По долга преговарачка ноќ во Брисел, лидерите на земјите членки на ЕУ постигнаа согласност за ставот кон Русија и нападот во Солсбери, пренесе МИА.
ЕУ лидерите преговараа нешто помалку од три часа за Русија и случајот со труењето на дувојниот руски шпион Сергеј Скрипал со рускиот нервен агенс “новичок„ во Солсбери, обидувајќи се да постигнат согласност околу финалниот речник.
“Европската Унија најстрого го осудува скорешниот напад во Солсбери“, гласи заклучокот.
“ЕУ се согласува со проценката на владата на Велика Британија дека е многу веројатно дека одговорноста лежи кај Руската Федерација и дека нема друго веродостојно објаснување.“
Токму околу одогворноста се кршеле копјата, некои држави биле резервирани додека не се спроведе истрага. Грчкиот премиер Алексис Ципрас пред почетокот на Самитот предупреди дека треба да се биде одговорен и да се истражи случајот.
Британската премиерка Тереза Меј ги брифирала своите колеги за информациите со кои располага од службите за случајот Скрипал и употребата на руско хемиско оружје, по што земјите членки изразиле целосна солидарност со Велика Британија, без оглед на Брегзит, објаснија лидерите по завршувањето на состанокот.
Тереза Меј ја поздрави изразената европска солидарност, и по крајот на првиот ден од Самитот изјави дека „Русија не почитува граници, тоа е против нашите заеднички вредности. Тука сме да ги одбраниме тие вредности“.
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, за медиумите порача дека овој речник е „максимумот“ кој можел да се постигне, и тој заклучоците ги оцени како „силни“. Додаде дека тоа е „лоша епизода во односите со Русија“.
Амбасадорот на ЕУ во Москва, Маркус Едерер, ќе биде повикан на консултации назад во Брисел, наведуваат локални медиуми. Не е исклучено Русија да одговори со реципроцитетни мерки, сметаат дипломати.
Лидерите на ЕУ разговарале и за Турција и строго ги осудија „постојаните илегални акции на Турција во Источниот Медитеран и Егејското Море“ и изразија „целосна солидарност со Кипар и Грција“. Советот во заклучоците изрази и „сериозна загриженост“ за притворените грчки војници во Турција и ја повика Анкара да ги реши проблемите брзо преку дијалог со земјите членки.
Поради неочекувано долгите разговори околу Русија, земјите членки посветија многу малку време на Западниот Балкан, информираше хрватскиот премиер.
Во заклучоците кус параграф го споменува претстојниот самит во Софија со акцент на конективноста во регионот и безбедносните и миграциски предизвици, како и потврдувањето на европската перспектива но без споменување на зборот „проширување“ во контекст на Софискиот самит. Повеќе земји членки на ЕУ одбиваат Софискиот самит да биде оценет како „Самит на проширувањето“, брифираат повеќе дипломатски извори во Советот.
Лидерите потврдија дека за проширувањето ќе се разговара на редовниот јунски самит во Брисел.
Лидерите немале време ниту да разговараат за прашањата поврзани за трговијата со Соединетите Американски Држави и новите царини на администрацијата на Трамп врз челикот и алуминиумот.
Иако Трамп вчера најави дека Европската Унија ќе биде исклучена од таа одлука, остануваат неодговорени прашања како тоа дали САД ќе бара нешто за возврат. Дискусијата за трговијата е оставена за денеска. На неа ќе присуствува Тереза Меј, по што таа ќе мора да замине, а лидерите ќе се состанат без Велика Британија согласно членот 50 на Лисабонската Повелба за да дискутираат за Брегзит.