И покрај кинескиот увоз на евтини обувки, сепак кичевските чевлари главниот проблем за драстичниот пад на работата го лоцираат во иселувањето на жителите на градот, пред сѐ младите и токму овој проблем даде најголем придонес да останат речиси без работа, а во топлите месеци да не можат да заработат ниту за најнеопходните потреби.
-Последните десетина години обемот на работа драстично се намали и има месеци кога не можеме да заработиме ниту за најнеопходните животни потреби. Проблемот не е само во евтиниот кинески увоз на чевли, туку пред сѐ е во зголеменото иселување на жителите на градот и ние буквално нема за кого да работиме кога нема народ и кој да кине чевли – вели Реџеп Карагоски, еден од малубројните активни чевлари во градот.
Тој најсликовито ја опишува состојбата со драстичното иселување на жителите на Кичево, кое од година во година добива сѐ повеќе на интензитет.
-Нашата работа е поврзана со потребата на месните жители, токму затоа иселувањето практично нѐ остави без работа, бидејќи има сѐ помалку луѓе на кои ќе им ги поправаме чевлите и кои имаат потреба од нашата услуга. Погледнете ја главната улица, фрекфенцијата на луѓе е многу мала и тие што се движат се стари лица и пензионери, а млади нема ни за лек. Сите се отселија и заминаа на работа на запад и ако овде нема работа, тогаш во Германија ја има и сите си ја пеат песната „На пат одам, за пат прашам, кој пат води за Германија”- по малку поетично додава Реџеп.
Тој посочува дека состојбата е толку загрижувачка што тој не гледа излез од овој нерешлив проблем.
-Да бидам искрен место за надеж и подобро утре не гледам, бидејќи секојдневно нови и нови тури месни жители со билет во еден правец заминуваат за Германија, Австрија, Швајцарија и други земји на запад. Ова празнење на градот се случува веќе цела деценија, од кога бројката на жители на Кичево рапидно опаѓа. Се плашам дека за пет, а најмногу за десет години, речиси целиот град ќе се исели, а ние ќе бидеме приморани да ги ставиме катанците на нашите дуќани и еднаш засекогаш да му кажеме збогум на занаетот кој ни донесе сѐ во животот, од егзистенција до многу пријатели и познаници – рече Реџеп и потсети дека повеќе нема работа ни во екот на сезоната, а тоа е есента и почетокот на зимата.
После овој емотивен разговор на мајстор Реџеп му се оросија очите, пушти по некоја солза од жал за убавите времиња кои неповратно заминаа. Повеќе ги нема соседите и пријателите да седат во дуќаните и да разговаат за сите теми од градот и од животот, ниту прочуените градски мајтапчии кои се веќе само историја.
Приказната на мајстор Реџеп ќе ви ја раскажат и останатите занаетчии и постари дуќанџии во градот затоа што пред очите на сите нив, идиличното гратче под Илиница полека умира.
Зоран Антоски