Бутиците со половна облека се интересни за оние што сакаат да се облекуваат поинаку, затоа што има многу работи што не можат да се најдат во класичните продавници за облека во Србија
Продавниците за стара облека во Белград и низ Србија стануваат се попопуларни поради пристапните цени за купување половна и квалитетна облека од познати брендови. Меѓутоа, не секоја продавница нуди и добри производи, а купувачите треба да бидат внимателни кога пазаруваат во овие продавници, затоа што некои нудат облека со сомнителен квалитет. Таа разлика е видлива и според цените во продавниците со поквалитетни марки. Постојат и предрасуди кај граѓаните дека во овие продавници купуваат сиромашните, но во нив често се снабдуваат и припадниците на сите општествени слоеви, пишува „Новости“.
– Продавниците за половна облека ги собираат купувачите од сите бранши, а, главно, во нив пазарат оние што имаат пари. Купувачите што доаѓаат знаат дека можат многу поволно да се најдат одлични половни брендови од странство. Често овие модели не се стари ни една година, а продажбата се одвива со голема брзина – вели сопственичка на продавница во населбата Жарково во Белград.
Бутиците со половна облека се особено интересни за оние што сакаат да се облекуваат поинаку, затоа што има многу работи што не можат да се најдат во класичните продавници за облека во Србија. Сепак, многу од овие трговски објекти не успеваат да опстанат подолго време.
– Работата на овие продавници зависи од постојаните муштерии, а 20 отсто од купувачите се случајни минувачи. Заработувачката е доволна за да ги покријам трошоците за работењето и да остане за една просечна плата. Во некои месеци таа може да достигне и до 50.000 динари – вели сопственичката.
Во Србија дејствуваат и големи компании за половна облека од Словачка, која има развиено сопствена продажна мрежа во Европа. На целата територија има околу 20 продажни објекти што работат под ист назив, а во нив може да се најде облека од многу попознати светски брендови.
– Кај нас доаѓаат сите и секогаш има многу посетители. Секој ден изложуваме нови производи, а на пет недели правиме попусти на цените. Почнуваме со нови колекции, а кога има распродажби, тогаш цените на едно парче облека може да паднат и на 100 или 150 динари – вели раководителката на продажба во овој бутик.
Во нивните продавници фармерки од брендот „левис“ се продаваат за 1.800 динари. Свечените фустани од висок квалитет чинат по 1.500 динари. Цената на дебелите јакни се движи од 1.400 до 2.000 динари, на здолништата до 700, а на маиците до 400 динари. Најскапата облека или брендиран фустан чини 5.000 динари.
– Овде се наоѓаат интересни парчиња облека по пристапни цени. Не сакам да издвојувам многу пари за облека, повеќе сакам да вложувам на патување. Овде секогаш наоѓам нешто што ми се допаѓа – вели Милена.
Во овие продавници пазари и пензионерката Олга, која секој месец купува по нешто од половната облека. Меѓу редовните купувачи е и белграѓанката Јована, која сака често да ја менува облеката, затоа што цените се значително пониски.
– Овие продавници се идеални за мене. Кога нешто ќе го износам, им го подарувам на моите другарки или роднини – вели таа за „Новости“.
Парите со кои сопствениците на продавници за половна облека ја купуваат користената облека од развиените европски земји се наменети за хуманитарни цели. Сопствениците на брендирана облека што не сакаат повеќе да ја носат ја оставаат во специјални контејнери, а парите што српските трговци ги даваат за неа се даваат во хуманитарни фондови. Оваа облека потоа во српските продавници се продава за десетпати поевтино во однос на регуларната цена во странство.