Репортажа на словенечки „Дневник“
Македонците се многу отворени и пријателски настроени кон странците. Таквиот однос е уште поочигледен кога станува збор за Словенците, најмногу поради децениската заедничка историја и постарите генерации, кои во себе носат длабоко вградена почит кон нашата нација, пишува словенечки „Дневник“
Отидовме во работна посета во земјата во која до неодамна се кршеа копја за нејзиното вековно име. По сѐ, дефинитивно може да кажеме – ќе се вратиме, но следниот пат како туристи. Сјајот и воодушевувачкиот изглед на македонската престолнина, не само поради многубројните светла туку и поради градбите и тврдокорните но бескрајно пријатни и гостољубиви домаќини, уште првата вечер ни ги заробија срцата.
Работната посета на Македонија беше планирана во рамките на соработката што постои помеѓу републиките на некогашната заедничка држава од која сите носиме убави спомени. Не само поради фактот што некогаш бевме сплотени под заедничко знаме туку и поради огромната срдечност и трудољубивост на тамошните луѓе, како и искрените ракувања, нашите професионални задачи беа зачинети со прекрасна пријателска дружба. Бевме одушевени од односот полн почит и видливата наклонетост кон словенечкиот народ од помладата генерација Македонци.
Од Љубљана до Скопје летавме со „Адриа ервејс“, авиокомпанијата што, и покрај сите турбулентни деловни и помалку деловни скандали и промени низ кои помина, Македонците сѐ уште многу ја почитуваат и со задоволство ги користат нејзините услуги.
– Им веруваме на словенечките авиопревозници и на германските автомобили – ми рече мојот сопатник, Македонец, додека летавме кон Скопје.
Воопшто не му пречеше фактот што полетавме со големо задоцнување, ниту пак се бунеше во врска со тоа, што не може да се каже и за неколкутемина Словенци што седеа околу мене. По слетувањето на скопскиот аеродром, забележавме видливи промени: аеродромот се менува, се модернизира, а патници има многу повеќе од времето кога последен пат бевме тука, приближно пред 20 години. Најголемиот дел од патниците се Македонци што работат во Европа, повеќето од нив живеат во Германија, а еден дел е стациониран во Швајцарија и во скандинавските земји. Получасовното возење до нашиот хотел не го ни почувствувавме, додека низ прозорецот со носталгија ја разгледувавме македонската престолнина. Скопје, секако, е доста различно од европските градови, но затоа многу личи на главните градови на преостанатите поранешни југословенски републики. Повеќето од архитектурата датира од времето на поранешна Југославија, особено онаа од предградието, каде што се сместени типичните работнички станбени згради.
Се сетив на господинот од авионот – да, има голем број германски автомобили, а повеќето од нив се од постаро производство и со германски регистарски таблички. Беше време на одмори, па затоа улиците беа полни со луѓе од дијаспората што дошле на својот заслужен одмор во татковината.
Зелената Македонија надвор од Скопје нѐ пречека со прекрасни зелени ливади и полиња, постојано наводнувани поради исклучително високите температури, кои буквално ги пржат почвата и асфалтот. Се разбира дека оваа држава е препознатлива и позната по најдобрите овошки и зеленчук, но кога во живо ќе ги видите огромните обработени површини, сепак останувате пријатно изненадени. По патот видовме и оризови полиња, добро наводенети и со убава зелена боја. Нормално, нашата посета не помина без кулинарски специјалитети и дегустација на нивното надалеку прочуено органско производство.
Скопје не е голем град, по големина може да се спореди со Љубљана. Поголемиот број згради се постари, но во срцето на градот интересно е да се види мешавината од архитектонски стилови. Прошетавме покрај објекти изградени уште во 18 век, за време на турското владеење, преку реалсоцијалистички или модерни згради со стаклени фасади, па до реплики на грчките храмови. Еден вистински микс од различни историски стилови, кој го заробува љубопитното око на туристот. Во најстрогиот центар на градот се наоѓа Археолошкиот музеј, кој не можете да го промашите, бидејќи оддалеку се истакнува со својата прекрасна архитектура. Изграден е во грчки стил и претставува една од најимпозантните градби покрај кејот на реката Вардар. Навечер добива речиси бајковит изглед, осветлен од сјајот на безбројните рефлектори и светилки.
Генерално, Македонците се многу отворени и пријателски настроени кон странците. Таквиот однос е уште поочигледен кога станува збор за Словенците, најмногу поради децениската заедничка историја и постарите генерации, кои во себе носат длабоко вградена почит кон нашата нација. За време на разговорите, многу од постарите жители ни рекоа дека ние, Словенците, бевме сметани за „оние културните, вредните“ и дека „имавме добра основа да станеме втора Швајцарија на Балканот“. Лесно е да започнете и да се вклучите во разговор со локалното население. По неколку почетни учтиви фрази, многумина ќе ви кажат дека имаат пријател или роднина со блиски врски со Словенија, некои работат, а некои се и целосно преселени во нашата држава. Многу поединци од средната и постарата генерација своето високо образование го имаат стекнато токму во Словенија. Секако, и денешниве млади Македонци немаат ништо против да се школуваат кај нас.
Цените во Македонија, во споредба со нашите, се доста пониски. Скопје, како и другите главни балкански градови, поради големиот прилив на туристи е малку поскап, но, сепак, може да се каже дека има пристојни цени. Најголемата ценовна разлика е надвор од Скопје, во провинцијата, каде што цените се дури за 50 отсто пониски од оние во Словенија. Не забележавме значителни разлики во однос на облекувањето. Со помош на медиумите, модните трендови пристигнуваат речиси во сите помали гратчиња или села.
И на крајот, без оглед на тоа дали се работи за деловна или туристичка можност, немојте да пропуштите да ја посетите Македонија. Запознајте ја оваа пријателска и убава балканска земја, уживајте во гостољубивоста на нејзините жители, како и во спомените на едно богато минато и влезот во новата, модерна ера. В.Б.Н.