направиме за да му се допаднеме некому (сега на Франција, Макрон, Тимоние), а не затоа што имаме намера да ги спроведуваме и применуваме тие реформирани закони. Во овој миг, македонските политичари реформите ги гледаат како можност за пазарење во суровата политичка борба на наредните избори. Односно во политичкиот амбиент не постои волја за какви било реформи. Вистинската реформа би била ако на наредните избори избереме претставници во парламентот што помалку ќе го користат зборот „реформи“, а ќе носат функционални закони и ќе бидат чувари на Уставот и на законите – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Во однос на влијанието на изборите за интересот на политичките фактори во земјава да спроведуваат реформи, новинарот Зоран Иванов смета дека одлуката за предвремени парламентарни избори е најлошиот компромис за Македонија што досега го направиле СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
– Цела Унија се загна до пролет да попушти француската дипломатија, за сепак да го добиеме посакуваниот датум за почеток на преговорите, а ние напролет на избори. Точно, си подадоа рака за избори во април, а и тоа е најлошиот компромис што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ досега го направиле за Македонија. За избори тоа време е ни ваму, ни таму. И покрај се, извесно е дека земјава ќе го добие посакуваниот датум за почеток на преговори приближно во термин што се совпаѓа со изборите во април. Но дотогаш на партиите, наместо на нужните реформи што токму до април-мај треба Македонија да ги испорача, паметот ќе им биде во шпартањето по изборниот терен, по трка за потенцијални гласови. Времето до април практично ќе биде неповратно изгубено за сите, најмногу за земјава. Реформи, трајни и одржливи промени, власта не може да прави без опозицијата. Таквите ќе бидат дневни, шминкерски, краткотрајни, непродуктивни и неефектни за европските критериуми. Наместо лошиот компромис за избори во април, ќе беше покорисно партиите да направеа конкретен договор за две-три клучни реформи во администрацијата, на пример, нешто во правосудниот систем, некој конкретен и реален договор за образованието и здравството. Ем корисно за сите, ем силна порака до Унијата дека во земјава има политичка волја и меѓупартиски договор да исчекори кон од неа очекуваните европските стандарди. Значи, ако партиите се за Македонија, тогаш реформи наместо избори. Ако се за власт, нека си останат на избори наместо на реформи – вели Зоран Иванов.